Македонија
ДОМ: Зелениот катастар треба да води кон ревизија на урбанизмот во Скопје

ДОМ ја поздравува изработката на зелениот катастар на Град Скопје, што произлезе како обврска од Законот за урбаното зеленило. Не случајно ДОМ со години се бореше за носење на овој закон зашто зелениот катастар и задолжителниот процент зеленило на ниво на град и на градежна парцела се клучни алатки во борбата со аерозагадувањето, соопшти ДОМ.
„Сметаме дека сега треба да следуваат два нови чекора. Првиот чекор е да се обезбеди достапност на зелениот катастар до јавноста за да може сите ние како граѓани да ја следиме состојбата со зеленилото. Со ова ќе бидат јавно познати просторите со урбано зеленило кои не смеат да се претвораат во градежно земјиште.
Втор чекор е да се направи целосна ревизија на детаљните урбанистички планови зашто бетонирањето на просторот го спречува нормалното проветрување на градот, го задржува смогот помеѓу зградите и опасно ги загрозува здравјето и квалитетот на живеење на граѓаните“, се вели во соопштението.
Затоа, ДОМ и понатаму бара да се направат измени во Законот за просторното и урбанистичкото планирање и негово усогласување со Законот за урбаното зеленило, со што ќе се внесе минимумот од 20 отсто зеленило на градежна парцела и 25 квадратни метри зеленило на жител на ниво на град.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Кузеска: Владата на Мицкоски склучила договор за надзор со ИРД Инженеринг, истата фирма за која велеа дека е епски криминал

Со фирмата ИРД Инженеринг, за која велеа дека е епски криминал и сомнителна, владата на Христијан Мицкоски склучила Договор за надзор, рече денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска. Таа кажа дека договорот е склучен на 19 септември годинава, помеѓу македонски Желеници и ИРД Инженеринг и е вреден 55 илјади евра.
„Кога беа опозиција, Мицкоски, Николовски, Стојановски, цело ВМРО-ДПМНЕ држеше секојдневни прес конференции со обинувања за ИРД Инженеринг, фирмата надзор за автопатите од страна на Бехтел Енка. Ова за ВМРО-ДПМНЕ беше „епски криминал“ „лош надзор“ „сомнителна компанија“. Јавно на прес конференции целиот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ бараше реакции од Обвинителството, обвинуваа дека оваа фима, ИРД Инженеринг е „симбол на злоупотреби и партиски зделки“. Лично Мицкоски зборуваше за „нов голем епски криминал“ и бараше кривична одговорност. Највуваа раскинување на договорот, репреговарање, што ли уште не. Тоа беше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција. Денеска гледаме дека се ова било лага до лага.
Наместо истрага – договор. Наместо одговорност – соработка. Ова е врв на политичко лицемерие, театар за јавноста во режија на Мицкоски и ДПМНЕ“, истакна Кузеска.
Таа побара Мицкоски јавно да излезе и да им се извини на граѓаните за, како што рече, сите негови лажни изјави, а Николовски да одговори зошто е склучен договор со ИРД Инженеринг.
Македонија
(Видео) Филипче: Резолуцијата ги јакне нашите позиции, таа е државен консензус за црвени линии

Денеска од Кисела Вода претседателот на СДСМ Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање порача дека СДСМ не ги урнало националните интереси на државата, ниту пак гледа дека нешто вратило ВМРО-ДПМНЕ. Но рече дека има документ со кој може да се потврдат црвените линии и заедничката позиција со национален консензус.
„Станува збор за потврдување на нашите црвени линии, потврдување на нашата заедничка позиција со национален консензус за првпат. Значи не станува збор за уривање туку за зајакнување. Ајде еднаш да сите заедно 120 пратеници како што тоа го прават сите држави вклучувајќи ја и Бугарија коишто имаат сите пратеници заеднички декларации во собранието бугарско за нивните национални интереси, ајде тоа да го направиме ние. Да конечно јасно и сите да потпишеме што е тоа што е наше национален интерес кои се нашите црвени илини и дека за тоа едноставно не преговараме.“, рече Филипче.
Тој истакна дека токму тоа стои во предлог резолуцијата која точно е утврдено дека за јазикот, идентитетот, културата, историјата ниту една влада повеќе нема да преговара.
Но повика за тоа да се зборува по изборите со цел овој период фокусот да биде ставен на локалните кампањи и презентација на програмите.
Македонија
(Видео) Филипче: Скандал, ДПМНЕ склучи договор со ИРД за надзор, фирмата која беше за нив криминална

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање за најавите на кандидатот за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Орце Георгиевски дека во Скопје ќе има воз, оцени дека станува збор за уште лага од низата нереални и лажни ветувања.
„За жал сметам дека е тоа уште едно во низата лажни ветувања. Таква пруга ниту има каде да се направи ниту имаат траси, едноставно е ветување дадено од рака. Меѓутоа има едно многу други интересно прашање е што пред две или три недели, Јавното претпријатие Македонски железници и инфраструктура потпишала договор за надзор за изведба на санација на одредени делници на пруга со италијанската компанија ИРД којашто е надзор на автопатите Бехтел и Енка и истата таа компанија за коешто многу претставници на ВМРО-ДПМНЕ меѓу кои и вицепремиерот Николовски обвинуваа дека се криминални зделки склучени од претходната влада. Обвинуваа дека фирмата работела само во Македонија и Молдавија, а не во Италија иако италијанска. Обвинуваа дека, поставуваа сомнеж како тоа да еден од директорите одговорен за Македонија претходно бил вработен во министерството за транспорти врски и сега после сите тие обвинувања после повиците до ОЈО да ги истражи тие таканаречени зделки сомнителни итн, тие потпишуваат договор со истата компанија“, изјави Филипче.
Притоа Филипче рече дека „нема крај на лицемерието на ВМРО-ДПМНЕ кое дојде на власт со лажна изјави, лажна кампања и лажни ветувања пред граѓаните“.
„Па има ли поголем доказ од тоа дека сè што кажуваа е невистина и дека нивната кампања беше изградена на лаги и манипулации?“ рече претседателот на СДСМ Венко Филипче.