Македонија
Димитров од Грција: Не може условите за влез во ЕУ да не бидат европски
На покана на Фондацијата „Андреас Папандреу“ во соработка со регионот на Атика и градот Атина, од денеска заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров учествува на меѓународен симпозиум Сими, кој по 23-ти пат се одржува во Грција.
Утрово на првиот панел насловен „Што е иднината на Европа без Балканот?“ вицепремиерот Димитров се осврна на актуелните предизвици во пристапниот процес на Северна Македонија и влијанието врз политиката на проширување и кредибилитетот на Европската Унија.
„Драстичниот случај на Северна Македонија покрена сериозна загриженост за влијанието и кредибилитетот на ЕУ во регион чијашто иднина природно е да биде европска – во смисла на заокружување на процесот на европско обединување. Искачивме планина на нашиот пат, надминувајќи го проблемот со Грција преку Договорот од Преспа. Но, тој договор беше можен само затоа што Грција го прифати нашето право на самоопределување. Прашањето за тоа кои сме и каков јазик зборуваме е наше и во 21 век не е само неевропски туку е и непристојно друг да го прави. Дали една земја членка, само затоа што е членка, има право да поставува секакви услови на земја кандидат за влез? На пример, да побара да нема слобода на медиуми? Токму ова се случува. Значи тие услови мора да се на линија со европските вредности, оти, наречете ме идеалист, ама за мене, уште од студентските денови, Европа не е само економски џин, туку е збир на идеали и вредности и низ тие вредности треба да биде ценет нашиот напредок”, истакна Димитров.
Во однос на обидите за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, Димитров нагласи дека ова прашање е релевантно како за иднината на нашата земја, така и за иднината на Европа.
„Надминувањето на блокадата од бугарска страна е прашање кое тежи многу повеќе и одекнува подалеку од односите Скопје-Софија. Триото претседателства моментално предводено од Словенија вложуваат сериозни напори за изнаоѓање решение, бидејќи влогот е голем и на страната на ЕУ. Воедно, ова прашање ги поткопува и релациите меѓу граѓаните поради што влијае и врз перспективите за одржување стабилност. Политиката на вето создава антагонизам. На последните анкети нашите граѓани гледаат најголема закана токму од Бугарија. Затоа се надевам дека со идната бугарска влада ќе можеме да постигнеме разбирање за заедничка победа, и за нас и за нив и за регионот и за цела Европа. Истовремено, ние остануваме посветени на европеизацијата – спроведување на реформи за вградување на европските стандарди дома, бидејќи тоа и е суштината на пристапниот процес“, потенцира тој.
Фокусот на симпозиумот, којшто ги обединува истакнатите светски политичари, дипломати, научници, бизнисмени и активисти, е ставен на соработка по однос на глобалните постпандемиски предизвици со цел поттикунување идеи за креирање национални и меѓународни стратегии и политики во врска со социо-економските прашања, влијанието врз човековите права и демократијата, здравствената заштита и други релевантни теми. На панелот учествуваа и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, косовскиот премиер Албин Курти, заменик-директорката на ECFR Весела Чернева, извршниот директор на албанскиот Медиумски институт Ремзи Лани, научниот соработник на виенскиот Институт за хумани науки Иван Вејвода и геополитичката аналитичарка Антониа Колибасану.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска: Како никој не се сети да им каже во ЕУ дека самите во член 4 гарантираат немешање во внатрешните работи и почитување на уставните структури
Како може некому да ветите дека ќе го смените Уставот, кога Уставот може да го сменат само пратениците во Уставот. Како знаете, дека вие можете однапред да ветите нешто што не е ваша надлежност?, му порача кандидатката за претседателка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова на нејзиниот опонент Стево Пендаровски во телевизиско соочување вечерва.
„Деновиве Макрон даде изјава дека ЕУ не е само територија, туку е концепција на човештвото и правото. Е, од тоа тргнувам и јас кога размилувам за ЕУ. За нејзините темелни вредности и принципи без кои таа не е политине заедница туку е само машинерија. Значи таа не е догма. Што ќе направам јас? Најпрво ќе направам регионални чекори. Штом ќе завршат изборите јас сакам да разговарам со моите соседи и заради регионалната политика и заради очекуваната поддршка од нив. Сакам да објаснам дека и кога има една преговарачка рамка не е логична заканата со вето. И дека може, дури и кога преговарачката рамка е ваква, низ интерпретација поинаква да се примени. Од типот, ако вие речете дека нема да употребувате вето за идентитески прашања, за историските дилеми и слично, протоколите, туку за Копенхагенските критериуми, јас ќе бидам сосема согласна. Значи, мислам дека е време кога ќе се смени власта, да чуе што мислиме и ние. Оти тоа е дијалогот што е нужен за добрососедски односи. Ако некој не го кажувал и ова досега, веројатно и тогаш било се во нивни раце“, рече Силјановска-Давкова.
Понатаму, како што додаде, како никој не се сетил да им каже на оние од Советот и од Европската комисија и сите останати со тоа се рушат темелните вредности на ЕУ? Бидејќи ЕУ гарантира во членот 4 почитување на уставните и политичките структури, немешање во внатрешните работи, почитување на дигнитет и интегритет, различности, неставање на билатерални спорови во рамката. Ако тоа не го кажете, вие ќе останете на прагматичните решенија.
Доаде и дека ниту еден од темелите на кои почивала програмата на Пендаровски во 2019 година не останале. Сите се урнале и ништо не е остварено.
Македонија
СДСМ за Димитриевски: Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци
Ароганција е кога човек-партија одработува против своите довчерашни сопартијци и во тоа нема ништо социјалдемократски ниту вредносно туку единствено и само личен интерес, реагира СДСМ по обвинувањата кои ги упати Максим Димитриевски од ЗНАМ, дека дозволиле отварање на бугарски клубови во Македонија и нивната ароганција е ненадминлива.
„За тоа кој ги отвораше клубовите со имиња како Ванчо Михајлов адресата е Белиот дворец на ДПМНЕ. Многу позната адреса каде ЗНАМ ги договара идните чекори за соработка заедно со поддршката на Гордана Силјановска Давкова.
Освен сликите на Ванчо Михајлов по штабовите на ДПМНЕ доволно говорат сликите на Мицкоски со основачите на тие клубови по манастирите низ државава за кои не слушнавме ниту збор од ЗНАМ.
Дали е тоа поради враќање на стари долгови за локалните избори 2021 година во Куманово или нови долгови јавноста ќе види многу скоро“, се вели во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Утревечер и во петок нестабилно време со пороен дожд и грмежи
Времето утре ќе биде променливо облачно.
Од пладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град. Услови за пороен дожд ќе има во текот на ноќта. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.
Во Скопје променливо облачно. Од пладневните часови во делови од котлината ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на краткотрајно невреме. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 23 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови, следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Утре, во ноќта кон петок и во петок на повеќе места ќе има развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи, локално во форма на краткотрајно невреме со засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Дневната температура од утре до сабота ќе биде во постепено опаѓање, а во недела ќе се покачи за 2 до 4 степени..