Македонија
Дипломатски синдикат: Османи за конзул во Њујорк испраќа вработен во МНР кој нема дипломатско звање
Македонскиот дипломатски синдикат обвинува дека министерот Бујар Османи за конзул во Њујорк испраќа штотуку вработен во МНР кој нема дипломатско звање.
„Еклатантен пример за непочитување на внатрешните регулативи е упатувањето на г-нот Мухаби Синани на местото Генерален конзул во Њујорк, истото она место на кое министерот Османи не успеа да ја упати во тоа време ТВ презентерката Бесмира Ејупи. Имено, г-нот Синани, кој што од скоро е вработен во МНР од приватна фирма не исполнува услови за упатување во странство. Тој минатата недела веќе ги има одбрането тезите за упатување без притоа да има стекнато високо дипломатско звање кое е законски услов за именување на генерален конзул.
Дополнително имаме информација и дека оваа недела Синани треба забрзано да полага испити во МНР за унапредување од три нивоа нагоре, како неговото упатување би било приспособено на законските барања за упатување на ниво на генерален конзул. Ваквото забрзано полагање за унапредување од низок во висок ранг на дипломат е противзаконско и спротивно на сите принципи на кариерно напредување, кое што е во директна спротивност со на градењето квалитетна и сериозна дипломатија.
Исто така, дознаваме дека се подготвува упатување на г-нот Илми Селами од Чаир за амбасадор во Будимпешта, поради подигање на партискиот рејтинг на Османи во населбата Чаир.
Како дипломатски синдикат не се согласуваме со хипер партизацијата на дипломатијата и нејзина служба во приватни или партиски интереси, ососбено пред избори. Професионалните стандарди мора да бидат светост за секое идно раководство на МНР.
Приметуваме дека министерот Османи забрзано ги упатува своите најблиски соработници во странство, па така повеќе директори и други политички личности се упатуваат за амбасадори надвор од законски уредената процедура (без презентирање на тезите пред собраниската комисија за надворешна политика), а речиси целиот негов Кабинет забрзано се празни и заминува на различни позиции во странство, што навестува дека актуелното раководство се подготвува за големи промени во Министерствоито за надворешни работи.
Следното раководство на МНР треба да ја прекине ваквата пракса и да обезбеди континуитет на раководењето на нашата институција“, се вели во соопштението на Извршниот одбор на Македонскиот дипломатски синдикат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забранет сообраќајот на регионалниот пат Гостивар – село Чегране поради излевање на реката Вардар и обилниот дожд
Во 20.40 часот е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар и обилни врнежи од дожд, извести АМСМ.
Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино.
Воведена е забрана за сообраќај и на локалниот пат од „Тумчевишка Петла“ кон село Тумчевиште и село Чегране, додаваат од АМСМ.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.

