Македонија
Директорот на АНБ не направил лажна исправа: Обвинителството ја отфрли пријавата за фалсификување
По целосно спроведена постапка и извршени проверки, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на анонимните пријави против директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) за кривични дела – Фалсификување исправа и Употреба на исправа со невистинита содржина, соопшти обвинителството.
Пријавите, како што е наведено во официјалниот допис, се повикувале на јавно објавени податоци според кои пријавениот при аплицирање за позиции директор во ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, асистент на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) користел уверение за познавање англиски јазик од Language School Julia CO.LTD, Пловдив, Бугарија, кое според сознанијата на подносителот не спроведувало тестирање за TOEFL iBT, ниту пак издавалo меѓународно признати сертификати какви што се барале на огласите.
„Постапувајќи по пријавата, за да ги испита ваквите наводи, надлежниот јавен обвинител веднаш по оформувањето на предметот во ноември 2024 година упати барање за меѓународна правна помош до Република Бугарија за да прибави потребни податоци и докази за правниот субјект Language School Julia CO.LTD, односно дали ова правно лице е регистрирано во правниот промет, кој е управител, каква дејност врши, дали е сертифицирано како центар за полагање и издавање меѓународно признати сертификати за странски јазици, кои и за кој период, како и тоа дали е издаден сертификат за познавање странски јазик за пријавениот од овој правен субјект. Во исто време, од Владата на РСМ беше побарано целокупното досие кое било формирано за лицето во врска со објавениот оглас за избор на Директор на АНБ во 2024 година и пропратната документација.
Согласно одговорот од бугарските надлежни органи доставен во март 2025 година, по барањето за меѓународна правна помош во Бугарија постапувало Окружното јавно обвинителство Пловдив, кое по извршените проверки констатирало дека правниот субјект Language School Julia CO.LTD бил регистриран во Трговскиот регистар како „Джулија КО“ ООД и тоа за вршење повеќе дејности меѓу кои и преведувачка дејност, услуги за преводи и легализирање документи и организација на приватни јазични школи. Прибавени биле целосни податоци за управителот на правното лице и била упатена покана до неа да се јави во својство на сведок и да се изјасни за сите прашања од замолницата. Но, проверките на бугарското Министерство за внатрешни работи покажале дека сопственичката подолг период се наоѓа надвор од границите на Бугарија. Од тие причини барањето за меѓународна правна помош од страна на бугарските надлежни органи не е во целост извршено и е вратено назад до македонското обвинителство, со прилог прибавена документација.
По ова, надлежниот јавен обвинител продолжи со проверките и ја прибави документацијата од комплетното досие за пријавениот од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје.
По извршениот увид во целосната документација од сите институции каде аплицирал пријавениот се констатира дека меѓу останатите документи тој приложувал Сертификат од Училиште за странски јазици Julia Co. LTD со број Е-ENG од 23.03.2022 година – курс за подготовка за испитот TOEFL, но и Сертификат за положен TOEFL IBT од 26.03.2022 година со освоени 75 поени од кој се констатира дека полагањето било извршено во домашни услови преку Испитниот центар за Република Бугарија. Овој сертификат издаден од ETS визуелно, по форма и содржина се разликува од сертификатите кои што се доставени во прилог кон кривичната пријава, а во кои стои дека се издадени од правниот субјект Language School Julia CO.LTD.
Јавниот обвинител изврши проверки и на јавно достапните податоци во ETS – Сервисот за едукација и тестирање, како единствената организација која е меѓународен тестатор за TOEFL сертификати, при што согласно прирачникот за спроведување на TOEFL ibt тестирање за 2022-2023 година евидентно е дека во тој период постоела можноста тестирањето за TOEFL ibt сертификат да се спроведе и во домашни услови. Во тој случај испитот се мониторирал онлајн од страна на човек – супервизор, а по содржина и форма тестот е ист со оној што се полага во лиценциран испитен центар. Разликата е во тоа што TOELF ibt домашно идание можел да се полага во секое време, четири дена во неделата, по претходна регистрација. Резултатите и сертификатот од тестот се достапни во електронска форма 6-10 дена по тестирањето преку корисничкиот профил на лицето кое што го полагало тестот, а доколку поминале повеќе од две години од полагањето, како што е во случајов, ETS не може да даде известување или да ги верификува резултатите и тестот.
По целосно спроведените проверки јавниот обвинител констатираше дека во наведениот случај пријавениот не направил лажна исправа со намера таквата исправа да ја употреби како вистинска и не употребил преправена исправа како вистинска, ниту пак како доказ во правниот сообраќај употребил исправа, книга или спис за кои знае дека се невистинити. Приложениот сертификат согласно распожливите докази бил издаден по полагањe на TOEFL ibt тест во домашни услови во текот на 2022 година и истиот се разликува од сертификатот издаден од Language School Julia CO.LTD.
Согласно член 122 од Кривичниот законик, исправа е секој предмет што е подобен или одреден да служи како доказ на некој факт што има вредност во правните односи. Оттука, дури и да постои дилема за веродостојноста на документот за завршен курс за подготовка за испитот TOEFL издаден од Language School Julia CO.LTD, тој согласно обезбедената документација не предизвикал правна последица, ниту бил од какво било значење за правните односи и за именувањето за директор, бидејќи во досието е презентиран друг валиден документ за познавањето на странски јазик. Од тие причини во дејствијата на пријавениот не се содржани елементите на пријавените кривични дела.
Јавниот обвинител ги провери наводите во пријавите и во однос на уверенијата за високо образование на истото лице, при што ја прибави целокупната документација од Економскиот факултет на Универзитетот Скопје, предметот од Државната комисија за спречување на корупцијата и извештајот од вонредниот Државен просветен инспекторат кој веќе извршил целосен увид во досието и не утврдил никакви неправилности. Имајќи ги предвид сите овие докази, јавниот обвинител констатираше дека и во ваквите наводи не се исполнети обележја на кривично дело“, појаснуваат од институцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска во МАНУ: Квалитетот на високото образование драстично опадна, тоа мора да го промениме
Она што најмногу се коментира за Предлог законот за високото образование се условите за напредување во звања. Ако направиме споредба, не се високи како во други европски земји. Но, мора да ги поткренеме, затоа што откако беа укинати со законот од 2018 година, квалитетот на високото образование драстично опадна и тоа мора да го промениме. Го разбирам стравот на академската заедница, разбирам дека од една фаза треба да поминеме во друга, но критериумите кои ги предлагаме се достижни.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на дебата во МАНУ посветена на новиот Предлог закон за високото образование.
„Улогата на високото образование е да создава јавно добро, да создаде интелигенција која понатаму ќе ја развива државата. Да создава стручни, компетентни, но и емпатични и морални личности кои во иднина ќе обезбедат општествен просперитет. Од друга страна државата ги финансира високообразовните установи и оттука, треба да бара отчетност за трошењето на средствата и одговорност за постигнатите резултати“, рече Јаневска.
Законот, потенцираше министерката, нуди меритократија, интернационализација и мотивација за соработка која недостасува кај академскиот кадар, вклучително и научноистражувачка работа која е неделива од образовната. Рече дека предлог законот има можност за доработка, односно некои одредби ќе се променат по сугестиите на академската заедница.
Според неа, треба да се довршат сите јавни расправи, и потоа, кога ќе биде сé што треба коригирано, законот повторно ќе биде објавен на ЕНЕР неколку дена, по што ќе влезе во владина процедура. Јаневска информираше и дека во текот на вчерашниот ден е објавен и Предлог законот за научно-истражувачка дејност. Членовите на МАНУ се согласни дека се потребни промени во високото образование, напоменувајќи дека сите забелешки кои ги имаат за законот, неделава ќе бидат доставени до Министерството за образование и наука.
Македонија
Стоилковиќ – Мацура: акцентот на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на нивното економско и политичко учество
Потпретседателот на Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, денес оствари работна средба со Татјана Мацура, министерка без ресор задолжена за родова еднаквост, спречување на насилството врз жените и економско и политичко зајакнување на жените во Владата на Република Србија.
На средбата беше изразена заедничката определба за продлабочување на соработката меѓу двете земји, со посебен акцент на точките кои нè спојуваат во областа на родовата еднаквост, заштитата на жените од насилство и унапредувањето на економското и политичкото учество на жените, како и за зајакнување на институционалниот дијалог по овие прашања.
Соговорниците разговараа за значењето на интегрирањето на родовата перспектива во политиките што се однесуваат на заедниците, имајќи ја предвид потребата од еднаков пристап до права, услуги и можности за сите граѓани, вклучително и жените од различни етнички и социјални средини. Посебно внимание беше посветено на економското јакнење на жените како предуслов за нивна поголема општествена вклученост и намалување на ранливоста.
Во таа насока беа разгледани можностите за понатамошна соработка преку размена на искуства и добри практики, експертска комуникација меѓу надлежните институции и иницирање заеднички активности во рамки на регионалните иницијативи.
Средбата беше оценета како конструктивна со изразена подготвеност за редовна комуникација и конкретни чекори во насока на зајакнување на билатералната соработка меѓу земјите во областите од заемен интерес.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.

