Македонија
Донесена Стратегијата за здравство 2021-2030

На предлог на Министерството за здравство, Владата попладнево ја донесе Стратегијата за здравство 2021 – 2030 година со Акциски план.
Како што информираат од владината прес-служба, низ транспарентен и инклузивен процес при нејзината подготовка земена е предвид агендата на ЕУ за ефективни, ефикасни и достапни здравствени системи и при што, меѓудругото, се идентификувани три клучни прашања:
– Поддршка за зајакнување на ефективноста на здравствените системи, што опфаќа успешност на здравствениот систем, квалитет и безбедност на здравствената заштита и интегрирањето на здравствената заштита на сите нивоа;
– Зголемување на достапноста до здравствената заштита, со фокус врз здравствената работна сила. Заложбите за планирање треба да осмислат одржливи решенија на ниво на ЕУ со кои ќе се обезбеди доволен број на соодветно квалификувани здравствени работници со вистинските вештини потребни за давање на здравствената заштита на сите на кои им е потребна;
– Подобрување на здравствените системи и улогата на е-здравството, проценка на здравствената технологија и здравствените информатички системи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Перински во Чаир: Заедно продолжуваме да градиме побезбедна и поинклузивна општина за сите нас

Во рамки на теренските посети по општините „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа, Златко Перински заедно со неговиот заменик, Ерџан Селими, попладнево одржаа средба со граѓаните, претставници на невладиниот и бизнис секторот од општина Чаир.
Дискутираа на повеќе теми, разменија мислења, предлози и идеи за зголемување на сообраќајната безбедност, подобрување на степенот на јавната хигиена, а разговараа како да се надминат и останати предизвици со кои се соочуваат граѓаните. На средбата беа презентирани и планираните измени на Законот за локална самоуправа и како тие ќе делуваат за подобрување на ефикасноста на општината и зголемување на квалитетот на испорачаните јавни услуги кон граѓаните. Дел од присутните побараа да се разгледа можноста за поставување на дополнителна светлосна сигнализација на неколку сообраќајници, а разговараа и за можноста за зголемување на јавната хигиена.
Министерот Перински се заблагодари на граѓаните за нивниот интерес за соработка и им укажа дека поддршката на Министерството и Владата ќе продолжи и во иднина.
„Ме радува интересот на граѓаните активно да учествуваат во креирањето на решенијата за надминување на одредени проблеми. Дел од нив, ќе бидат надминати со измените на Законот за локална самоуправа и веќе нема да постои простор истите да се создаваат. Министерството и Владата ќе продолжат заедно со Општината да работат на надминување на сите предизвици со цел да се обезбеди поквалитетен живот за сите граѓани во Чаир. Нам сите граѓани ни се битни, постоиме и работиме за нив, независно од нивната политичка, верска или било каква друга определба“, истакна Перински на средбата со граѓаните од Чаир, на која присуствуваа и заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и заменик министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири.
Македонија
Мицкоски: Ние сме усогласени со надворешната политика на ЕУ

Ние сме усогласени со надворешната политика на ЕУ, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски попладнево рече дека потегот во Обединетите нации не значи дека Македонија не била усогласена со надворешната политика на Европската унија, бидејќи резолуцијата не била таква.
Тој вели дека единствената резолуција, која како обврзувачка поминала во Советот за безбедност, е таа на САД, каде Македонија е ко-спонзор.
– Ние застанавме со нашиот сатратешки партнер, тоа се САД, а тоа не беше резолуција на ЕУ бидејќи исто така коспонзор на резолуцијата на САД е земја – членка на ЕУ, а тоа е Унгарија, така што не може да стане збор за усогласена надворешна политика на ЕУ. Нашиот став кога станува збор за усогласена надворешна политика на ЕУ, тука не треба да има никој дилема дека ние секогаш ќе бидеме бидејќи ја имаме усогласено нашата надворешна и одбранбена политика заедно со Европската унија, но во случајот тоа не беше случај. Ние застанавме позади резолуцијата и бевме коспонзори на резолуцијата на САД која што е единствената усвоена резолуција од страна на Советот за безбедност, а тоа значи дека е апликативна, рече вечерва Мицкоски.
Македонија
Мицкоски најави мега-инвестиција, гасни централи за решавање на проблемот со загадување

Премиерот Христијан Мицкоски најави мега-инвестиција за гасни централи за решавање на проблемот со загадување, нула денари приклучок на домаќинствата, над 1 милијарда евра инвестиции во енергетика.
Имаше средби со раководството на „Казанчи Холдинг“, која преку своите енергетски компании што работат под брендот „АКСА“, преставува еден од најголемите енергетски гиганти во својата област.
Со повеќе од 25 години искуство, „АКСА Енерџи“ е водечка турска компанија во енергетскиот сектор и клучен глобален инвеститор во одржлива енергија. Компанијата располага со инсталиран капацитет од над 3.500MW во 8 земји, а мнозинскиот сопственик на „АКСА Енерџи“, „Казанчи Холдинг“ работи во 22 земји на четири континенти.
„Јас во минатото говорев, кога станува збор за решавање на проблемот со загадување на воздухот дека разговараме со инвеститори кои се заинтересирани за градење на когенеративни гасни централи кои всушност се единственото трајно решение за загадениот воздух. И дека се друго би значело ставање на проблемот под тепих. Станува збор за когенеративни централи со 500MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво. Токму „Казанчи Холдинг“ е компанијата со која разговараме за изградба на секундарна мрежа на гас и топловодна мрежа која ќе стига до домаќинствата по исклучително поволни услови. Приклучоците на гасоводна и топловодна мрежа се предвидуваат на 0 денари за домаќинствата, а цената на природниот гас за домаќинствата ќе биде многу пониска од онаа цена која е на берзите. Целиот проект, изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи е димензиониран на инвестиција од над една милијарда евра“, вели Мицкоски.
Мицкоски додаде дека оваа инвестиција не е важна само за трајно решавање на проблемот со загадување на воздухот, туку и за енергетскиот потенцијал на државата.
„Инвестициите во ова поле се гаранција и зацврстување на нашата енергетска независност која во 21 век е всушност и зацврстување на сувереноста на државата во нејзиното одлучување и водење на политика. Разговараме за проекти кои се од темелно значење за животната средина, економијата, енергетската независност и стратешкото позиционирање на Македонија. Разговорите продолжуваат и сигурен сум дека за брзо време ќе се договориме и ќе има конкретни чекори во реализација на нивните планови“, рече премиерот.