Македонија
Доколку во Европа се случеше скандал како овој со хируршките сали, истиот ден одговорните функционери ќе беа „искуферени“, велат ВМРО-ДПМНЕ
„Цели дваесет дена владее хаос на Клиниката на хирургија, 20 дена владее тотален колапс во терцијалното здравство во Македонија. Клучната клиника кај што се изведуваат најкомплицираните хируршки операции и кај што се третираат најтешките случаи во Македонија, не функционира поради неодговорноста на власта во заминување“, велат ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерот за здравство префрла вина, заменичката министерка прославува родендени, а 12 директори молчат и се кријат за овој скандал. Неброени операции се одложени, животи на луѓе се загрозени, а десетици луѓе дневно се препраќаат во други здравствени установи или приватни клиники и некој си игра пинг понг со нивните судбини.
20 дена не се врши санација на хируршките сали, ниту пак се наоѓа решение за состојбите, што е врв на негрижата која СДС и ДУИ ја покажаа кон народот сега на заминување. Не би сакале да веруваме дека нивната ваква неодговорност е одговор на волјата на граѓаните изразена на изборите. Скандалот да биде поголем се работи за санација која чини се на се 120 илјади евра и оваа екипа од СДС и ДУИ во 7 години власт не најде простор да ја реализира. Ако овие 7 години работеа како што треба, немаше да се доведеме во ситуација како држава здравјето на толку голем број граѓани и здравствениот систем во целина да бидат доведени во прашање. Да се случеше нешто слично во европска држава, досега раководните функционери не само што ќе беа „искуферени“ од нивните фотелји истиот ден, туку следниот ден ќе беше поведена постапка за нивна одговорност пред законите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фондацијата „Заедно за едно“ донираше на кочанската болница 90 комплети ракавици за пасивна рехабилитација
Во насока на обезбедување соодветна медицинска и рехабилитациска поддршка за настраданите во пожарот во Кочани, Фондацијата „Заедно за едно“, основана од Македонската банкарска асоцијација, набави и испорача во ЈЗУ Општа болница Кочани 90 (деведесет) комплети S-Touch C1 ракавици за пасивна рехабилитација.
Секој комплет се состои од терапевтска ракавица, контролер и клон ракавица и претставува современо технолошко решение за спроведување на пасивни рехабилитациски третмани кај пациенти со нарушена моторика на горните екстремитети, како резултат на изгореници, повреди или невролошки состојби.
Со оваа донација значително се унапредуваат капацитетите на болницата за обезбедување континуирана и квалитетна рехабилитација, што е од особена важност во процесот на закрепнување на пациентите погодени од трагичниот настан.
„Остануваме посветени на обезбедување соодветни услови за лекување и рехабилитација и на континуирана поддршка на здравствените установи во справувањето со последиците од овој немил настан“, велат од Фондацијата.
Македонија
(Фото) Патот кон Теферич затворен за сообраќај, градоначалничката на Кисела Вода најави најбрзо техничко решение
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај објави на социјалните мрежи градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска.
„По денешниот повторен увид на терен со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и извршените стручни анализи, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец.
Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето“.

Апелира до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.

„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција.
Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет“, напиша таа.
Претходно граѓани алармираа дека повторно се оштетил патот кон Теферич, само пет месеци по неговото реновирање.
Македонија
Беким Сали во работна посета на Украина: „Изразена солидарноста и поддршката кон украинскиот народ“
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, денес престојува во официјална работна посета на Киев, Украина, каде ќе оствари средби со високи претставници на украинските државни институции.
Во рамки на посетата, Сали учествуваше на комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, при што беше изразена солидарност и поддршка кон украинскиот народ.



За време на посетата, предвидена е билатерална средба со заменик-претседателот на Владата за европска и евроатлантска интеграција на Украина, Тарас Качка, на која ќе се разговара за напредокот во процесот на европска интеграција, спроведувањето на реформите и унапредувањето на соработката меѓу двете земји во пристапниот процес кон Европската Унија.
Во агендата е предвидена и средба со претседателката на Комитетот за интеграција на Украина во Европската Унија при Врховната рада, г-ѓа Ивана Климпуш-Цинцадзе, со фокус на парламентарната соработка и размената на искуства во пристапните преговори.
Сали ќе оствари средба и со врховниот муфтија на Украина и претседател на Духовната управа на муслиманите на Украина, Ахмед Тамим, на која ќе се разговара за меѓурелигискиот дијалог и улогата на верските заедници во промовирањето на мирот и општествената стабилност.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка и реафирмирање на поддршката на Македонија за суверенитетот, територијалниот интегритет и евроатлантската перспектива на Украина.

