Македонија
Дијаспората, освен патниот лист, кој е бесплатен, да ги користи и базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва, апелира Бојмацалиев
Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, на својата фејсбук-страница упати повик до македонската дијаспора дека, освен патниот лист, имаат можност да ги искористат и базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва на Северна Македонија.
„Упатувам повик до македонската дијаспора, освен патниот лист, кој е бесплатен, да ги искористат и базните станици во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија.
Проектот за поднесување барања за издавање патни исправи преку дипломатско-конзуларните преставништва е почнат 1.10.2021 година и до 9.2.2024 година вкупно 47.726 граѓани ја имаат искористено оваа можност да извадат патна исправа преку овие институции“, информира Бојмацалиев.
Моментно барања за издавање патни исправи, како што појаснува, се поднесуваат во вкупно 25 дипломатски преставништа, и тоа: Љубљана, Лондон, Берн, Берлин, Бон, Минхен, Виена, Њујорк, Чикаго, Венеција, Рим, Малта, Стокхолм, Копенхаген, Пекинг, Малме, Абу Даби, Осло, Брисел, Хаг, Париз, Торонто, Детроит, Мелбурн и Канбера.
„Целокупниот процес – од поднесување барање до изготвување на патните исправи – трае од 15 до 30 дена, што е сериозно кратење на времетраењето на процедурите ако се земе предвид дека досегашната постапка траеше од четири до пет месеци, со големи трошоци за граѓаните.
Оваа иницијатива е на поранешниот министер Оливер Спасовски и раководството на МВР од 2018 година, со инвестиција од 150.000 евра, а таа финишира на крајот на 2021 година решавајќи го деценискиот проблем што го имаше нашата дијаспора“, пишува Бојмацалиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска -Давкова: Мајчиниот јазик е чувар на семејната и национална традиција
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, што традиционално го организира Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
Во своето обраќање, претседателката нагласи дека мајчиниот јазик не е само инструмент за комуникација, туку и чувар на семејната и национална традиција, на духовното богатство и култура на еден народ. Таа посочи дека образованието на мајчин јазик има клучна улога во интелектуалниот и емоционалниот развој на поединецот, а почитувањето на јазичната разновидност значи почитување на културната различност.
Говорејќи дека јазикот е темел на идентитетот, чувар на колективната меморија во којашто се запишани искуствата на минатите генерации и стремежите на оние кои доаѓаат по нас, Сиљановска-Давкова истакна дека овој ден не е само повод за одбележување на важниoт јубилеј, туку и потсетник за одговорноста што ја носиме кон јазикот како културно наследство и моќно мировно оружје.
Таа потсети на заедничката обврска да го развиваме и унапредуваме македонскиот јазик не само во образованието и науката, туку и во културата, политиката, медиумите и економијата, создавајќи услови за негов развој во чекор со современиот дигитален свет.
Според неа, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ имаше и има особено важна улога во промоцијата и заштитата на стандардниот македонски јазик.
За претседателката јазичната разноликост, како карактеристика на нашата држава, е вредно јазично богатство. Почитувањето и негувањето на јазиците, според неа, ја јакнее културата на дијалог и толеранција и помага во градењето општество во кое различноста се доживува како сила што обединува.
Свечениот настан посветен на мајчиниот јазик, обедини претставници на академската заедница, државните институции и собра на едно место академици, професори и ученици, политичари, љубители на јазикот.
Посебна тежина и убавина на настанот му дадоа учениците од средните и основните училишта, кои рецитираа стихови од познати поети на своите мајчини јазици.
Македонија
Уапсени седум возачи поради возење без возачка дозвола, со активна забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои тројца за возење без возачка дозвола, двајца за управување возило под дејство на алкохол и тројца со забрана за управување возило од Б категорија.
По еден возач во Скопје и Битола управувале возило без возачка дозвола, од кои возачот во Скопје е малолетник. По еден возач во Куманово, Велес и Неготино за управување возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија. Додека, по еден возач во Македонска Каменица и Струга управувале возило под дејство на алкохол. Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
МВР апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај.
Македонија
Хоџа: Реален пресврт во управувањето со отпадот во Полошкиот регион
Модерниот регионален систем за отпад значи крај на импровизациите и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи граѓаните– беше клучната порака од обраќањето на министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на презентацијата на новата механизација за регионалниот центар Русино.
Инвестицијата во вредност од 1.114.200 евра е реализирана со поддршка од Европската банка за обнова и развој.
Со новата механизација значително се зголемува оперативниот капацитет на Русино и се воведуваат современи стандарди во секојдневното работење. Оваа активност е дел од пошироката инвестиција од 55 милиони евра со која започна најголемата инфраструктурна реформа во секторот отпад во државата.
Во следната фаза е предвидена инвестиција од околу 14 милиони евра за рехабилитација и проширување на депонијата, што вклучува изградба на нови депониски ќелии, систем за управување со исцедок и биогас и затворање на постојната депонија.
„Со тоа се обезбедува целосно усогласување со европските стандарди и воспоставување модерен регионален систем што значи крај на дивите депонии и почиста животна средина за граѓаните во Полог“, рече министерот.

