Македонија
Димитров на средби во Холандија: Потребен ни е процесот на пристапување во ЕУ
На првиот ден од работната посета на Кралството Холандија, министерот за надвоешни работи, Никола Димитров, оствари средба со генералниот директор на Организацијата за забрана на хемиско оружје, Ахмет Узумџу. Министерот Димитров на претпладневната средба изрази целосна поддршка за работата на Oрганизацијата – добитник на Нобелова награда за мир во 2013 год.
„Го поздравувам вашето лидерство – сè поважно во овие неизвесни времиња кога рамката на мултилатерализмот е разнишана“- истакна министерот.
На средбата беше разговарано за важните напори кои Организацијата ги презема во насока на имплементација на Конвенцијата за хемиско оружје. Димитров ја истакна посветеноста на Република Македонија во овој процес изразена и преку нашата актуелна координација на Источноевропската регионална група во Организацијата.
Димитров имаше и обраќање на реномираниот Холандски институт за меѓународни односи – Клингендал.
„Актуелниот напредок на реформите во Република Македонија може да има само позитивна корист од примената на холандската формула заснована на строгост и фер пристап – јасно идентификување на знаци на уназадување и недоволен напредок, но истовремено и вреднување на постигнатото. Искуството со кризата донесе зрелост во нашиот пристап. Не сакаме да станеме ЕУ земја членка само заради членството. Потребен ни е процесот на пристапување, којшто во основа претставува алатка за трансформирање на нашата држава во европска демократија“, истакна министерот.
Работната посета на Димитров во Кралството Холандија продолжува утре со средби со министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, обраќање пред членовите на Комисијата за европски прашања во Парламентот на Холандија, како и средби во Министерството за одбрана и холандското МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

