Македонија
(Видео) Димовски бара декласификација на извештајот за Катица Јанева

Претседателот на Комисијата за избори и именувања, Илија Димовски, изјави дека извештајот за специјалната обвинителка Катица Јанева, кој е испратен од Советот на јавните обвинители до Собранието, треба да биде декласифициран и јавноста да присуствува на комисиската расправа за нејзино разрешување.
„Мој личен став е дека Советот на јавните обвинители треба да го декласифицира извештајот за специјалната јавна обвинителка. Комисијата треба да се одржи со присуство на јавноста. На тој начин ќе се зголеми довербата на граѓаните во Собранието и правосудниот систем“, рече Димовски.
Тој додаде дека првично извештајот на 30 август до Собранието пристигнал без класификација, но еден ден подоцна, односно на 31 август, стигнал нов допис од Советот на јавните обвинители со кој се информира Собранието дека материјалот е класифициран.
Димовски информира дека и доколку не се декласифицира извештајот, Комисијата има капацитет да одлучува веднаш бидејќи само тројца членови не поседуваат сертификат за класифицирани информации и тие може да се заменат со заменик-членовите што го поседуваат сертификатот, а воедно и да не биде нарушен соодносот на членови од политичките партии.
Сепак, според законот и Деловникотм членовите на Комисијата ќе одлучуваат дали седницата ќе биде отворена или зад затворени врати. За оваа одлука потребно е двотретинско мнозинство, односно девет пратеници да гласаат за присуство на јавноста на седницата.
Димовски исто така информира дека, покрај препорака на Комисијата, за разрешување на Јанева потребно е согласнот и од четирите најголеми парламентарни партии.
„Постапката е идентична како и за именувањето. Потребно е согласнот од 4 најголеми партии во Собранието. За тоа ќе доставам писмено барање до претседателот на Собранието, Талат Џафери, да ме извести кои се тие четири партии“, рече Димовски.
Седницата на Комисијата за избори и именувања ќе биде закажана в четврток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДОМ со поддршка за петицијата на О2: Стоп за ново јавно-приватно партнерство за Дрисла

Зелената партија Демократска обнова на Македонија (ДОМ) ја поддржува онлајн петицијата на Иницијативата О2 и ги повикува граѓаните да ја потпишат, за да се спречи ново јавно-приватно партнерство и да се обезбеди Дрисла да остане во јавна сопственост, велат од ДОМ.
„Петицијата е важен граѓански механизам со кој се испраќа јасна порака дека Скопје мора да добие современ, одржлив и јавно контролиран систем за управување со отпад, а не повторување на истите неуспешни и сомнителни модели од минатото.
ДОМ оценува дека загадувањето од депониите и честите пожари веќе станаа сериозен здравствен ризик. Наместо ад-хок решенија, потребна е стратегија која ќе овозможи минимално депонирање, искористување на европски фондови и долгорочна цел за „нула отпад“, по примерот на европските градови.
Заедно можеме да ја промениме иднината на Дрисла и да обезбедиме чист воздух за сите. Затоа, ве повикуваме да ја поддржите граѓанската иницијатива и да ја потпишете петицијата ОВДЕ“, соопштуваат од ДОМ.
Македонија
„Кој им наредил на АНБ и АР да го следат и прислушуваат Мицкоски“: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага од Обвинителството

„ЈО да реагира со темелна и транспарентна истрага и да го расчисти случајот. Неопходно е ЈО да почне да работи и да го расчисти скандалозниот случај со прислушкувањето на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Мицкоски како и новинари и бизнисмени“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Граѓаните 5 години живееле во заробена држава, каде се прекршувале основните човекови права.
Пет години претседателот Мицкоски и десетици други, биле предмет на незаконски следења и прислушување од страна на безбедносните служби под контрола на СДС.
5 години СДС и ДУИ грубо ги прекршувале законите и ги злоупотребувале институциите.
АНБ и АР биле во служба на политичката мафија, додека ЈО и Љупчо Коцевски дејствувале и работеле во интерес СДС и ДУИ и прикривање на криминалот.
Неопходно е ЈО да престане да ги штити антидемократските структури на СДС и ДУИ.
ЈО да започне да работи во интерес на владеење на правото и правдата и враќање на довербата во институциите, во спротивно довербата на народот во правосудството од 2 проценти ќе биде нула.
Коцевски да започне да работи, бидејќи и самиот е виновен и директно одговорен за минимум довербата во правосудните органи. Одговорност мора да има.
ЈО да даде одговор кој стои зад наредбите на АНБ и АР? И кој се е дел од оваа мрежа на незаконско следење?“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
„СДС, Шукова и Заев во 2020 година го лажеа народот дека ќе го решат проблемот со Вардариште, резултатите се нула“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

„Во 2020 година СДС Шукова и Заев во предизборната кампања ветуваа решавање на проблемот со депонијата Вардариште“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа ветување беше официјално запишано и во нивната програма насловена „Можеме“ за парламентарните избори во 2020 година на стрaна 228 каде што стои „Ќе помогнеме за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на депонијата во Вардариште како и расчистување и рекултивација на локации со несоодветно отстранет отпад во урбаните и руралните подрачја“. Ова е уште едно лажно предизборно ветување на СДС и Шукова.
Истата таа програма на СДС го наведува и износот од 42 милиони евра како финансиско портфолио за реализација на проектот.
Каде завршија тие 42 милиони евра?
Зошто СДС, Шукова четири години го влечеа истиот проблем без никаква реализација?
Зошто ги лажеа граѓаните на Скопје дека ќе го решат проблемот со Вардариште?
Како Шукова и СДС имаат доблест повторно истото да го ветуваат пред граѓаните, овој пат Шукова само од позиција како кандидат за градоначалник на Скопје?
Ова е класичен пример на манипулација и лажење на јавноста. Ова е доказ дека СДС многу ветува а ништо не исполнува.
СДС да не го потценува народот, СДС треба да знае дека 2 пати истите лаги не поминуваат, граѓаните знаат кој работи за нивно добро.
ВМРО-ДПМНЕ има програма и план за решавање на проблемите на граѓаните, почиста животна средина, почист воздух и поквалитетен живот за сите граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.