Македонија
„Дипломатски скандал, цинично, арогантно“ – бугарските пратеници лути на Ковачевски за споредбата на дискурсот на Бугарија со Русија
Во бугарскиот парламент претставници на разни политички сили остро реагираа на вчерашната изјава на премиерот Димитар Ковачевски, кој за време на самитот на Советот на Европа во Рејкјавик го спореди дискурсот на Бугарија кон Македонија со оној на Руската Федерација кон Украина.
Георг Георгиев од ГЕРБ – СДС и Павела Митева од ИТН го оценија за неприфатлив тонот и ја повикаа Бугарија на остра реакција.
„Не само циничен, туку би го нарекол и арогантен таквиот однос кон земја што во последните 30 години направи сè што е можно да го подигне не само својот авторитет туку и авторитетот на соседите. И ако денес, некако некој му дозволува да нè споредува со Руската Федерација, тогаш треба многу сериозно да му обрнеме внимание и да му издадеме опомена. Но, ова предупредување, почитувани колеги, треба да биде насочено и кон нас самите“, рече Георгиев, пренесе БНР.
Митева за изјавата рече дека тоа е уште еден доказ оти многуте отстапки на дипломатската сцена не водат до посакуваните резултати. Ваков дипломатски скандал, вели Митева, би предизвикал барем незадоволство кај политичките субјекти во која било друга земја, но не и во Бугарија.
„Некои работи во животот и во политиката се неопростливи. Се надевам дека бугарската дипломатија ќе покаже дека тие не се непоправливи“, рече таа.
Атанас Атанасов од ПП-ДБ на маргините на парламентот вниманието го насочи кон руските и српските тајни служби.
„Мораме да бидеме свесни дека во оваа комплицирана меѓународна ситуација руските и српските агенти прават сè што е потребно за да се забие клин во односите со ЕУ и соодветно да се спречи Северна Македонија да влезе во ЕУ, тоа треба да биде јасно“, рече тој.
На изјавата на Ковачевски реагира и лидерката на БСП, Корнелија Нинова. Таа денес од бугарскиот парламент порача дека „се насобрале неприфатливи постапки од страна на официјалните власти на Северна Македонија“.
„Времето потврди дека ние од БСП бевме во право што не го поддржавме францускиот предлог. Ова не е доволно. Веќе денеска на Советот на претседавачите ќе иницираме општа декларација на Националното собрание. Ќе апелираме до сите парламентарни претставници да го поддржат. На овој начин ќе изразиме дека не го прифаќаме овој став (на Ковачевски) и ќе инсистираме тоа да биде заеднички став на сите партии застапени во парламентот“, порача Нинова.
Таа додаде дека ваквиот третман од страна на македонските власти „е понижувачки, навредлив и неприфатлив“.
Ковачевски вчера рече дека Бугарија се однесува кон Македонија исто како Русија кон Украина додавајќи дека обвинувањата од Бугарија за непочитување на човековите права во Македонија се неосновани.
„Дискурсот што се користи од Бугарија кон Северна Македонија, за жал, е многу сличен на дискурсот што Руската Федерација го користи кон Украина. Неприфатливо е таквите обвинувања да се злоупотребуваат за политички цели, особено во овој клучен период за иднината на Европа. Северна Македонија е меѓународно признаена како функционално модерно мултиетничко општество, каде што се почитуваат сите права, а и сите извештаи го потврдуваат тоа“, рече Ковачевски.
Според него, обвинувањата кон Македонија доаѓаат од земја што не ги почитува пресудите на Европскиот суд за човекови права и стандардите на Советот во областа на човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Угинат балкански рис најден на патот Ресен – Охрид, постојат само 50-тина единки од овој вид
Угинат рис денеска е пронајден на патот Ресен – Охрид. Од Македонското еколошко друштво (МЕД) велат дека ваквиот случај не треба да нè остави рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-ина единки на балканскиот рис.
„По дојава од Здружението на ловци „Преспа-Ресен“, денеска на терен констатиравме дека е угинат рис на патот Ресен-Охрид. Во тек е координирана акција со Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство и Македонското еколошко друштво со цел земање примероци за анализа и транспортирање на угинатото животно на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ – Скопје заради обдукција“, велат од МЕД.
Од таму велат дека за зачувување на загрозените видови потребно е да се изградат зелени мостови.
„Ваквите случаи не нè оставаат рамнодушни, особено ако се земе предвид дека постојат уште само 50-на единки на балканскиот рис. Истовремено, се јасен показател дека ако сакаме да ги зачуваме загрозените видови, мора да се планираат и градат зелени мостови преку кои животните ќе можат безбедно да се движат и да ги надминуваат пречките создадени од човекот“, велат од МЕД.
фото/Facebook/Македонско еколошко друштво
Македонија
Ѓорѓиевски на ифтарска вечера: Ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, присуствуваше на ифтарска вечера.

„Таму каде што почитта нè обединува! Вечерва, на покана на поглаварот на Исламската верска заедница, Реис ул-Улема, присуствував на традиционалната ифтарска вечера со нашите браќа и сестри од исламска вероисповед. Во духот на меѓусебната почит, разбирање и искрена човечка блискост, вечерта помина во пријатна и топла атмосфера, испраќајќи силна порака за соживот, толеранција и заедништво. Токму ваквите моменти нè потсетуваат дека различностите се наше богатство, а почитта, наш заеднички темел“, напиша Ѓорѓиевски.

Додаде дека рамазанските денови се денови на духовна сила, добрина, солидарност и обединување, денови кога се отвораат срцата, кога се помага на ближниот и кога уште повеќе се зацврстуваат врските меѓу луѓето.
„Да продолжиме да се почитуваме, да се поддржуваме и да останеме сплотени, за заедно да ја оствариме нашата мисија – силно и модерно Скопје и просперитетна Македонија“, напиша градоначалникот.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина на Комисија во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март, денеска не помина на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта освен предлогот за јавна расправа го одбила и разговорот меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.

