Македонија
ДОМ: Само со почитување на законите може да се сочува статусот на УНЕСКО
По објавените информации за уште една нова дивоградба, на државно земјиште, во заштитеното градско подрачје на Охрид, ДОМ бара надлежните институции веднаш да постапат согласно законските одредби и да почнат со рушење на нелегалните градби во Охридскиот регион.
„Единствен начин да го сочуваме нашето единствено светско природно и културно наследство е да ги спроведеме препораките на реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО. Врвен приоритет е препораката број 6 за воспоставување мораториум на какви било урбани и крајбрежни трансформации во рамките на заштитеното подрачје додека сите релевантни плански документи не се усвојат и да се обезбеди строго спроведување на законите и прописите за да се спречи понатамошно незаконско градење“, велат од ДОМ.
Од зелената партија им укажуваат на надлежните институции дека се должни да постапуваат согласно законот, зашто во спротивно и самите ќе сносат одговорност за непостапување и соучесништво. Уривањето на дивоградбите, велат од ДОМ, е непопуларна, но во оваа ситуација единствено целисходна мерка која може да придонесе да го сочуваме УНЕСКО статусот. Дополнително, со санкционирање на нелегалното градење ќе се манифестира неселективното спроведување на законските прописи и владеење на правото, што е една од основните европски вредности, нагласуваат од партијата.
На сесијата на Комитетот на УНЕСКО во Баку, овој месец, ни беше одреден дополнителен рок за исполнување на клучните препораки на мониторинг мисијата на УНЕСКО, до февруари 2020 година. Доколку тоа не се реализира, Охридскиот регион ќе биде ставен на листата на светско наследство во опасност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минусни температури низ целата земја, на Попова Шапка измерени -16 степени
Утрово најстудено било на Попова Шапка кадешто се измерени -16 степени целзиусови, -14 било во Mаврови Анови, -13 во Kрушево, -12 во Пожаране, -11 во Крива Паланка, -10 Ѓуриште, Берово, -9 Тополчани, Битола, Прилеп, Охрид, -8 Виница, Претор, Тетово, Струмица, -7 Скопје-Петровец, -6 Штип, Демир Капија, -5 Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Кавадарци, Велес, -1 Гевгелија.
Висината на снежната покривка измерена во 7 часот утрово изнесува 26 сантиметри на Попова Шапка, 15 Крушево, 5 Ѓуриште, 2 Тетово и Берово.
Времето денеска
Променливо облачно. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3 степени.
Во Скопје, претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен, а претпладне во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 1 степен.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.

