Македонија
Димитров: Преговорите со ЕУ се огромна шанса да создадеме европски услови за живот
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваше на видеосостанок заедно со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, ЕУ-амбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите членки на ЕУ во земјата, на иницијатива на хрватската амбасада во Северна Македонија во својство на хрватското претседателство со Советот на ЕУ. Повод на состанокот беше одбележувањето на крајот на шестмесечното претседавање на Хрватска со Советот на ЕУ, како и редовна размена на мислења и информации за пристапниот процес на Северна Македонија. Се зборуваше и за најновите случувања во ЕУ и на домашен план, како и за предизвиците со кои се соочуваат земјите од ЕУ и регионот на Западен Балкан во справувањето со пандемијата на Ковид-19.
„Преговорите со ЕУ се огромна шанса да создадеме европски услови за живот и работа за македонските граѓани. Уверени сме дека во втората половина на годината нашите тимови ќе почнат со конкретната работа врз поглавјата, односно кластерите на законодавството на ЕУ, како што е според новата методологија за водење на преговорите. Заедно со амбасадорите на ЕУ разменивме мислења околу состојбата со коронавирусот на европскиот континент и изразивме надеж дека започнатото единство и солидарност во справувањето со оваа закана помеѓу ЕУ и регионот на Западен Балкан ќе продолжи и понатаму со уште поголем интензитет и координација, особено во претстојниот период кога полека ќе почнат да се отвораат границите за слободно патување на нашите граѓани и ќе биде потребно да се обезбеди економско закрепнување за нашите компании“, рече Димитров.
Во своето излагање министерот Димитров се заблагодари за силната поддршка на Хрватска за европската перспектива на земјата, истакнувајќи дека токму во нејзиното претседателство со Советот со ЕУ се донесоа важни одлуки за политиката на проширување на ЕУ, а особено одлуката за Северна Македонија за почеток на пристапните преговори за ЕУ.
„Хрватското претседателство во мошне тешки околности и големи предизвици успеа да ја одржи политиката за проширување високо на агендата на ЕУ и тоа е големо постигнување“, истакна Димитров.
На средбата се реафирмираше и посветеноста на Северна Македонија кон продолжување со европскиот курс, реформските процеси и унапредување на добрососедските односи. Северна Македонија е подготвена и со нетрпение го очекува усвојувањето на преговарачката рамка и закажувањето на првата меѓувладина конференција што ќе означи конкретен почеток на преговорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Излезноста до 15 часот изнесува 18,18 отсто
Државната изборна комисија соопшти дека до 15:00 часот, на повторените избори за градоначалник во општините Врапчиште, Гостивар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, гласале вкупно 23.298 гласачи, што претставува 18,18 отсто од вкупно запишаните 128.286 гласачи.
По општини:
– Врапчиште – 21,01%
– Гостивар – 17,85%
– Центар Жупа – 10,99%
– Маврово и Ростуше – 18,60%
Гласањето се спроведува на 215 избирачки места.
Македонија
(Видео) МВР: Гласањето се одвива мирно, без нарушувања на јавниот ред и мир
Локалните избори кои се одржуваат во дел од општините на подрачје на СВР Тетово, односно ОВР Гостивар и СВР Охрид се одвиваат во мирна, фер и демократска атмосфера, информира Министерството за внатрешни работи.
„МВР презема мерки и активности во рамки на своите надлежности со цел непречено и безбедно спроведување на изборниот процес. До сега не се регистрирани инциденти или било какви нарушувања на јавниот ред и мир. МВР апелира до сите граѓани и до политичките партии, да придонесат за мирна и демократска атмосфера. Доколку има било какво нарушување на изборниот процес граѓаните да пријават во најблиската полициска станица или на телефонските броеви 192 или 112“, се наведува во објавата на ФБ.
Македонија
(Видео) ДИК: До 13 часот излезноста е 8,90 отсто, едно избирачко место воопшто не е отворено
До 13:00 часот на повторените локални избори гласале 11.217 лица или 8,90 отсто, соопшти Државната изборна комисија.
По општини:
– Врапчиште – 9,58 %
– Гостивар – 8,74 %
– Маврово – Ростуше – 10,03 %
– Центар Жупа – 6,61 %
Портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска Алексовска, кажа дека гласањето на сите избирачки места се одвива непречено, освен на избирачкото место 0782 во Ќафа кое се уште не е отворено.

