Македонија
Договорот од Преспа се турка насилно во Собранието, реагира ВМРО-ДПМНЕ

Зоран Заев нема легитимитет да го менува Уставот за да го смени уставното име на Република Македонија, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ по прес-конференциите на владиниот портпарол Миле Бошњаковски и потпретседателката на Собранието, Фросина Ременски, за амандманите за промена на Уставот кои Владата ги достави до Собранието.
„Зоран Заев нема легитимитет да ги менува идентитетот, историјата, културата и традицијата на Република Македонија. Покрај сите нерегуларности, заплашувања, поткупувања и полнење кутии граѓаните кажаа ‘не’. Еден милион и 200 илјади граѓани му дадоа црвен картон на Зоран Заев и на СДСМ на референдумот. Граѓаните не ја поддржаа неговата антидржавна политика и му порачаа дека договорот од Преспа за промена на името е правно-политички мртов“, се вели во реакцијата на опозицијата.
ВМРО-ДПМНЕ додава дека секој обид за насилно туркање на договорот од Преспа во Собрание е силување на волјата на граѓаните. Опозицијата уште еднаш побара од премиерот Зоран Заев да се откаже од договорот за промена на името.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андоновска: Во Институтот за јавно здравје секој тргнувал само од личниот интерес

Директорката на Институтот на јавно здравје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, во рамки на вечерашната трибина „Реформи во здравството, ги градиме темелите на промените“, истакна дека наследиле распаднати институции каде што воопшто не се размислувало за услугите и грижа за граѓаните. Таа додаде дека конкретно во Институтот, ниту една работа не била водена согласно законските прописи.
„Мораме да ги поставувавме темелите повторно, и нема да се откажеме и сме силно мотивирани да го направиме тоа. Најдовме распаднати институции, каде што воопшто не се размислувало ниту за услугите, ниту за институциите, а најмалку за граѓаните. Секој тргнувал само од личниот интерес, ниту една работа што ја затекнав во Институтот не беше водена согласно законски прописи, се беше спротивно на законот“, нагласи Андоновска.
Андоновска објасни дека со преземањето на Институтот, затекнале опрема којашто била купена скапо, но не се употребувала повеќе години. Таа информираше дека опремата веќе е ставена во употреба, се со цел граѓаните да може да се обратат во државните институции.
„Затекнавме опрема којашто е купена многу скапо и може да биде многу од корист на граѓаните, но е вон употреба повеќе години. Ја ставивме таа опрема во употреба и направивме се за таа да може да профункционира, повторно да можат граѓаните да се обратат во државните институции, наместо да одат само во приватните и да имаат дополнителни трошоци. Воведовме втора смена и сме единствената микробиолошка лабораторија којашто можат граѓаните да ја посетат и после работното време“, заклучува Андоновска.
Македонија
Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, за само една година, две промени во позитивната листа на лекови која не беше обновена 10 години, се пофали Клековски

„Не почнавме од нула, туку од минус. 10 години во Македонија не беше обновена позитивната листа на лекови. 10 години од 2014-та година ниедна промена на позитивната листа, за една година ние успеавме да направиме две промени. Во првата промена 9 генерички лекови, во последната 2 онколошки лекови кои од следниот понеделник ќе бидат достапни во аптеките“, истакна членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и директор на ФЗОМ, Сашо Клековски на денешната трибина во Штип на тема „Реформи во здравството – Ги градиме темелите на промените“.
Клековски додаде дека фокусот бил ставен на лековите.
„Благодарејќи на поддршката на владата одвоивме неверојатни пет милијарди денари за иновативни лекови, тоа е 70% повеќе од 2024-та година или двојно повеќе до 2023-та година. Тоа се многу повеќе пари, една милијарда повеќе за онкологија, повеќе пари за хематологија, педијатрија. Ова не се само пари, ова се животи спасени и олеснети. Стабилно снабдување на онкологија и хематологија, сите пациенти на неврологија со мултипла склероза опфатени. Луѓето на кои им треба хормон раст не чекаат веќе на тоа, и многу такви примери“, вели Клековски.
Тој истакна дека бројот на ин витро што го покрива ФЗОМ наместо 3 сега е зголемено на 6 и исто така процесот за добивање известување за барателите на ин витро е дигитализиран.
Македонија
Повторно се разгоре на Готен, шест пожари активни во државата

Денес попладне повторно се разгоре пожарот над селото Подареш на планината Готен од радовишка страна, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов. Како што рече со овој пожар надлежните борба водат над 15 дена и е исклучително тежок пожар за гаснење. Ангелов уверува дека пожарот нема да го загрози селото. Прашање е како што рече, колкава штета ќе нанесе на природата околу селото.
Според него ангажирани се сите ресурси, меѓу нив и полицискиот хеликоптер и чешкиот „Блек Хок“ како и противпожарни служби на општината и месното население.
Инаку на територијата на државата до 18 часот попладнево има вкупно 24 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, два се под контрола а 16 се изгаснати, соопшти ЦУК.
Активни се шест пожари:
1. Општина Василево, Радовиш и Берово – с. Нивичино, планина Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација);
2. Општина Прилеп – с. Бешиште, место викано Бешишки Рид (под контрола), друг крак кон с. Градешница (Опш. Новаци) и трет крак кон границата со Р. Грција (мешана шума, не се интервенира поради детонации);
3. Општина Прилеп и Кавадарци – помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен (Опш. Прилеп) и Галиште и Трстеник (Опш. Кавадарци) (мешана шума и ниска вегетација);
4. Општина Крушево – Градска депонија кај м.в. Струнга (ѓубре, сува трева и нискостеблеста шума);
5. Општина Струга – делницата Струга – Калишта (трска и ниска вегетација);
6. Општина Штип – с. Чардаклија – с. Караорман (ниска вегетација);
Под контрола се два:
1. Општина Карбинци – с. Јунузлија (шума);
2. Општина Делчево – Градска депонија Острец (ѓубре);
Изгаснати се 16 пожари:
1. Општина Штип – помеѓу селата Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и ниска вегетација);
2. Македонски Брод 1 – с. Грешница (мешана шума и ниска вегетација);
3. Македонски Брод 2 – помеѓу с. Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација);
4. Македонска Каменица – с. Ќосевица (борова шума);
5. Општина Прилеп – ул. Јоска Јорданоски (ниска вегетација);
6. Општина Струмица – с. Просениково (трска);
7. Општина Гевгелија – с. Миравци (грмушки и ниска вегетација);
8. Општина Радовиш – кај базенот во Радовиш (грмушки и ниска вегетација);
9. Општина Валандово – с. Јосифово (грмушки и ниска вегетација);
10. Општина Чашка – с. Оморани (грмушки и ниска вегетација);
11. Општина Росоман – с. Трстеник (напуштени лозови и овошни насади);
12. Општина Делчево – с. Звегор (ниска вегетација);
13. Куманово 1 – с. Градиште (ниска шума и ниска вегетација);
14. Куманово 2 – населба Баново трло (ѓубре);
15. Куманово 3 – населба Баново трло кај Туш маркет (ѓубре);
16. Општина Боговиње – кај Рио Компани (ниска вегетација).