Македонија
Димитриев: СДСМ ги блокира законите од областа на безбедноста
„СДСМ по којзнае кој пат повторно ги покажа своето лицемерство и крајно неодговорен однос, особено кога се работи за суштински области од фукционирањето на државата“, изјави Емил Димитриев, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, по долги работни средби помеѓу пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, се постигна консензус и се креираа измени на Законот за следење на комуникациите, измени со кои дефинитивно ќе се деблокира парламентарниот надзор над службите што ја користат посебната истражна мерка следење на комуникациите. Една година СДСМ и раководството на Собранието на Комисијата за надзор над мерките за следење на комуникациите не ѝ даваше дозвола да почне постапка за избор на технички експерти, кои ќе бидат поддршка во работењето на Комисијата. Кога видоа дека се прочитани и не се брани ваквата нивна позиција во јавноста, дозволија Комисијата да почне постапка за ангажман на експерти. Комисијата преку транспаретна постапка, иако од неа законот тоа не го бараше експлицитно, со едногласна одлука избра експерт магистер по комјутерска форензика, едуциран надвор од Република Македонија, компетентен за предизвикот за кој го ангажира Комисијата.
Кога СДСМ не можеше да најде забелешка на постапката и изборот, се одлучија да го блокират формалното потпишување договор за ангажман на експертот, кој, од друга страна, е неопходен за регулирање на односите помеѓу Собранието и експертот.
За целиот период на блокадата на оваа законска обврска, изговорите од страна на мнозинството беа разноразни, т.е. на нивната негативна креативност ѝ немаше крај. Повторно се преговараше долго и решението за деблокада на надзорот беше најдено во измени на Законот за следење на комуникациите, кој во собраниска процедура беше предложен од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и од ДУИ“, вели тој.
Според Димитриев, измените на законот во прво читање на пленарна седница беа изгласани со двотретинска поддршка, без ниту еден глас против, истата поддршка законот ја доби и на Комисијата за одбрана. Потоа, законот се блокира во неговата постапка за негово донесување за сега во меѓувреме да се деблокира носењето на законот, СДСМ и мнозинството повторно ја активираат нивната веќе позната лукративна стратегија да поднесуваат амандмани на закони што тие самите ги имаат предложено.
„Усвоените амандмани на СДСМ од страна на Законодавно-правната комисија во целост ја менуваат суштината на измените на Законот за следење на комуникациите, кој беше усогласен и заеднички предложен и изгласан во првото читање. Ова е вторпат за закони од областа на безбедноста, кои се двотретински, по напорни усогласувња со опозицијата и креирање заеднички предлог, во собраниска процедура преку силата на мнозинството да ги погазат веќе усогласените решенија. Повторно изговорите се разноразни, погрешно се интерпретираат мислења од странски експерти итн.
Во триесетгодишната македонска парламентарна историја не се памети еднострано да се поднесуваат амандмани на усогласени двотретински закони. Првиот пат јавноста беше сведок при носењто на Законот за Агенцијата за национална безбедност, кој беше усогласен со опозицијата, но доживеа доста неусогласени амандмани, сега се случува истата лукративност со измените на Законот за следење на комуникациите.
Ова само го покажува вистинското лице на СДСМ, колку му држи зборот, колкав е неговиот демократски капацитет за усогласување на стратешките работи, кои законодавецот не случајно ги нормирал да бидат двотретински. Ваквиот однос на СДСМ најавува дека тие имат постојана двотретинска поддршка за сè и сешто, што, ако се случи, јавноста ќе биде сведок.
Евидентен е и стравот од квалитетен надзор над службите во контекст на секојдневните скандали што го следат нивното работење. Кога им беше потребно мислењето на Прибе, не го вадеа од уста, а сега бегаат од тоа и воопшто не го коментираат. За жал, наместо да се зајакнува надзорот над службите со нови законски решенија, со кои надзорот ќе има суштина, а не како досега да се гледаат само анонимизирани наредби, без никаква експертска подршка, СДСМ одлучи да го блокира и овој начин на надзор над службите, кој е нормиран во постојните законски решенија“, додаде Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар и Обединетите Арапски Емирати да побараат помош
Во врска со актуелната безбедносна состојба во регионот на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Државата Катар и Обединетите Арапски Емирати внимателно да ги следат официјалните информации и да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции на земјите домаќини.
МНРиНТ ги потсетува нашите државјани дека во случај на потреба од помош може да се обратат на следните контакти:
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха
Тел: +974 50 173 111
Е-пошта: [email protected]
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби
Тел: +971 56 441 7532
Е-пошта: [email protected]
Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Поради влошената безбедносна состојба во Израел, МНРиНТ утрово апелираше до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.
-Истовремено, апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба.
Согласно информациите добиени од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, воздушниот простор над Израел е затворен за цивилни летови до понатамошно известување. Сите комерцијални влезни и излезни летови се суспендирани, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај, соопшти денеска Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај телефонот за контакт со МНРиНТ, македонските државјани во случај на потреба од помош може да се обратат и во Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив на тел. броеви +972 54 500 8566 и +972 54 967 0546 или по е-пошта [email protected]
Македонија
Живот со CTLA-4: ретка генетска состојба што го нарушува имунитетот
Во рамки на националната кампања „Ги запознаваме ретките болести“, вниманието годинава е насочено и кон ретката дијагноза – цитотоксичен Т-лимфоцитен антиген 4 хаплоинсуфициенција (CTLA-4), состојба која се среќава кај помалку од еден на милион жители и е заведена под шифра МКБ-10 D84.8. Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“. Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Станува збор за ретка генетска болест што настанува поради мутација или губење на една копија од генот задолжен за создавање на CTLA-4 протеинот. Овој протеин има клучна улога во „сопирањето“ на имунолошкиот систем. Кога тој недостасува или не функционира доволно, имунитетот станува прекумерно активен и ја губи способноста правилно да се регулира.
Недостаток на CTLA-4, нарушена контрола на Т-клетките
Недостатокот на CTLA-4 доведува до нарушена контрола на Т-клетките, што може да резултира со развој на автоимуни заболувања, како автоимун тироидитис, дијабетес тип 1 и воспалителни болести на цревата, зголемена подложност на рекурентни вирусни, бактериски и габични инфекции, хронични воспаленија, со можни оштетувања на различни органи, забавен раст и развој кај децата.
Иако имунолошкиот систем е „преактивен“, тој често не е доволно ефикасен во борбата против инфекции, што создава дополнителни здравствени компликации. Болеста најчесто се дијагностицира во детството или раната младост.
Дијагностицирањето вклучува детална клиничка проценка, анализа на семејната историја и генетско тестирање за откривање на мутација на CTLA-4 генот, кој се наоѓа на хромозомот 2q33. Дополнително, се прават испитувања на имунолошката функција и мерење на нивото на CTLA-4 протеинот во Т-клетките.
Раното препознавање е од исклучително значење за спречување на сериозни последици.
Третман и живот со болеста
Иако засега не постои лек што целосно ја излекува состојбата, со соодветна и навремена терапија пациентите можат да водат квалитетен живот. Третманот е насочен кон контрола на симптомите и спречување компликации и вклучува, имуносупресивна терапија за намалување на автоимуниот одговор, интравенозен имуноглобулин кај пациенти со чести инфекции, навремено лекување на инфекции со антибиотици, антивирусни и антигабични лекови, редовно следење од страна на супспецијалисти.
Поради различниот тек и тежина на болеста, потребен е индивидуален пристап и мултидисциплинарна грижа.
Денеска во светот се одбележува Меѓународниот ден на ретките болести. Во рамки на осмата по ред национална кампања „Ги запознаваме ретките болести“, одбележувањето ќе се одржи и во Охрид, во новоизградениот трговски центар, каде точно напладне ќе започне свечена програма под мотото „Реткоста е сила, а заедништвото е нашата најголема моќ“.
Настанот ќе понуди културно-едукативна и забавна програма со песна, танц и креативни активности, посветени на лицата со ретки дијагнози, со порака дека реткоста не значи изолација, туку заедништво и поддршка.
Во Европска куќа во Скопје ќе биде промовирана официјална поштенска марка за СМА – Ден за свесност за ретки болести.
Настанот има цел подигање на јавната свест за ретките болести и поддршка на пациентите и нивните семејства.
Во рамки на програмата ќе биде прикажано промотивно видео со пациент, како и симболично откривање на официјалната поштенска марка посветена на СМА.
Македонија
СДСМ: Со случајот за Артан Груби се режира циркус, сè е однапред договорено
СДСМ со остра реакција оценува дека случајот со куќниот притвор на Артан Груби се претворил во, како што наведуваат, „циркус пред очите на целата јавност“, тврдејќи дека одлуките на институциите се дел од однапред договорено сценарио.
Од партијата обвинуваат дека Обвинителството, кое според нив е под контрола на премиерот Христијан Мицкоски, ја оправдувало одлуката за куќен притвор со наводна безбедносна проценка од Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност.
„Само неколку часа подоцна, директорот на затворот ‘Шутка’, кадар на ВМРО-ОКГ, го демантираше Обвинителството, тврдејќи дека ниту АНБ ниту МВР воопшто не извршиле безбедносна проценка“, наведуваат од СДСМ.
Партијата посочува дека премиерот Мицкоски во телевизиско гостување изјавил дека станува збор за класифицирани информации кои не можат јавно да се соопштат, додека, како што велат, сега се појавуваат тврдења дека „странски служби“ уште пред една година доставиле предупредувања, а формална безбедносна проценка од АНБ и МВР не била изготвена.
„Кои се тие странски служби? И ако нема безбедносна проценка од АНБ и МВР, врз основа на што Обвинителството донело одлука за куќен притвор? Ако нема проценка, како тогаш се тврди дека била класифицирана?“, прашуваат од СДСМ.
Според опозициската партија, контрадикторните изјави околу постоењето на безбедносна проценка – дека имало, па немало, дека била доверлива, па дека не постоела – претставуваат дополнителна потврда дека случајот е однапред договорен и режиран.
Од СДСМ оценуваат дека целата ситуација го нарушува кредибилитетот на институциите и ја продлабочува недовербата во правосудниот систем, барајќи целосна транспарентност и јасни одговори за основот врз кој е донесена одлуката за куќен притвор.


