Македонија
Донесено упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори
Агенцијата за аудио и аудиовизуелните медиумски услуги, со цел појаснување на начинот на примена на правилата од Изборниот законик, донесе упатство за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024.
Со упатството се опфатени правилата за лимитите за платеното политичко рекламирање (ППР), означувањето на нарачателот на рекламирањето, распределбатата на времето во вести кај јавниот сервис, бесплатното политичко претставување на Собранискиот канал, обезбедувањето пристапност на содржините за изборниот процес за лицата со попреченост, правилата за известување во деновите на изборниот молк, особено за периодот на преклопување на двата изборни процеса.
За време на изборната кампања за претседателските избори, во првиот круг на гласање, радиодифузерите може да емитуваат вкупно девет минути и триесет секунди дополнително време за рекламирање реален час емитувана програма, исклучиво наменети за ППР. Во упатството е точно утврдена распределбата на овие минути меѓу седумте подносители на листи/кандидатите за претседател. Во вториот круг на гласање вкупното време за ППР ќе зависи од времето за ППР што го користат подносителите на листи/кандидатите за претседател, кои ќе ја продолжат изборната кампања во вториот круг.
За време на изборната кампања за парламентарните избори, радиодифузерите имаат право на дополнителни девет минути и триесет секунди за рекламирање реален час, исклучиво наменети за ППР. По потврдувањето на поднесените листи на кандидати за пратеници од страна на Државната изборна комисија, Агенцијата соодветно ќе го дополни упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарни избори 2024.
За време на изборниот молк за претседателските избори, на 23 и на 24 април (до 19 часот) 2024 година продолжува изборната кампања за парламентарните избори, но запира медиумското покривање во вестите и во посебните информативни емисии на учесниците во изборните кампањи за двата изборни процеса.
Јавниот сервис и телевизиите на државно ниво што ќе објавуваат платено политичко рекламирање, треба да емитуваат содржини поврзани со изборниот процес во формат пристапен за лицата со попреченост.
Упатството за радиодифузерите за претседателските и парламентарните избори 2024 е достапно на веб-страницата www.avmu.mk.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Двегодишно дете со тешки телесни повреди од Битола пренесено во Скопје, го нападнале кучиња скитници додека си играло
Лекарите од Клиничката болница во Битола вчера во полиција приавиле дека примиле двегодишно дете со тешки телесни повреди по напад од кучиња скитници.
„Доктор од Клиничка болница Битола пријави дека кај нив со тешки телесни повреди е донесено двегодишно дете од Битола, кое, според пријавеното, додека си играло во близина на семејната куќа во Битола, било нападнато од кучиња скитници. Детето е пренесено во Комплекс клиники ’Мајка Тереза‘ во Скопје“, соопшти МВР.
СВР Битола презема мерки за расчистување на настанот.

