Македонија
Дневни центри за деца со попреченост во Карпош и Тетово, во Гази Баба советувалиште за семејства во ризик
Министерството за труд и социјална политика склучи договори за соработка со општините Гази Баба, Карпош и Тетово, кои предвидуваат отворање два нови дневни центри за деца со попреченост, како и советувалиште за деца и семејства во ризик и за деца со попреченост.
Соработката ќе се одвива во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, со поддршка на Светската банка. Со ова бројот на општини во кои се нудат социјални услуги финансирани во рамките на проектот се проширува на 26, а бројот на корисници се зголемува на над 1.040 корисници.
Во општина Карпош, како што објаснуваат од Министерството, 32 деца со попреченост, од кои 16 деца на возраст од 2 до 5 години и 16 деца на возраст од 6 до 10 години, ќе имаат можност да престојуваат во Дневниот престој на деца со попреченост, каде што давател на услугата ќе биде македонското здружение „Монтесори“.
Преку примена на Монтесори-методот и современите терапевтски техники ќе бидат обезбедени стручна помош и поддршка преку индивидуален и групен третман и психо-социјална поддршка за децата и нивните семејства. Тоа подразбира интензивна поддршка врз индивидуалните потреби на детето.
Во општината Гази Баба давател на услугата советување ќе биде СОС „Детското село“, а ќе бидат опфатени 80 членови на семејства во социјален ризик. Стручните тимови ќе работат на подобрување на социјалните и комуникациските вештини на децата помеѓу врсниците, нивната самодоверба и самопочит, препознавање на чувствата и техники на справување.
За да се намалат конфликтите и насилството во семејствата, давателите на услугите ќе работат и на подобрување на родителските вештини и на комуникацијата меѓу членовите на семејствата сѐ со цел зајакнување на семејствата во социјален ризик.
Во општина Тетово исто така ќе се формира дневен престој за лица со попреченост, во кој ќе имаат можност да престојуваат 30 деца со попреченост.
Стручен тим составен од специјален рехабилитатор и едукатор, логопед, психолог, социјален работник и физиотерапевт ќе ја обезбедува услугата индивидуален и групен третман според претходна процена на потребите на децата со попреченост. Во Дневниот престој децата ќе имаат можност да ги развијат секојдневните животни вештини (навики за исхрана, хигиена, здравје), но и други активности, како што се воспитни, социјални, културни и рекреативни за да може децата со интелектуална попреченост полесно да се вклучат во редовниот образовен систем.
Услугата во Дневниот центар предвидува групна, индивидуална и окупациска терапија за деца со попреченост, а покрај социјалните услуги, со децата предвидена е и паралелна работа советување, работилници и други активности и со родителите.
Рокот за спроведување на проектите е 18 месеци, од кои пет месеци за воспоставување и 12 месеци за испорака на услугата, информираат од ова Министерство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по влажни коловози. Слаб снег провејува на планинскиот премин Стража кој во мометот не се здржува на коловозот. Намалена видливост поради појава на магла до 50 метри има на Плетвар и Пресека, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Бутел, Ѓорче Петров и Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од ул. бр. 2 во с. Љубанци. (Општина Бутел)
· од 08:30 до 15:00 часот, корисниците од ул. бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од улиците со бр. 1 и бр. 9 во с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локални врнежи од дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, а на планините и на повисоките места претежно во западните и северните делови од снег. Ќе дува слаб до умерен северозападен, а наместа во западните делови повремено засилен западен ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 5, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Потоа во следните два дена ќе се задржи претежно стабилно време, а во петок повторно ќе има врнежи од дожд и снег.

