Македонија
Дојде живот само за функционерите на СДСМ и ДУИ, велат од ВМРО-ДПМНЕ во образложението за интерпелација
Единствени проекти коишто ги спроведе Владата на СДСМ и ДУИ во изминатиов период се нагло партизирање на институциите и нивно деградирање, заробено судство, луксузирање на владините функционери со парите на граѓаните и политички реваншизам – ова е дел од образложението наведено во барањето за гласање доверба на Владата, кое вчера ВМРО-ДПМНЕ го достави до Собранието. Барањето е потпишано од 41 пратеник и се очекува да биде ставено на седница в среда.
„За да ја одржат својата коалиција СДСМ и ДУИ посегнале кон погазување на демократијата во државата, Уставот, законите и Деловникот за работа на Собранието. Против волјата на мнозинството граѓаните, насила изгласаа неуставен, неприменлив и штетен закон за двојазичност. Недозволиво е во една демократска држава која што претендира да биде дел од НАТО и ЕУ грубо да бидат погазени и прекршени сите процедури кои се наведени во Уставот и Деловникот на Собранието на Република Македонија“, додаваат од опозицијата во образложението.

Најголем дел од интерпелацијата е со критики на економската и социјалната политика, а забелешки има и за образованието и здравството. Меѓу неуспесите на Владата се забележува и тоа дека нема спроведено ниту една реформа.
„Владата која себеси се нарекува реформска досега нема спроведено ниту една реформа. Т.н. владин план „3-6-9“ доживеа тотален колапс и дебакл. Со своето неодговорно однесување и неработење, Владата под знак прашалник ја стави препораката за членство на државата во ЕУ, за што предупредија и дел од странските дипломати во земјава“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера изјави дека очекува да се изгласа недоверба на Владата, и да се организираат предвремени парламентарни избори. Интерепелацијата Мицкоски ја најави уште минатата недела, како прв чекор што ќе го преземе опозицијата, кога партијата одлучи да се врати во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС направи низа катастрофални грешки во образованието, го решаваме и овој проблем
Наместо кон прогрес, СДС е партија ориентирана кон пропаст. Меѓу низата направени катастрофални штети на државата, со Законот за високо образование кој го донесоа во 2018 година предизвикаа драстично намалување на квалитетот на високото образование во Македонија и го избришаа единствениот македонски универзитет од пошироката Шангајска ранг листа, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по обвинувњата од лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Промени се потребни, тоа е општата констатација на целата научна и академска фела во државата. Тим од над 60 академски професори, експерти и претставници на институции, органи и на студентите, изработија предлог законско решение за кое во тек е јавна дебата. Ниту е конечно, ниту насилно ќе се истурка, како што СДС милува да паничи во јавноста. Традиционална реторика на опозициската партија, дека со законот се врши упад во автономијата на универзитетите. Тоа е апсолутно неточно. Единствено се бара отчетност од универзитетите за трошењето на јавните финансии кои патем, откако ВМРО-ДПМНЕ ја раководи Владата значително се зголемени износите кои ги добиваат. Во 2024 година затекнавме буџет за високо образование од 5 милијарди денари, а оваа година изнесува над 7,5 милијарди денари. Буџетот за наука пак, го зголемивме од 380 милиони денари на 773 милиони денари. Ова можеше да го направи и СДС, доколку ги скратеше парите за Заевци, Артанци и други „другари“ од коалицијата кои нагло се збогатија и исчезнаа од државата“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека новиот предлог Закон дава предност при вработувањето на државните универзитети на најдобрите студенти од генерацијата, на студентите добитници на Инженерски прстен и на оние кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети.
„Така најдобрите умови ќе ги задржиме во државата, а сите ќе ги стимулираме што повеќе да се заложуваат за личен и професионален развој. Потсетуваме дека во време на владеењето на СДС и ДУИ, бројот на ученици се намали за 17 илјади, а на студенти за 7 илјади за само 7 години. Тој тренд го спречивме, а дел од младите и се враќаат во својата земја. Законот предвидува и враќање на одредени права на студентите, кои со законот на Рената Дескоска, министерка на СДС, беа укинати во 2018 година, а најмногу тоа го почувствуваа студентите со попреченост на кои им беше скратено правото да студираат бесплатно на сите три циклуси на студии“, велат од партијата.
Од таму истакнуваат дека е точно дека се зајакнуваат критериумите за напредување во звања и сметаат дека нема ништо лошо во тоа да се стимулира научниот труд на наставно-научниот кадар на универзитетите.
„Законот предвидува секој кој сака да напредува во академската кариера да изработува научно-истражувачки трудови од кои дел треба да бидат објавувани во меѓународни научни списанија со импакт фактор, а за што Министерството за образование и наука секоја година ги покрива трошоците на авторите за што се објавуваат јавни конкурси, така што, разобличуваме уште една лага на лидерот на СДС. Потсетуваме дека за еден универзитет да се најде помеѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 научни трудови. Законот на СДС од 2018 година доведе до тоа нашите универзитети да паднат на бројка од 300 до 500 трудови годишно“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од таму велат дека СДС ред не успеале да воспостават ред со приватните универзитети и затоа сега им е чудно дека секој треба да го почитува законот и да исполнува услови за работа.
„Автономијата на високообразовните установи е поврзана со отчетност и не може да функционира надвор од правниот поредок. Министерот за образование и наука отсекогаш имал право да запре акт кој не е во согласност со законот, така што ова не е новина како што СДС презентира. Докторски студии пак, согласно предлогот ќе можат да организираат првите четири државни универзитети, што ќе стимулира конкурентност, а конкуренцијата носи квалитет. Дополнително, новиот закон е насочен кон интернационализација на македонското високо образование, вмрежување на домашните со странски универзитети, организирање заеднички студиски програми и издавање двојни дипломи“, велат од ВМРО-ДПМНЕ и додаваат дека ги охрабруваат СДС наместо само критики, во јавноста да изнесат и сугестии за подобрување на содржината на нацрт законското решение.
Македонија
Најкритични во Форино се куќите изградени на помалку од еден метар од коритото на Вардар, извести Црвениот крст
Волонтерските тимови на Црвениот крст се на терен во село Форино, каде по извршената проценка е утврдено дека најкритична точка е делот од селото што гравитира кон реката Вардар, соопшти Црвениот крст .
„Според проценката, куќите во овој дел се изградени на помалку од еден метар од коритото на реката, чиј водостој е на критично ниво и на одредени места веќе е излеан. Дополнително, поради зголемениот водостој се излеани и каналите што минуваат низ селото, што дополнително ја влошува состојбата на терен. Од невремето се оштетени околу 500 објекти, од кои најголемиот дел се домови за живеење. Материјалната штета е значителна, а голем број семејства се соочуваат со сериозни последици од поплавите“, велат од Црвениот крст.
Дистрибуирана е хуманитарна помош односно поголеми количини флаширана вода, бидејќи водата во селото е заматена и небезбедна за пиење, како и вкупно 500 пакети – 250 пакети со прехранбени производи и 250 пакети со хигиенски производи.
На телефоните 072-239-077 и 072-239-051 погодените од поплавите можат да побараат психосоцијална поддршка.
Македонија
Филипче: Немам никаква поврзност со било која фирма за марихуана
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговор на новинарско прашање рече дека нема никаква поврзност со било која фирма за марихуана и ја прозва Владата наместо дефокус да одговори со кои луѓе од власта е поврзана фирмата „Алфафарм“, наведена во документ на српското Обвинителство.
„Со кој е таа фирма, која е наведена во документ на српското обвинителство, поврзана? Дали е поврзана со некои луѓе од сегашната власт?“, праша Филипче.
Претседателот на СДСМ додаде дека власта прави дефокус од најголемиот нарко-скандал во регионот за да одбегне одговрност за тоа како 5 тони дрога ја поминале македонската граница.
„Коментирав неколку пати и ќе го повторам ставот – тоа е апсолутно само една форма на дефокус. Јас немам никаква поврзаност со било која фирма за марихуана во државата. Повторно е тоа обид да се избегне одговорот на вистинското прашање – како пет тони марихуана, 4–5 шлепери, поминале преку граница и завршиле во Србија. Како поминала на полициска контрола? Како поминала на царинска контрола на граница? Тоа се прашањата. Сè друго е голем дефокус“, истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ потенцираше дека во изминатиот период и тој лично и партијата се изложени на лажна кампања и серија фабрикувани обвинувања.
„ВМРО-ДПМНЕ контролира една голема мрежа на медиуми тие се во целосна координација не само сега изминатите повеќе од 10 години со медиумската мрежа којашто ја контролирана од луѓе на унгарскиот премиер Орбан. Еве како излезе прво Жан Митрев, некое смешно обвинување како јас сум влијаел на судски процеси да можам болницата, па Дубаи, па Харис Џиновиќ, па авиони, ме поистоветија со убиец на деца, па дека сум се дрогирал што уште нема да измислат. Модуларната болница ја спомнуваат во Тетово. Дали мислат на оние луѓе семејства коишто ги изгубија таму членовите на семејствата? Дали на тие луѓе помислуваат. Не ме чуди овој систем на медиумска хајка којшто го водат, поради тоа што овој систем на медиумска хајка и лажни вести, лажна кампања, е воден од луѓе кои додека седат во собранието им се потсмеваат на родителите на децата што загинаа во Кочани“, рече Филипче.

