Македонија
Докторката на Тони Трајковски сведочи зад затворени врати

Обвинетиот Тони Трајковски не дојде на денешното судење за ТНТ по што судот ја одложи расправата за уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски.
„Добив известување дека по минатото рочиште бил на доктор и ви го поднесов. Добил документ да не присуствува на рочиште поради неговата здравствена состојба“, рече адвокатот на Трајковски, Јовица Страшевски.
На рочиштето присуствува докторката Викторија Вујовиќ, која ќе сведочи за здравствената состојба на Трајковски, без присуство на новинарите.
Во предметот ТНТ, кој се однесува на уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цановски, обвинети се и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и поранешниот премиер, Никола Груевски.
Првото рочиште за ТНТ се одржа на 24.1.2018 година, но поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет, процесот се врати од почеток.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петровска откри зошто декласификацијата предизвикува нервоза кај власта

Пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, изјави дека барањето за целосна декласификација на документите предизвикало паника и нервоза кај власта, која наместо да одговори транспарентно – се обидела да се претстави како жртва.
„Приоритет е целосна декласификација на документите за да се обезбеди транспарентност и граѓаните да добијат одговори на стотиците прашања што се поставуваат. Најавата за целосна декласификација предизвика нервоза кај оние кои сакаа да се прикажат како жртви, затоа што ќе бидат објавени информации кои можеби нема да им се допаднат“, изјави Петровска во гостување во „Дневник“ на Сител телевизија.
Таа потсети дека претседателот на комисијата, Скендер Реџепи, го поднел барањето за безбедносен сертификат уште кон крајот на 2024 година, но шестмесечниот рок одамна е пробиен.
„Тоа отвора сериозни прашања за законитоста на надзорот“, додаде Петровска.
Пратеничката истакна и дека неколку пати биле закажувани и откажувани седници на кои требало да претседава Реџепи, а потоа тој самостојно закажал седница, што според неа создало негативен впечаток за работата на Собранието.
„Надзорот мора да биде јавен, пред медиумите и граѓаните, со јасна одговорност од сите. АНБ не е сопственост на ниту една партија, туку столб на државата. Реформите мора да продолжат, но со вклучување на експерти, академската заедница и невладини организации“, нагласи Петровска.
Таа посочи дека Собранието нема истражна функција и пратениците мора да внимаваат да не ја попречуваат предистрагата.
Македонија
(Видео) Фабриката „Винчини“ во пламен, ангажирани пожарникари од повеќе градови

Голем пожар ја зафати фабриката за слатки „Винчини“ во Виница, каде што огнените јазици уништија магацини и неколку производствени погони.
Инцидентот бил пријавен денеска околу 18:40 часот во Центарот за управување со кризи преку бројот Е-112. Огнот избувнал во магацинскиот простор и брзо се проширил во производствените хали со редни броеви 6, 7 и 8, каде што биле складирани суровини и дел од опремата.
На местото веднаш интервенирале екипите на Територијалната противпожарна единица од Виница со неколку возила и пожарникари, но поради обемот на пожарот била побарана помош од соседните општини.
„Во гаснењето се вклучени и противпожарните сили од Кочани со сите свои капацитети, а дополнителна поддршка е побарана од Македонска Каменица и Штип,“ соопштија од ЦУК.
Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, изјави дека станува збор за специфичен урбан пожар, што бара исклучиво интервенција на професионални пожарникари и координација на повеќе општини.
Македонија
Познати победниците на трката „Голак Трејлс“ посветена на херојот Иле Гоцевски

Во чест на херојот Иле Гоцевски, возачот кој за време на несреќата во Кочани остана запаметен по својата храброст и пожртвуваност, денеска во Делчево се одржа првата планинска трка „Голак Трејлс“. Настанот беше организиран постхумно, како симбол на благодарност и почит кон неговото дело, но и како потсетник на човечките вредности што тој ги претставуваше.
На патеката долга 13 километри трчаа околу 200 учесници од повеќе македонски градови и гости од соседството. Атмосферата беше исполнета со спортски дух, силни емоции и порака дека спортот може да биде начин да се зачува споменот на оние кои оставиле трага.
Во машка конкуренција најбрз беше Ибрахим Мамудов од Штип, а во женска категорија победи Марија Пеликон од Скопје. Победниците истакнаа дека трката имала посебна тежина, бидејќи била посветена на човек чиј лик е симбол на храброст и пожртвуваност.
За првото место кај младите се истакна Калин Стефановски, ученик во осмо одделение, кој ја совлада патеката за два часа и ги повика своите врсници активно да се занимаваат со спорт.
Организаторите нагласија дека „Голак Трејлс“ не е само спортски предизвик, туку и почеток на нова традиција во Делчево.
„Со оваа трка ја оддаваме почит на Иле, но и испраќаме порака дека Делчево станува центар на планинскиот туризам и рекреација во источниот регион“, истакнаа тие.