Македонија
Дојави за бомби во 33 основни училишта во Скопје

Денеска, околу 12.30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на електронска адреса на 33 основни училишта во Скопје била упатена закана за поставена експлозивна нaправа.
Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата.
Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Набавени 80.000 вакцини против сезонски грип-имунизацијата ќе почне во втората половина на месецов

Министерството за здравство информира дека е потпишан договор за набавка на 80.000 вакцини против сезонски грип.
Во текот на следната недела се очекува да пристигнат вакцините, по што традиционално, имунизацијата против грип ќе почне во втората половина на месецов, соопштуваат од министерството.
„Годинава се набавени најголем број вакцини за оваа намена досега. Станува збор за четиривалентна вакцина од реномираниот производител Абот од Холандија.
Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните групи население, како што се: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лица сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми и компликации, особено кај ризичните групи“.
Македонија
Герасимовски: Воведуваме двосменско работење на градинките до 22 часот

„За првпат воведуваме бесплатно двосменско работење на градинките до 22 часот, за да им излеземе во пресрет на родителите и да им обезбедиме поголема поддршка на семејствата“. Ова денеска го најави кандидатот за градоначалник на Општина Центар и актуелен градоначалник на општината Горан Герасимовски.
Тој потенцираше дека оваа мерка е наменета за родителите на деца од предучилишна возраст кои поради своите работни обврски имаат потреба од подолга грижа и безбедност за своите деца.
Со ова мерка, се обезбедува вистинска поддршка за семејствата, со што ќе им се олесни секојдневието на родителите.
Македонија
Филипче и СДС во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Филипче и СДС навистина треба да престанат да говорат за економската политика во државата, за да не се срамат. Тие во ПИОМ не оставија дупка, туку цел кратер, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во нивно време, како што нагласуваат од владејачката партија, пензиите се зголемуваа за 150 денари, граѓаните живееја со 150 денари на ден, земјоделците не добиваа субвенции, вработени не земаа плати со месеци, инфлацијата беше над 20%, платите стагнираа, секојдневно имаше протести од синдикати, вработени, пензионери, студенти, кои беа на маргините во тоа време.
„Да не го заборавиме и јавниот долг кој достигна над 60%, невратените еврообврзници, како и делот дека во нивно време се богатеа само функционери, а народот немаше за основни потреби.
Сега имаме вистинска промена, платите се зголемени во здравството, културата, социјалата, образованието, полицијата, администрацијата и други општествени сфери. Земјоделците добиваат навремени субвенции, вработените добиваат навремено плата, инфлацијата е ниска, дури пониска од онаа европската просечна, јавниот долг континуирано се намалува, пензионерите добиваат 7000 денари, се отвораат работни места, нови можности за бизнисите, поддршка на младите и многу други проекти кои се од круцијално значење за граѓаните“.
Изборот, како што истакнуваат од оваа партија е повеќе од јасен на овие избори.
„Или одбираме долгови, ниски плати а висока инфлација, граѓани оставени на маргините, или одбираме вистинска промена со високи плати а ниска инфлација и граѓани кои се вклучени во секој дел од одлучувањето“.