Македонија
Дипломат од руската амбасада во Македонија прогласен за непожелна личност

Министерството за надворешни работи одлучи да прогласи еден дипломат од руската амбасада за непожелна личност и тој треба да ја напушти земјата во рок од седум дена.
Како што соопшти македонското МНР, на 14 мај бил повикан амбасадорот на Руската федерација, при што била врачена нота со која се наложува на посочениот дипломат да ја напушти земјата.
Министерството нагласува дека одлуката е донесена во согласност со членот 9 од виенската конвенција за дипломатски односи.
Како причина за протерувањето се наведуваат активности што не биле во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ да се огради од Костадинов, а ЈО да го праша како планира да му се освети на Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ молчи и по 15 часа од заканата на струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов кон новинарот Драган Павловиќ – Латас, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
Прареникот од редовите на владејачката партија, Бране Петрушевски, рече дека СДСМ и нивниот лидер, Венко Филипче, преку Костадинов имаат за цел трајно да го исплашат новинарот и кај него да внесат постојана несигурност.
„Ги повикуваме СДС јавно да се оградат и да го осудат Костадинов, во спротивно ќе докажат дека нападот врз новинарите е нивна партиска политика. Дополнително ги повикуваме медиумските здруженија да го осудат истиот. А воедно, упатуваме апел до ЈО да го повика Костадинов и да го праша дали и како планира да ја изврши осветата, за која сам пишува дека е од траен карактер, а потоа и да поведе постапка против него“, рече Петрушевски.
Претходно Латас рече дека таткото на Костадинов ја искоцкал куќата, а Костадинов за пет години го вратил тоа, заработувајќи куќа, коли, мотори. По ова се огласи Костадинов на социјалните мрежи, со објава дека татко му е починат, а кај нив кога некој ќе ја чепне честа на мртов човек, правдата не се моли туку се зема. Неговата објава е насловена „Проглас и аманет до сите родени и неродени Костадинови!“, а во продолжение додава: „И кога ќе ми се роди внук, ќе знаеш дека некој Костадинов некаде знае кој си. И кога ќе шеташ по улица, ќе гледаш преку рамо – бидејќи не знаеш од каде ќе ти дојде наплатата. Цела фамилија Костадинови те чека. Не за тужба. Не за медиумски циркус. Туку за суд што ние го држиме. Според наши закони. Наши правила. Наши вредности“, се вели во објавата.
ВМРО-ДПМНЕ ја осуди пораката на Костадинов како повик за убиство и линч врз новинарот и во соопштение до јавноста порача до МВР да го повика градоначалникот на распит.
Македонија
Арсовска: Кога ги локализиравме пожарите во Визбегово, директорот на ЦУК дојде да се слика

Вчера подметнати пожари на два локации во Визбегово, а директорот на ЦУК Мухамед Али место да помогне чекаше да ги локализираме, па отиде да се слика, обвини градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која тврди дека Градот сам се справувал со вчерашните пожари.
„Од Владава ќе ве остават да изгорите или да се угушите и нема да мрднат со прст, а кога видоа дека се локализира пожарот од нашите екипи отидоа да се сликаат. И да, надлежни се за да постапат. Тој Министерот за животна средина има сам повеќе буџет од сите општини заедно во Македонија. Што не излезе да ја исчисти таа депонија, земјиштето е на Република Македонија и дел приватна сопственост, НЕ Е НАША СОПСТВЕНОСТ НИ НАША НАДЛЕЖНОСТ“, напиша Арсовска на „Фејсбук“.
Арсовска кажа дека пожарот, во отежнати услови, 12 часа го гаселе членовите на Противпожарната бригада на Град Скопје со дополнителна механизација на јавните претпријатија на Град Скопе, и никој друг.
„Бар со едно возило или со еден човек да помогневте да се изгаси пожарот. На таа депонија нашите инспектори сторителите ги фатија УШТЕ ПРЕД 2 ГОДИНИ, пријава е поднесена. Ако не постапувале тие пред вас и вие ли нема да постапите? Доста ви ја вршевме работата, ни депонии ни фабрики што загадуваат не се наша надлежност, ама ги гониме за да живееме подобро. А вие што правите? Една депонија исчистивте ли? Ние исчистивме 280. Една фабрика/загадувач затворивте ли? ЕДНА? Кривичната за УСЈЕ што ние ја поднесовме до кај е? Ги штитите, ете до таму е!“, напиша Арсовска.
Македонија
СДСМ: Милионски тендер oд МВР доби советник на ВМРО-ДПМНЕ

МВР во функција на партиски бизниси, оценува СДСМ, коментирајќи случај со милионски тендер кој го добил советник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Под раководство на Панче Тошковски, МВР доделило милионски тендер за организирање возачки испити во Пелагонискиот регион на новооснована фирма „Супер Возач“, зад која стои функционер на ВМРО-ДПМНЕ, советникот во Општина Кичево – Филип Митрески. Оваа фирма е регистрирана само три месеци пред распишување на тендерот.
Смрди на корупција и на претходно договорени дилови. На ваков начин практично фирмата добива монопол врз профитабилен бизнис од јавен интерес – сите полагања во Битола, Прилеп и Ресен. Станува збор за сериозни индиции дека тендерот бил однапред наместен, дека целата процедура е креирана за да се обезбеди профит за партиски блиски структури“, велат од СДСМ.
Како што додаваат, ваков модел на доделување јавни услуги – на нови фирми без искуство, контролирани од партиски кадри – претставува класичен партиски грабеж.
СДСМ и претходно обвини за сомнителен тендер во МВР со набавка на униформи.
Партијата итно бара од Државната комисија за спречување на корупцијата да отвори предмет и да испита целиот процес, а Основното јавно обвинителство да покрене постапка по допрен глас.