Македонија
ДКСК: Без интервјуа и записници се вработувале роднините на Кирацовски, Бектеши, Адеми
Целиот процес за тоа како тече непотизмот во државните и јавни институции денеска беше обелоденет на седницата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Новинарите добија листа од 18 предмети од кои три беа за вработувањата на роднини на пратеничката Мира Стојчевска, а три за пратеникот од СДСМ Александар Кирацовски. Од овие предмети за половината беше утврдено дека постојат сериозни сомнежи за непотизам и влијание при вработување роднини, сестри, браќа, мајки и татковци по доаѓањето на СДСМ на власт.
Еклатантен пример беше предметот за вработувањето на сестрата на министерот за економија Крешник Бектеши, Влора Бектеши, која во октомври 2018 година била вработена како самостоен референт за правни работи во МЕПСО. Вкупно 73 кандидати се пријавиле за ова место. Без записник за извршени интервјуа и без записник за бодирање, избрани биле петмина кандидати во потесниот круг, а за најдобар кандидат генералниот директор на МЕПСО ја избрал токму сестрата на министерот за економија.
„Не се знае точно како токму сестрата на министерот била избрана меѓу петте селектирани кандидати, бидејќи не постои записник од бодирањето. Владата треба да се извести за овој случај, а Надзорниот одбор на МЕПСО треба да изврши увид во работата на овој случај. Воедно, иницирам прекршочна постапка против Бектеши бидејќи тој и неговата сестра живеат во исто домаќинство, а тој не пријавил дека член на неговото семејство е вработен во државна институција“, рече Владимир Ѓорѓиев, член на ДКСК.
На седницата се провлекоа низа случаи за кои постојат сериозни сомнежи за непотизам кои се одвивале на ист начин – институциите не доставувале записници за интервјуа, нема податоци за бодирање на кандидатите, нема причини зошто останатите кандидати се одбиени и зошто е избран токму роднина на висок функционер.
Сличен случај е и вработувањето на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, Хидоете Алили, која е вработена во ЕЛЕМ. Работното место не постоело претходно, било креирано, недостига ранг-листата на пријавените, немало бодирања ниту, пак, воопшто се знаело дали е извршено интервјуирање на кандидатите. И за овој предмет, комисијата ќе ја извести Владата, а ќе му наложи на Надзорниот одбор на ЕЛЕМ да изврши увид во целокупната документација за случајот.
За вработувањата на сопругот, синот и братот на пратеничката Мира Стојчевска, утврдени беа индиции за непотизам само во случајот за вработувањето на нејзиниот син Виктор Стојчевски во ЕЛЕМ.
На врвот на листата по случаи за непотизам е пратеникот и секретар на СДСМ Александар Кирацовски – и вработувањето на неговиот дедо Борче Поповски во ЕЛЕМ Новаци, и сестрата Мирјана Јосифовска во Централен регистар, и мајката на сопругата на Кирацовски, Мери Поповска, во ДУД „Мирка Гинова“, за ДКСК се со индиции за непотизам.
За вработувањето на мајката на пратеникот од СДСМ Костадин Костадинов во Централниот регистар во Струмица, Нури Бајрами од ДКСК наведе дека „постојат индиции што претставуваат основи за одговорност на директорот на Централниот регистар бидејќи не е спроведена фер и транспарентна постапка и не се земени предвид сите околности за да се избере најдобриот кандидат“.
За овој случај, Бајрами предложи да се извести Владата, да се побара од Управниот одбор на Централниот регистар да ја испита постапката за вработување и да се спроведе антикорупциска проверка на вработувањата кои се одвиваат преку агенции за привремени вработувања.
Антикорупционерите објавија дека нема нерегуларности при вработувањата на ќерката на претседателот на собранието Талат Џафери, Бесијана, во ЕЛЕМ и кај вработувањето на синот на пратеникот Горан Мисовски, Кристијан, во Агенцијата за супервизија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од општината Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 16.00 часот корисниците на улиците Борис Сарафов и Атанас Иљоски (општина Ѓорче Петров).
Македонија
Магла на два патни правци, најавен собир на регионалниот пат Берово – Струмица, сообраќајот ќе биде блокиран
Поради појава на магла се бележи намалена видливост од 50 – 60 магла има на патните правци Неготино – Градско и Неготино – Демир Капија, извести АМСМ.
Најава за прекин на сообраќај: На 19.12.2025 година во 10.00 часот од страна на Месно население на село Двориште, најавен е јавен собир на Регионален пат П-1302 (Берово – Струмица) на место викано „Студенецо“, при што сообраќајот ќе биде блокиран, а возачите кои сообраќаат по патен правец Струмица – Берово, да ги користат алтернативните патни правци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.

