Македонија
Димитров: Март ќе биде тест за геополитичките амбиции на ЕУ
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на покана на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, денеска во Солун учествуваше на конференцијата на високо ниво посветена на европската перспектива на Западниот Балкан „Од Солун до Загреб”.
Министрите за надворешни работи од регионот на Западен Балкан и од земји членки на ЕУ кои граничат со регионот, заеднички се заложија за силна, стабилна и обединета Европа во мир преку целосна интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија.
„За да може да се продолжи да се говори за европската перспектива на регионот, неопходно е постигнување консензус за зелено светло за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија без одлагање. Март ќе биде тест и за геополитичките амбиции на новата Комисија и на самата ЕУ за кредибилно глобално влијание. Што се однесува до нас, не сме совршени, но сметам дека сите ќе се согласите дека изградивме силно досие и испорачавме. Крајно време е и да се препознае важноста на моментот од страна на Европскиот совет и да се зграпчи шансата за заеднички успех“, рече Димитров.
На таа линија беа и дел од заклучоците на конференцијата од која произлезе и заедничка изјава, во која се изразува очекување дека согласно препораките на Европската комисија, ЕУ ќе донесе одлука за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија пред Самитот во Загреб во мај 2020 година.
На маргините на конференцијата, министерот Димитров оствари билатерална средба со Хелга Шмид, генерална секретарка на Службата за надворешни работи на ЕУ (ЕЕАС), на која разменија мислења околу актуелната атмосфера во рамки на ЕУ институциите и земјите членки, како и за евентуалните предизвици и можностите за заслуженото конечно исчекорување напред на Северна Македонија на евро-интегративниот пат. Од страна на на ГС на ЕЕАС, Шмид искажа признание за крупните чекори и напредокот што земјата го направи, изразувајќи надеж дека овој пат ќе има добри вести за почеток на преговорите.
Димитров имаше куси разговори и со учесниците на конференцијата, меѓу кои грчкиот МНР Никос Дендиас, хрватскиот МНР Грлиќ-Радман, црногорскиот МНР Срѓан Дармановиќ, словенечкиот МНР Миро Церар, како и со Мачеј Поповски, заменик-генерален директор за соседска политика и преговори за проширување при ЕК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

