Македонија
Димитров: Северна Македонија ги испорача барањата на ЕУ
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се обрати пред младите дипломати од земјите од регионот, учесници на Регионалната школа за дипломатија. Говорејќи на тематскиот панел: „Дипломатските искуства и научените лекции од преговорите за договорот од Преспа и меѓународните перспективи“, министерот Димитров се осврна на предизвиците во процесот на преговори и придобивките од постигнатиот договор со Грција. Посочи дека на финалниот договор му претходеле многу предизвици за чие надминување било потребно трпение, мудрост, храброст и визионерство од двете страни.
На младите дипломати министерот Димитров им ја пренесе пораката дека една од главните задачи на дипломатијата е да ги премостува разликите меѓу земјите.
Министерот Димитров истакна дека, затворајќи ги сите отворени прашања со соседите, Северна Македонија ги покажа својата зрелост и кредибилност, го испорача она што ЕУ го бараше и затоа оправдано очекува и Европската Унија соодветно да ги валоризира тие постигнувања и идната седмица да донесе позитивна одлука за почнување на пристапните преговори.
„Се натпреваруваме со времето. Колку подолго не обезбедуваме европски начин на живеење, толку повеќе младите таленти и нашата идна генерација ќе нè напуштаат барајќи ја Европа зад границите на регионот. Aко не се фокусираме на градење посилни институции за да има правда во нашите општества, ако не се фокусираме на инвестирање во образованието, регионот ќе заостанува во споредба со другите во Европа. За да се намали економскиот јаз, мора да се фокусираме на прашањата што се важни и да имаме конструктивен олимписки натпревар на реформи во регионот за да направиме скок што е толку неопходен“, рече Димитров.
Регионалната школа за дипломатија е прва школа од ваков вид што се одржува во Скопје од 6 до 9 октомври 2019 година и на која учествуваат 15 дипломати од земјите од регионот (опфатени со берлинскиот процес), а ја коорганизира МНР во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје, со поддршка од Федералната канцеларија за надворешни работи во Германија. Таа претставува можност да се разговара за прашања што се битни за регионалната соработка, а посебно младинската компонента на таа соработка. Нас повеќе тематски панел-дискусии ќе дискутираат многубројни европски и национални експерти, како и креатори на политики, истражувачи и претставници од невладини организации.
На панел-дискусијата, покрај Димитров, учествуваа и амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјата, Самуел Жбогар, и професорката од Универзитетот во Атина, Марилена Копа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ до Филипче: Ако Македонија е како Иран, дали Заев е ајатолахот?
ВМРО-ДПМНЕ реагира на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој Македонија ја спореди со Иран и Венецуела.
По ваквата изјава од владејачката партија велат дека СДСМ е потоната во свој микро свет, во кој сите се лоши, а само тие се добри.
„Кој мисли дека му верува на Филипче кога кажува дека Македонија е како Иран? Ако Филипче вели Македонија е како Иран, дали со оглед на тоа што СДС беше на власт 7 години, а во влада скоро 9 со техничката, ова значи дека Заев е Ајатолахот, а Филипче неговиот прв проповедник?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
На новинарско прашање во врска со отворената поддршка на Македонија кон САД за нападите кон Иран, лидерот на опозицијата кажа оти Соединетите Американски Држави, како наш стратешки партнер треба да знаат дека во нашата земја има власт со многу слични карактеристики на тие авторитарни режими со кои тие се справуваат.
Елаборирајќи го својот став, тој ги повтори критиките дека Владата на чело со ВМРО-ДПМНЕ ја турка земјата кон изолација, дека преку вицепремиер во извршната власт има контакти со рускиот претседател Владимир Путин, како и дека целосно го партизира правосудството.
„Имаме власт и премиер којшто ја бутка земјата во изолација, притоа знаејќи дека во стратешки интерес на Соединетите Американски Држави е интергацијата во ЕУ и на нашата земја и на целиот регион“, рече Филипче.

