Македонија
ДОМ: Остануваме доследни во борбата против отворање рудници
Остануваме доследни во борбата против отворање рудници, велат од политичката партија преку соопштение во кое коментираат дека намерата за експлоатација на бакар, злато и сребро во Плавица и Црн Врв, општина Кратово и Пробиштип, на инвеститорот „ДПТ силген ресурсис интернешнл“, објавена на 30 септември од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, предизвикува загриженост и револт кај граѓаните.
„Во согласност со демократските принципи граѓаните имаат право јавно да го изнесат својот став, а локалните советници се должни да ги застапуваат интересите на граѓаните. Испраќањето писмени известувања со најава за преземање правни дејства од страна на инвеститорот против советничката на ДОМ во Пробиштип, Светлана Станојковска, поради паушални и клеветнички наводи во објави на социјалната мрежа ‘Фејсбук’, нема да нè поколебаат во искрената и чесна борба против опасните рудници. За ДОМ, заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните секогаш е пред бизнис-интересот на поединци.
Потсетуваме дека Основниот суд 2 и Апелацискиот суд во Скопје, по поднесената тужба од страна на „Боров Дол“ ДООЕЛ Радовиш, донесоа пресуди во корист на ДОМ. Судот оцени дека нема клевета во пренесувањето јавно достапни информации ниту, пак, намера да им се наштети на честа и угледот на тужителот. Дополнително, судот го истакна правото на слобода на изразување, заштитено според Европската конвенција за заштита на човековите права.
ДОМ останува доследна во борбата против отворањето рудници, кои ги загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните. Во изминатите три години заедно со граѓанските активисти успеавме да го спречиме отворањето рудници за злато и бакар во Казандол и Иловица и да ја измениме законската регулатива, со што се забрани отворање нови рудници од отворен коп кои користат цијаниди и сулфурна киселина.
Министерството за економија неодамна поднесе информација до Владата со предлог-одлука за еднострано раскинување на договорот за концесија за детаљни геолошки истражувања на минерална суровина – бакар, злато и сребро на локалитетите Плавица и Црн Врв во Кратово и Пробиштип. Апелираме Владата да ја донесе оваа одлука во интерес на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните“, нагласува ДОМ во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

