Македонија
Димитров на средба со шпанскиот амбасадор: Годинава е клучна за одржување на кредибилитетот на ЕУ во регионот

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари средба со амбасадорот на Шпанија во Северна Македонија, Емилио Лоренцо Сера.
Вицепремиерот Димитров се надоврза на дискусијата остварена на средбата во октомври 2020 година, при што го информира шпанскиот амбасадор за континуираната посветеност на процесот на пристапување и ја претстави „Агендата: Европа дома“, со која се потврдуваат заложбите за испорака на резултати во приоритетните области од кластерот „Темели“ изразувајќи надеж дека одлуката за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија од март 2020 година ќе се ефектуира во пресрет на идниот европски самит, информираат од неговиот кабинет.
„Оваа година е можеби клучна година за одржување на кредибилитетот на ЕУ во регионот, што е од стратешки интерес и за земјите членки како можност за развој на модалитетите за продлабочување на билатералната соработка. Благодариме за поддршката на Мадрид, а имаме интерес и за техничка помош во клучните реформски области заради постигнување одржливи резултати“, истакна Димитров.
На средбата била реафирмирана поддршката од шпанска страна за европската перспектива на државата за што е неопходно почнување на преговорите за членство со Унијата што е можно побргу, а беше разговарано и за можностите за зајакнување на билатералната соработка помеѓу двете држави во главните реформски област, но и економската и инвестициската рамка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.