Македонија
До каде се простираат дијалектите на македонскиот јазик – Советот за македонски јазик ги потврди позициите на МНР
Советот за македонски јазик при Владата на вонредната седница утрово само ги потврди позициите на Македонија во унилатералната изјава на МНР поднесена до ЕУ без да објасни во своето соопштение до каде се простираат дијалектите на македонскиот јазик.
Дијалектите на македонскиот јазик два дена се предмет на дебата меѓу лингвистите и политичарите откако МНР во декларацијата објасни дека тие се наоѓаат само во границите на денешна Република Северна Македонија.
Целата научна и лингвистичка јавност остро реагираше на ова затоа што науката докажала дека дијалектите на македонскиот јазик се простираат и во границите на земјите со кои Македонија граничи, а некои дијалекти се говорат и малку подалеку.
Советот при Владата кој го предводи професорот Људмил Спасов соопшти дека македонскиот јазик континуитет заснован на посебниот развој на сите негови дијалекти кои се распространети на целиот негов говорен простор, но во основата на современиот стандарден јазик лежат централните говори на западното наречје, односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес.
Соопштението на владиниот совет за македонскиот јазик го пренесуваме интегрално:
„1. Како што е пропишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик, заедно со своето кирилско писмо, е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
2. Литературниот/стандардниот македонски јазик конечно е кодифициран во 1945 година, како резултат на подолг процес на културна и писмена активност. Во согласност со сознанијата затврдени со широкоприфатените теории и емпириските теренски истражувања на современата домашна и светска славистичка и лингвистичка наука, македонскиот јазик има свој историски, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на посебниот развој на сите негови дијалекти и на неговиот дијалектен континуум кои се распространети на целиот негов говорен простор. Во основата на современиот македонски стандарден јазик лежат централните говори на западното наречје, односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес.
3. Македонскиот јазик е словенски јазик што спаѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.
Уште во 19 век, а особено во неговата втора половина, македонските преродбеници пишуваат на централните говори на западното наречје и, како што вели првиот кодификатор на македонскиот јазик Крсте Мисирков во 1903 година, тие централни говори се обединувачки и современиот македонски литературен јазик мора да се заснова врз овие говори.
Истото го прави и Комисијата за јазик кога во 1945 година ги усвојува современата македонска азбука и современиот македонски правопис. Истите принципи ги афирмира и првата научна Граматика на македонскиот литературен јазик напишана од светски реномираниот лингвист Блаже Конески. Овие принципи се прифатени од македонскиот народ во македонската држава и надвор од неа, во нејзиното опкружување на Балканот, во Европа и пошироко во светот, секаде каде што живеат Македонци.
4. Македонскиот јазик е административно прифатен на Третата конференција на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година, и е впишан во картата на јазиците на ООН.
Македонскиот јазик се изучува на многу институти и катедри по славистика и балканистика, како и на голем број лекторати на факултети и на универзитети, и во други научни центри низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неспорен факт во лингвистичката наука. Бројни културни и литературни дела создадени на македонски јазик од автори од државата и надвор од неа се добитници на домашни и на меѓународни награди и признанија.
5. Склучувањето договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската Унија што содржат јазична одредба со наведување на сите официјални јазици на ЕУ, каков што е Договорот за соработка со Фронтекс, се врши со именување на македонскиот јазик без какви и да е објаснувања, додавки или фусноти. Република Северна Македонија никогаш нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа што е наведено во Преговарачката рамка.
Со приемот на Република Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ, македонскиот јазик станува еден од службените јазици на ЕУ“, се вели во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

