Македонија
Дошол пред куќата на Јакимовски и му се заканувал дека ќе го убие: скопјанец доби забрана да се приближува или да има контакт со градоначалникот

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 60-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста, предвидено во член 144 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
„На 4 октомври осомничениот со мотоцикл дошол пред куќата на градоначалникот на општина Карпош и неговото семејство, па без причина најпрвин почнал на висок тон да го навредува, а потоа и вербално да се заканува дека ќе го убие и ќе му го уништи животот. Со заканите продолжил и кон сосед, кој случајно поминувал таму.
Истиот ден, во вечерните часови, осомничениот телефонски му се јавил на градоначалникот и продолжил да му се заканува. Откога оштетениот го прекинал телефонскиот разговор, продолжил да му испраќа заканувачки пораки на вибер-апликацијата“, велат од Обвинителството.
Додека оштетениот го пријавувал настанот во полициска станица, осомничениот отишол во неговиот дом, викал и упорно ѕвонел на влезната врата вознемирувајќи ги членовите на семејството.
Јавниот обвинител на судот му предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува, да воспоставува или одржува контакти со оштетените лица на кои им ја загрозил сигурноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За влез на Табановце се чека до половина час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Табановце се бележи зголемена фреквенција на возила времето на чекање за влез во државата е околу 20-30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски ја пречека Кос: Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата

Срдечно добредојде за еврокомесарката Марта Кос во Скопје, напиша на социјалните мрежи шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски по средбата на скопскиот аеродром.
„Попладнево, во пресрет на утрешниот Самит на лидерите од Западен Балкан, имав чест да ја пречекам на скопскиот аеродром еврокомесарката за проширување на Европската унија, Марта Кос.
Евроинтеграциите не се само декларативна заложба, туку и јасна стратешка определба на Владата. Пред нас е исполнета агенда – денеска, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствариме средба со еврокомесарката.
Утре, на состанокот на лидерите од ЕУ и Западен Балкан, фокусот ќе биде ставен на Планот за раст, реформската агенда, како и на предизвиците со кои се соочуваат нашата држава и регионот на патот кон полноправно членство во Европската унија“, појасни Муцунски.
Македонија
Сиљановска-Давкова од Севиља: Потребно е фер финансирање за да се справиме со глобалните предизвици

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Четвртата меѓународна конференција за финансирање на развојот, којашто под покровителство на ОН се одржува во Севиља.
Во своето обраќање, таа ја истакна важноста на мултилатерализмот и заедничките глобални напори за справување со сиромаштијата, климатските промени, нееднаквоста и социјалната неправда.
Сиљановска-Давкова предупреди дека постојат сериозни геополитички и економски ризици коишто ги поткопуваат досегашните достигнувања, изрaзувајќи верба во можноста од подобар и поодржлив свет.
Според неа, пристапот до праведно финансирање е клучен услов за успех и за доверливи партнерства. Во новиот Пакт за иднината, претседателката препознава обновен глобален општествен договор. Таа укажа на потребата од споделена одговорност на сите засегнати страни.
Потенцирајќи дека речиси две третини од Целите за одржлив развој се поврзани со реформите на Европската Унија, претседателката информираше дека нашата Национална стратегија за развој 2024-2044 е усогласена со најновата Рамка за соработка за одржлив развој на ООН.
Сиљановска-Давкова им се заблагодари на ОН, ЕУ и развојните агенции од повеќе земји, како и на меѓународните финансиски институции – ЕБОР, Светска банка, ЕИБ и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан за суштинската поддршка преку проектите во областите на зелената транзиција, здравството, образованието и инфраструктурата.