Македонија
Досега две дози вакцина примиле 197.251 граѓанин
На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 265.164 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.036 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 4.299 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 462.415 дози вакцини, а две дози примиле 197.251 граѓанин.
Со последните бројки, 48 % од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 42 % од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 36 % од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Вакцинацијата се спроведува во согласност со Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани што искажале интерес за вакцинација на веб-страницата vakcinacija.mk, а се вакцинираат и лица вработени во критичната инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата, и тоа во „А1 СЦ Борис Трајковски“ во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и во Прилеп.
Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на Ѓавато и во Крушево
Намалена видливост поради магла од 50 до 100 метри утрово има на планинскиот премин Ѓавато и Крушево, информира АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Министерот Стоилковиќ објави видео од канцеларија со импровизирани кревети во кои работеле службеници од ДУИ
Министерот за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, објави снимка на социјалните мрежи на која, според него, е прикажана канцеларија во неговото Министерството, а во која биле службеници од ДУИ кои биле отпуштени на 24 декември.
„Ова е канцеларијата во Министерството за односи меѓу заедниците, инаку претворена во ова што го гледате, во која „работеа“ вчера отпуштените службеници кои, по некоја случајност се од ДУИ. По документирањето на состојбата истите се испратени да си спијат дома. Толку!“, напиша Стоилковиќ.
ДУИ претходно обвини за дискриминација поради тоа што од Министерството биле отпуштени седуммина Албанци.
Македонија
Променливо облачно време со сончеви периоди, температура до 10 степени
Утрото ќе биде облачно, во крајните југозападни делови ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Во текот на денот ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 5, а максималната ќе достигне од 4 до 10 степени.
Во Скопје, променливо облачно, во текот на денот со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 6 степени.
Следува период на стабилно и студено време со утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во деновите од викендот ќе дува засилен до силен северен ветер (локално над 60 km/h).

