Македонија
Директорот на Царината за извештајот на ЕК: Нотиран висок напредок во областа Царинска унија
Високо ниво на напредок во областа Царинска унија со која раководи Царинска управа, е нотирано во извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.
„Високото ниво на напредок, нотирано од Европската комисија, е уште еден цврст доказ дека Царинската управа спроведува значителни реформски мерки и политики коишто треба да овозможат забрзување на интеграцијата на нашата држава во единствениот пазар на ЕУ“, вели директорот на Царинска управа, Бобан Николовски.
Во извештајот на ЕК се нотира зголемената наплата на приходи на Царинската управа. Вкупните приходи во 2024 година се за 6,3 проценти повисоки споредбено со 2023 година, надминувајќи две милијарди евра.
Во делот на оперативни и административни капацитети се истакнува новата Стратегија за развој на Царинската управа 2025 – 2027, со особен акцент на воспоставениот сеопфатен разузнавачки систем.
Притоа во извештајот е забележан и зголемениот број на случаи на заплени.
Особено е потенциран напредокот во усогласување на ИКТ системите и нивно унапредување – новиот компјутеризиран транзитен систем фаза 5 кој е завршен и пуштен во употреба во јануари годинава, како и развој на системот за регистрација и идентификација на економските оператори ЕОРИ и унифицирано управување со корисници и дигитален потпис.
Во делот на законодавството, Комисијата нотира високо ниво на усогласеност на Царинското законодавство со правото на ЕУ. Ратификуван е Протоколот за елиминација на нелегалната трговија со тутунски производи од Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутун, при што како што подвлекува Комисијата, државата има важна обврска во борбата против царински измами, особено во спречување шверц на тутунски производи.
Во борбата со корупција, како еден од главните приоритети на Царинската управа, во извештајот е истакната усвоената Стратегија за интегритет и борба против корупција за периодот 2024-2027, која вклучува 22 таргетирани мерки за спречување корупција.
Во делот на заштита на правата од интелектуална сопственост особено се потенцирани резултатите на Царинската управа. Притоа Европската комисија наведува дека во 2024 година во 73 случаи запленети се 147.525 стоки поради сомневање за повреда на правата од интелектуална сопственост.
Во областа на добрососедски односи и регионална соработка во извештајот на ЕК е истакнат потпишаниот Меморандум за соработка меѓу Царинските управи на Македонија и Црна Гора, чија цел е подобрување на ефикасноста на царинските контроли и спречување на царинска измама, како и забрзување на легалната трговија меѓу двете земји.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

