Македонија
Додека Мицкоски измислува странски служби и хибридни напади, неговиот министер Тошковски јавно го демантираше, велат од СДСМ
Според СДСМ, она што се случува деновиве покажува дека владата на ВМРО-ДПМНЕ не само што e неспособна туку е во целосна конфузија.
Според оваа партија, додека премиерот Христијан Мицкоски измислува странски служби и хибридни напади, неговиот министер Тошковски јавно го демантираше, ја префрла вината врз граѓаните кои живеат покрај депониите.
„Јасно како ден е дека „хибридниот напад од странски центри“ е смешно алиби за неспособноста на Мицкоски и неговата влада. Мицкоски глуми жртва секој пат кога е фатен во неспособност да одговори на проблемите.
За овие 15 месеци имавме 5 различни и измислени сценарија, за дестабилзаиција, за странски служби, за дронови, за следење на премиерот и сега еве хибридни напади од надворешни центри на моќ.
Неспособност не може да се покрие со изговори, таа се гледа и граѓаните многу добро ја знаат затоа што ја плаќаат со најважното нешто, нивното здравје“.
Од оваа власт, додаваат од СДСМ, не видовме ниту едно решение за ниту еден проблем, затоа се изговорите.
„Резултатот на владата на Мицкоски е катастрофален: депониите горaт, воздухот не се дише, канцерогените материи се зголемуваат, а институциите се парализирани од лагите и изговорите на власта“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Дури ни Груби првично не се пожалил на безбедносен ризик – ДПМНЕ преку АНБ и МВР без проценка го испратија дома“, велат од Левица
„Фарсата на ДПМНЕ и Артан Груби оди дотаму што, првично, дури ни самиот Груби не пријавил дека се чувствува небезбедно. Директорот на истражниот затвор јавно соопшти дека нема поплаки, дека е извршен лекарски преглед и дека неговата безбедност е гарантирана. Само неколку часа подоцна, Министерството за внатрешни работи на чело со Панче Тошковски и Агенцијата за национална безбедност со Бојан Христовски, презентираат проценки без воопшто да направат каква било проценка, дека неговата безбедност не може да се гарантира, по што обвинителството го прифаќа тоа како клучен аргумент за замена на притворот со куќен притвор“, велат од партијата Левица.
„Ова отвора сериозно прашање за кредибилитетот и мотивите зад ваквата „проценка“. Ако не постоела конкретна пријава, ако надлежните во затворот тврдат дека безбедноста е обезбедена, тогаш од каде произлегува драматичната промена на наративот во рок од неколку часа? Очигледно, станува збор за конструирано алиби за поблага мерка. Јавноста има право на јасен и аргументиран одговор, не на контрадикторни изјави, а сега и молк од МВР и АНБ.
Но, дури и хипотетички да постои одреден безбедносен ризик, обезбедувањето сигурност во притворските установи е директна надлежност и обврска токму на државните институции. Ако тие проценуваат дека постои ризик, тогаш нивна должност е да го неутрализираат преку засилени мерки на обезбедување, изолација или посебен режим во рамки на затворот, а не магично да ја укинуваат мерка. Во спротивно, државата испраќа порака дека не е способна да го спроведе сопствениот систем на притвор, или дека не сака да го спроведе кога станува збор за високи функционери.
Особено загрижува што станува збор за лице кое 14 месеци беше во бегство и за кое е распишана меѓународна потерница, осомничено за злоупотреби во милионски износи. По секоја правна логика, тоа е отежнителна околност. Наместо тоа, добиваме повластен третман заснован на флоскули од институции под раководство на ДПМНЕ. Прашањето што се наметнува е едноставно: дали истиот стандард би важел за обичен граѓанин? Колку притвореници без политичка тежина добиле куќен притвор затоа што државата не можела да им гарантира безбедност?
Левица оценува дека ваквата одлука создава опасен преседан безбедносните служби да станат инструмент за релативизирање на притворот кога станува збор за политички елити. Безбедноста не смее да биде изговор за привилегија. Ако државата не може да обезбеди сигурност во сопствен затвор, тоа е пораз на институциите. Ако може, а сепак одлучува поинаку, тогаш станува збор за селективна правда. Во двата случаи, одговорноста директно посега по ДПМНЕ“, соопштува Левица.
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 04:00 до 08:00 часот, корисниците од населбите: Бутел и Север, општина Бутел, Топанско Поле и дел од Чаир, општина Чаир и Шуто Оризари и Визбегово, општина Шуто Оризари;
· од 07:30 до 15:30 часот, корисниците на булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов, броеви од 49 до 53, како и објектите во околината на Поликлиника – Идадија, општина Центар;
· од 08:00 до 16:00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов, подулици бр. 10, 15 и 18, општина Аеродром;
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од улицата Финска, општина Гази Баба;
· од 11:00 до 14:00 часот, корисниците од улицата Крагујевачка бр. 9, општина Карпош;
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 16 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа вдолж Повардарјето повремено засилен ветер од северен правец, особено претпладне. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа и во почетокот на следната седмица нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок. Времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност, освен во сабота кога ќе има зголемено наоблачување. Од петок по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла.

