Македонија
Дојави за бомби уште во две училишта во Скопје, евакуирани вкупно четири училишта

По дојавите за поставени бомби утрово во две училишта, МВР добило пријава за бомби во уште две училишта. Учениците се евакуирани од сите четири училишта и се прават антитерористички проверки.
„Денеска, во СВР Скопје, околу 9:30 часот е пријавено дека на електронските адреси на две средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Oколу 10 часот е добиена иста пријава од уште две средни училишта. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на сите четири училишта. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.
Ова е трета недела со дојави за бомби во средни училишта во Скопје. Сите досегашни дојави МВР утврди дека беа лажни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, максималната температура до 37 степени

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен, а наместа повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 29 до 37 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне до 37 степени.
Времето во наредните денови
Во текот на оваа седмица времето ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Дневната температура ќе биде во постепен пораст.
Скопје
Пожарот кај хотелот „Њу Стар“ локализиран, ЦУК бара итни мерки за дивата депонија во Визбегово

Пожарот кој избувна во близина на хотелот „Њу Стар“ во скопската населба Визбегово е локализиран, но на терен и понатаму дежураат две екипи на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје.
Како што информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), во денешната интервенција биле ангажирани вкупно седум противпожарни возила и 20 пожарникари. Пожарот зафатил површина од околу 5000 квадратни метри, при што биле опожарени жито, еден магацин со градежни материјали, како и дворот на хотелот.
„Денеска, при повторно разгорување, пожарот се прошири до хотелот „Њу Стар“, како и до околните куќи, со што директно беа загрозени животите на граѓаните“, стои во објавата на ЦУК на Фејсбук.
Оттаму апелираат до сите надлежни институции и локалните самоуправи итно да се вклучат со конкретни чекори и да се стави крај на проблемот со дивите депонии, кои, според нив, претставуваат сериозна опасност по животната средина и јавното здравје.
ЦУК информира дека директорот Мухамед Али денеска испратил ново барање до надлежните институции со цел итно преземање активности за конечно решавање на овој проблем.
„Проблемот со оваа дива депонија трае подолг временски период и претставува реална закана за здравјето, безбедноста и добробитта на граѓаните, како и сериозна оперативна оптовареност за БППЗ, која често е ангажирана на истата локација“, посочуваат од ЦУК.
Оттаму потсетуваат дека во текот на изминатата недела директорот Али повеќекратно испратил официјални барања за интервенција, но засега нема конкретен одговор од надлежните.
Македонија
Мицкоски ја доби тужбата против Славјанка Петровска за клевета

Граѓанскиот суд во Скопје донел правосилна пресуда во корист на премиерот Христијан Мицкоски, утврдувајќи дека пратеничката од СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, јавно ширела невистини и клевети против него.
Како што информира премиерот преку објава на социјалните мрежи, судот ѝ наложил на Петровска не само да се извини, туку и да ја објави пресудата во медиумите.
„Ова е уште една потврда дека на лагата ѝ се кратки нозете. Судот потврди дека поранешната министерка и актуелна пратеничка ширела лаги и клевети против мене. Вистината мора да излезе на виделина“, напиша Мицкоски.
Тој ја искористи приликава и за поширока критика на политичката култура на неговите опоненти.
„Очигледно, лажењето како синдром на политичката култура на СДСМ не престанува да биде нивен заштитен знак. Со оваа пресуда се потврдува не само дека лажат, туку и дека не се промениле. Продолжуваат да го потценуваат народот“, порача премиерот.
Според Мицкоски, оваа судска победа не е лична, туку борба за вистината и достоинството на секој човек кој се спротивставува на политичките манипулации.
„Ова не е моја лична битка, ова е битка за принципи, за вистината, за достоинството на секој поединец кој не дозволува неказнето да му се лепат лаги“, стои во неговата објава.
Тој додава дека продолжува да работи со посветеност и дека „лагите ќе паднат, а вистината победува“.