Македонија
Димитров се сретна со министерот за Европа и Америка во британскиот Форин офис, сер Алан Данкан
Mинистерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска оствари средба со министерот за Европа и Америка во британскиот Форин офис, сер Алан Данкан, кој престојуваше во работна посета на Република Македонија.
Посетата на министерот Данкан претставува израз на силната и континуирана поддршка на Велика Британија за напорите на Република Македонија да стане рамноправен член на европското и евро-атлантското семејство на слободни и просперитетни нации.
На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во нашата земја – реформските приоритети за нашата интеграција во ЕУ и НАТО, регионалната соработка, британскиот ангажман во рамките на Берлинскиот процес, преговорите со ЕУ за брегзит, како и за активностите поврзани со успешна реализација на референдумот на 30 септември.
Министерот Димитров изрази благодарност за јасната и континуирана помош од Велика Британија во однос на македонските европски и евро-атлантски аспирации, истакнувајќи ја важноста на Самитот за Западен Балкан, што се одржа во јули во Лондон. Зголемената динамика во билатералните односи меѓу двете земји во последниот период претставува дополнително охрабрување за нашата земја да продолжи по вистинскиот пат.
Бритински министер Данкан го поздрави постигнатиот напредок во реформите за приближување на Република Македонија кон ЕУ и НАТО, посебно акцентирајќи го примерот што го дава нашата земја во градењето пријателски односи во регионот на ЈИЕ, преку надминувањето на споровите со соседите, склучувајќи ги договорите со Бугарија и со Грција. Исто така, министерот Данкан го подвлече значењето на резултатот од референдумот на 30 септември, како и важноста на постигнување уште повидливи резултати во домашните реформи во периодот што следи, во насока на што поскоро интегрирање на нашата земја во НАТО и во ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Во текот на декември подигнати 𝟣𝟥 𝟢𝟢𝟢 тони комунален отпад во Скопје
Во текот на месецот декември 2025 година, ЈП Комунална хигиена-Скопје подигна и транспортираше вкупно 13 000 тони комунален отпад од кантите во индивидуалните домувања и контејнерите поставени на јавни површини на територијата на градот Скопје, известуваат од ЈП Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, екипите на Претпријатието отстранија и 2200 кубни метри претежно кабаст и градежен отпад од диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Во текот на последниот месец од минатата година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираше голем број едукативни разговори со претставници на стопанските субјекти, како и со лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпад, при што се изготвени 225 записници.

Најголем број на записници – вкупно 85 – се врачени во скопската општина Kарпош“, се додава во соопштението на ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Македонија
РСБСП Апелира: Возете внимателно и одговорно во зимски услови!
Според прогнозите во наредните денови се најавени снежни врнежи и значителен пад на температурите, РСБСП потсетува на потребата од внимателно и одговорно управување со моторните возила, како и задолжително правилно користење на зимска опрема. Пред поаѓање на пат, неопходно е возилото соодветно да се подготви за управување во зимски услови.
„Направете проверка на возилото која вообичаено опфаќа: проверка антифриз, нивото на гориво, состојба на бришачите и течноста за ветробранското стакло, состојбата на акумулаторот и состојбата и притисокот на пневматиците“.
РСБСП апелира возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и поставената сообраќајна сигнализација, навреме да се информираат за состојбата на патиштата и нивната проодност, да ја прилагодат брзината на движење според условите и состојбата на патот, да одржуваат безбедно растојание меѓу возилата – со цел зголемување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови бараат од возачот поголемо внимание за време на управување со возилото.
Затоа, РСБСП упатува јасен апел: Само со одговорно однесување во сообраќајот сите заедно можеме да придонесеме за побезбеден сообраќај на патиштата – секој живот е важен.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.

