Македонија
ДОМ: Oтворањето на вратата за ГМО храна во Македонија не е во интерес на граѓаните
Од партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ) остро реагираат на најавените измени на Законот за безбедност на храна, од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел овозможување на производство, ставање во промет и увоз во Република Македонија на ГМО-храна.
Оттаму апелираат за неопходност од широка јавна дебата по однос на оваа тема, со вклучување на сите засегнати страни.
„Сметаме дека во услови кога во нашата држава не постои акредитирана лабораторија во која ќе се контролира концентрацијата на ГМО во храната, отворањето на врата за ГМО-храна не е во интерес на пошироката јавност“, се наведува во партиското соопштение.
Од ДОМ објаснуваат дека ГМО е една од најконтроверзните теми на денешницата.
„Се водат жестоки битки на глобално ниво, на милиони ‘за’ и ‘против’! Сите зелени активисти во светот се активно ‘против’. И во Зелениот манифест усвоен минатиот месец, на Собранието на Европските зелени, како еден од главните приоритети се наведува производството на квалитетна, локална храна, без ГМО и пестициди. Како зелена партија водевме отворена и успешна кампања против ГМО-храната во изминатите години и нашиот став е непроменет“, велат од оваа партија.
Истакнуваат дека иако во научната фела сè уште се водат спротивставени дебати за безбедноста на ГМО храната, неспорна е потребата од дополнителни студии, кои би се спроведувале во подолг временски период и би биле финансирани од независни институции, а не од компаниите кои произведуваат ГМО-храна.
„Изминатите три децении покажаа дека ГМО-храната не ја исполни целта за намалување на гладта на глобално ниво. Денес, преку 800 милиони луѓе се соочуваат со гладот, а истовремено една третина од произведената храна, се губи или завршува како отпад, што е доволно да се нахранат сите гладни луѓе во светот“, наведуваат од партијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.