Македонија
(Видео) Пендаровски: Непредвидливите инженерски патеки се резултат на храброста и креативноста на инженерите
Претседателот Стево Пендаровски се обрати по повод отворањето на 51. европска конференција на млади инженери, чиј домаќин втор пат е Клубот на младите инженери при Инженерската институција на Македонија.
„Слоганот на годинешната конференција е: ‘Поврзување на патеките на инженерите’. Во овие зборови е содржана суштината на вашата работа затоа што инженерството е умешност на изнаоѓање решенија за практичните проблеми преку она што фигуративно го нарекуваме поврзување на точките. На инженерите уште во најстари времиња им била доверена задачата да градат патишта што ќе ги поврзуваат градовите, со цел развој на тие цивилизации.
Во основа вие тоа го правите и денес. Со таа разлика што патиштата што ги правите не се нужно од камен, бетон или асфалт, туку се и дигитални коридори од оптички кабли и безжични сигнали. Во модерни времиња тоа се клучните патишта за трансфер на податоци, знаења, идеи и технологии, од кои зависи развојот на економиите во дигиталната ера“, рече претседателот.
„Инженерските патеки не секогаш се предвидливи и може да водат до неочекувани научни, технички и технолошки пробиви. Ќе споменам само два примера. Во 1957 двајца дизајнери конструираа направа што била напојувана од сончева енергија и на шега ја нарекле ‘соларната машина што не прави ништо’. Денес, соларната енергија е клучна за одржливиот развој и за зелената трансформација на економиите. И македонскиот енергетски систем сè повеќе се ориентира кон искористување на соларниот потенцијал.
Второ, пред помалку од една година малкумина знаеја за ChatGPT. Денес, моделите на вештачка интелигенција што генерираат содржини се наше секојдневие и стануваат незаменливи во многу сектори.
Непредвидливите инженерски патеки се резултат на храброста и креативноста на инженерите кои се осмелуваат да излезат од комфорната зона на својата потесна струка за да ги комбинираат идеите и концептите од разни научни дисциплини. Од интердисциплинарноста произлегоа социјалните мрежи, роботиката, 3Д-печатењето, системите за обновлива енергија, биоинженерството, паметните градови, градежни и инженерски потфати што ги надминуваат и најхрабрите замисли на футуристите“, додаде Пендаровски.
Конференцијата на тема „Поврзување на патеките на инженерите“ се одржува од 5 до 8 октомври на Факултетот за електротехнички науки и информатички технологии (ФЕИТ), под покровителство на претседателот Пендаровски.
На отворањето на конференцијата се обратија и претседателката на Инженерската институција на Македонија, Христина Спасевска, претседателката на Клубот на младите инженери, Тина Манолева, и претседателот на Европските млади инженери, Пол Џенкинсон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Џафери: Груби ниту е Влада, ниту е партија
Ниту Европскиот фронт, ниту ДУИ не повикуваа, ниту мотивираа на бојкот, беше оставено на слободната волја на граѓаните да ја изразат на гласачкото место, кажа премиерот Талат Џафери на денешната прес-конференција.
Во однос на бојкотот на Артан Груби, на вториот круг на претседателските избори, Џафери кажа дека неговиот став е индивидуален и дека не став ниту на Владата, ниту на партијата.
„Индивидуалните ставови не можат да се претставуваат како генерални ставови на субјектот. Груби ниту е Влада, ниту е партија. Јас имав изјава како премиер на избирачкото место и потврдив дека ги земав двете ливчиња и гласав. Индивидуалниот став не е општ став по кој може да се извлече заклучок. Нека си е министер, индивидуа е во однос на Владата, не е став на Владата, ниту на партиски органи. Индивидуално може да каже што сака, тоа е слобода и на мисла и на изразување“, одговори Џафери и додаде дека не може да се повикува на одговорност.
Македонија
Главчев: Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи европската перспектива, повеќе нема да правиме отстапки
Се надевам дека Северна Македонија ќе ја продолжи својата европска перспектива. Од наша страна, немаме каде да правиме повеќе отстапки. Згора на тоа, позицијата што ја имаме е паневропска позиција.
Ова го изјави вршителот на должноста премиер на Бугарија, Димитар Главчев по победата на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова на претседателските избори во Северна Македонија, јави „БГНЕС“.
„Да почекаме да видиме каква влада ќе се формира во Северна Македонија“, рече привремениот премиер.
Главчев додаде дека Бугарија нема повеќе да прави отстапки во однос на пристапните преговори на РСМ во ЕУ и ставот што го имаат е паневропската позиција.
„На нашите пријатели од Северна Македонија мора да им биде јасно дека ако не ги почитуваат барањата за прифаќање членство во ЕУ, тоа нема да функционира“.
Македонија
Џафери не кажа дали е подготвен да оди во опозиција: Тоа е прашање кое зависи од исходот на преговорите за состав на нова влада
По отчетот за 100 – те дена техничка влада, техничкиот премиер Талат Џафери вели дека е фокусиран на обврските од сегашната влада чиј мандат се уште трае. На новинарско прашање дали е подготвен да оди во опозиција со оглед на неколкуте изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека нема да преговара за коалиција со Демократската унија за интеграција, Џафери не даде конкретен одговор.
„Јас сум премиер и размислувам за мандатот што треба да го завршам. Тоа се прашања на органите на партијата и во тој контекст да завршат преговорите, другото е прашање на исходот од преговорите за состав на нова влада“, рече техничкиот премиер Џафери.
Немаше конкретен одговор ниту на прашањето дали граѓаните треба да очекуваат тој да добие уште еден мандат како премиер оти неговата матична партија е дел од коалицијата која освои 19 пратенички мандати.
„Јас сум фокусиран на обврските на составот на Владата што ја водам, впрочем мандатот на оваа Влада е до избор на нова. Работата на конфигурацијата на новата влада е работа на преговори на политичките субјекти кои што добиле мандати во Собранието по изборите одржани на 8 мај. По тоа прашање треба да се очекува резултат од таму“, рече Џафери.
На парламентарните избори во средата коалицијата „Европски фронт“ на ДУИ освои 19 мандати, а нивниот опонент во албанскиот блок, коалицијата ВЛЕН доби 13 мандати.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кои освоија 58 мандати во Собранието, по изборите кажа дека преговара со ВЛЕН за состав на новата Влада