Македонија
Досега 564.488 граѓани примиле две дози од вакцините против Ковид-19

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација, нагласуваат од Министерството за здравство.
На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 741.553 граѓани.
„Прва доза вакцина вчера примиле 4.251 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 13.219 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.306.042 дози вакцини, а ревакцинирани се 564.488 граѓани“, посочуваат од ресорното министерство.
Според последните бројки, 53% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 29% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител, потсетуваат од министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во Илинден

Со одигрување фудбалски натпревар беше пуштен во употреба теренот на фудбалскиот стадион во општина Илинден. Капитална инвестиција што ја реализираше Општина Илинден во соработка со Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). Овој проект претставува едно од најзначајните инфраструктурни вложувања во спортот на локално ниво и е симбол на континуираниот развој на општината.
Стадионот е изграден согласно сите современи стандарди за одржување на фудбалски натпревари, вклучително и критериумите на УЕФА. Тој е дел од развојниот план на Општина Илинден и од предизборната програма на градоначалникот Александар Георгиевски, што претставува уште едно целосно исполнето ветување.
На отворањето присуствуваше градоначалник Георгиевски, заедно со претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, пратеничката Драгана Бојковска, како и директори и советници. Градоначалникот во своето обраќање гордо истакна дека со отворање на новиот стадион, Илинден добива повеќе од само спортски објект – добива центар за заедништво, младински развој и спортски дух.
„Илинден доби модерен фудбалски стадион, изграден по сите европски стандарди. Ова не е само терен, туку симбол за посветеноста кон младите, спортот и иднината на нашата општина“, истакна градоначалникот Георгиевски.
Проектот опфати комплетна реконструкција и проширување на фудбалскиот терен со поставување на нова вештачка трева и нова заштитна ограда, како и изградба на систем за дренажа и одводнување, со што ќе се добие професионална подлога за одржување на фудбалските натпревари. Во следната фаза ќе биде изградена нова трибина со капацитет од 1100 гледачи, како и нови административни и технички простории, соблекувални и стадионско осветлување. Исто така, ќе се изградат паркинг места, а хортикултурно ќе биде уреден и просторот околу стадионот.
Илинден доби спортски капацитет со кој ќе се задоволат потребите на пошироката заедница. А општината ќе продолжи да вложува во унапредување на спортско-рекреативните капацитети, со што ќе се поттикне здравиот начин на живот помеѓу младите.
Македонија
Општинa Ѓорче Петров: Нови услови и спортска сала за учениците во Хром

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, изврши увид во тековните градежни активности во ООУ „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во населбата Хром, каде се реализира значајна инвестиција од 1.500.000 денари за унапредување на образовната инфраструктура.
„Во рамките на проектот се изведуваат работи на нов влез со пристапна рампа, скали и патека, адаптација на простор за нова трпезарија и кујна, реновирање на стариот дел од училиштето, проширување на ходниците и санација на оштетените делови од кровот.
За првпат во историјата, ова училиште доби и спортска сала, што ќе овозможи подобри услови за развој на спортските активности и здрав начин на живот кај учениците“, велат од Општината.
Градоначалникот Стојкоски истакна дека унапредувањето на образовната инфраструктура останува еден од главните приоритети на општината и дека летово ќе продолжат активностите и во останатите училишта на територијата на Општина Ѓорче Петров.
„Секое дете заслужува услови достојни за раст и учење. Со оваа инвестиција и натаму го остваруваме нашиот план за обезбедување современи и безбедни училишта, во кои децата ќе имаат можност да се развиваат во здрави и квалитетни услови“, рече градоначалникот.
Општина Ѓорче Петров продолжува со сериозна и одговорна работа, за иднината на најмладите граѓани.
Македонија
Мелис, Мира и Малахат – тројката родена во Клиниката „Жан Митрев“ заминува дома

Мелис, Мира и Малахат, трите предвремено родени бебиња во Клиника Жан Митрев, по неколку недели поминати во Центарот за мајка и бебе, денеска си заминуваат дома.
Тројката се роди на 4 јуни 2025, од природно зачната бременост, што е реткост во современата медицина. Родени со царски рез 9 недели пред очекуваниот термин, во 31 гестациска недела, новороденчињата се во стабилна состојба и подготвени да си одат во својот дом.
Ова породување претставуваше не само медицински успех, туку и симбол на надеж, живот и хуманост. Доаѓањето на свет на Мелис, Мира и Малахат за Жан Митрев Клиника претставуваше огромна радост, но и потврда дека можат да се надминат и најголемите предизвици кога ќе се соединат знаењето, искуството и современата технологија.
Со ова породување и официјално започна со работа Одделот за неонатална интензивна нега (NICU) во Клиника Жан Митрев.
Во последните три децении, стапката на повеќеплодови бремености е зголемена за 70%, а тројните бремености по природен пат, како оваа, се вистинска реткост и во светски рамки се појавува во 1 на 8000 случаи.
Центарот за мајка и бебе при Жан Митрев Клиника на мајката Мубеџел Бектешова од Скопје ѝ посакува брзо закрепнување, а на Мелис, Мира и Малахат живот исполнет со љубов, здравје и сила.
ПР