Македонија
Димитров: Радев кон Македонците користи наратив ист како оној на Путин кон Украина
Да се зборува за идентитетот на друг човек, а не па за идентитетот на друг народ, е дрско, безобразно и непристојно, пишува во објава на социјалните мрежи поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
Неговиот став е поттикнат од денешната изјава на бугарскиот претседател Румен Радев, кој рече дека македонскиот индентитет е фалсификат на комунистичката интернационала.
„Прашањето за идентитетот во меѓународното право е внатрешно прашање. Тоа прашање може да го одговори само народот на кој се однесува прашањето и никој друг. Да се тврди дека нечиј идентитет е вештачки, фалсификат е неписмено“, одговара Димитров во својата објава.
Понатаму, поранешниот министер објаснува дека сите нации во светот се општествени творби, општествени конструкции.
„Резултат на конкретен и сложен сплет на историски настани и процеси. Бидејќи тука не се работи за гените, тука се работи за чувство на заедништво“, пишува Димитров.
Според него, изјавата дека Македонците се некаков фалсификат е навреда и говор на омраза.
„Тоа што оваа изјава доаѓа од државниот врв во Софија е врвен скандал. Изјавата очигледно е антимакедонска и непријателска. За да зборуваме за некаква антибугарска политика кај нас, треба да зборуваме за Бугарите. Ние немаме ама баш никакво барање кон Бугарија, освен да нѐ почитува. Овде се работи за нас, ние сме предмет на изјавата, како што впрочем ние сме предмет и на антиевропскиот спор.
Таа се занимава со македонскиот идентитет, го нарекува фалсификат на комунистичката интернационала. Ова е крајно опасен наратив, незамислив во демократска Европа. За жал, идентичен на наративот на Путин кон соседна Украина“, додава Димиртов.
Во објавата тој ги повикува пријателите и партнери од, како што вели, демократскиот свет да се охрабрат и да застанат јасно зад принципите што ги застапуваат.
„Светот, меѓу другото, ни е на ова дереџе токму поради молкот тогаш кога треба да се застане на страната на принципите. Вакви изјави и услови се срамни и недозволиви во европски рамки. Повикот ‘решете си го спорот’ легитимира и го разјадува и идентитетот на ЕУ“, смета поранешниот шеф на македонската дипломатија, според кого оваа битка не е само за македонскиот идентитет, туку и за европскиот идентитет и образ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

