Македонија
Димитров: Отворањето пристапни преговори нуди повеќе придобивки
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, продолжува со реализација на неговата агенда во рамките на генералната дебата на 74-тата сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.
На маргините на настанот, денес тој учествуваше на работен појадок на министрите за надворешни работи од земјите од Западен Балкан со Мачеј Поповски, заменик-генерален директор во Директоратот за соседство и преговори за проширување.
Состанокот е во организација на Регионалниот совет за соработка (RCC) и се дискутира за прашањата поврзани со европската перспектива и регионалната соработка во пресрет на заклучоците и заложбите од самитот за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес што се одржа во Познањ, Полска, во јули оваа година.
„Отворањето пристапни преговори со Република Северна Македонија нуди повеќе придобивки и можности: за процесите на трансформација дома, за кредибилноста на процесот на проширување, за идните компромиси како двигател на позитивите промени, како и за неминовноста да созрееме заедно и да го забрзаме темпото кон ЕУ. Мора да создадеме чувство на заедништво и да преземеме колективна акција. Стабилноста и просперитетот на земјите во регионот се меѓузависни“, рекол Димитров, соопшти МНР.
Тој посочил дека како иден копретседавач (прва земја од Западен Балкан заедно со Бугарија) институциите на Република Северна Македонија ќе дадат максимум во функција на дополнителна афирмација на европската агенда во регионот и нејзината целоисходност во регионални рамки преку практични проекти и иницијативи од приоритетно значење на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

