Македонија
Дрво падна врз три возила во Карпош, погон на скопска фирма под вода
Оштетени возила, паднати дрвја, поплавeни површини во Скопје, проблеми со струја. Ваков е епилогот од состојбата во текот на ноќта, предизвикана од невремето што вчера го зафати главниот град.
На 112 во ЦУК, доцна синоќа во 03:22 часот, добиена е пријава за паднато дрво врз три возила, како и на коловоз на ул.„Разловечко востание“ бр.16 (Општина Карпош).
Увидна екипа од МВР била на лице место и направила увид. Од Регионалниот ЦУК Скопје е информирано за интервенција до надлежна служба за да го отстрани проблемот.
Дрвото е паднато поради временската непогода – силен ветер и обилни врнежи.
Утрово во 06:09 часот, е добиена е пријава за уште еден оштетен автомобил, на истата улица, но на бр.12.
Како резултат на силното невреме што ја зафати Скопската котлина во попладневните часови, преку Единствениот број за итни повици 112 во ЦУК, се добиени зголемен пријави и известувања за: паднати и навалени дрвја, како и за скршени гранки, скинати проводници, за навалени бандери и за други проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли, за поплавени куќи, поплавени подрумски простории и гаражи, поплавени улици, за проблеми во снабдувањето со електрична енергија, оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради, за оштетени патнички моторни возила, паднати огради, блокирани улици и слични случаи предизвикани од невремето.
Сите повици за итни случаиза поединечни или комбинирани интервенции се транферирани, преку Секторот за операции и координација на ЦУК, до надлежните институции и служви во Системот а управување со кризи (СУК).
Регионалниот ЦУК Скопје известува, дека како резултат од поројните дождови и силен ветар што ја зафати Скопската котлина во попладневните часови, на 112 во ЦУК, се добиени многу известувања и пријави за штети и за итни случаи.
Најголем број од пријавите се однесуваа особено за населбите „Волково“ и „Даме Груев“ (Општина Ѓорче Петров), како и во населбата „Шуто Оризари“ (Општина Шуто Оризари), додека имаше пријави и за во општините Аеродром, Карпош, Чаир, Гази Баба, а и во другите скопски општини, односно населби.
Во ЦУК на 112, е добиена пријава дека при невремето причинета е материјална штета во погонот на „Ла Пласт“, во Скопје, односно истиот е поплавен, според пријавителот најверојатно постои проблем со атмосферската канализација или пак е пукната цевка, при што водата тече по улица и се слева во неговите погони. Во моментот објектот се наоѓа поплавен до 50 сантиметри под вода. РЦУК Скопје ги извести надлежните служби за интервенирање според пријавениот итен случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За возачките дозволи, државата мора да создаде услови што нема да ги оштетат ранливите заедници, порачува Мрежата за заштита од дискриминација
Мрежата за заштита од дискриминација реагира на јавниот дискурс поврзан со прашањето за управување со моторни возила и неговата трансформација во, како што наведуваат, сензационализирана дебата проследена со говор на омраза и стигматизација.
Од Мрежата посочуваат дека почитувањето на законите е обврска на секој граѓанин, но истовремено обврска на државата е да обезбеди услови во кои тие законски критериуми ќе бидат еднакво применливи за сите граѓани, без разлика на нивната припадност. Тие предупредуваат дека кога таквите услови не постојат, последиците најчесто ги трпат ранливите заедници, што ја продлабочува недовербата во институциите.
Во соопштението се нагласува дека јавниот простор во последните денови бил исполнет со пораки кои ја продлабочуваат стигмата кон ромската заедница. Според Мрежата, јавната дебата за управување без возачка дозвола многу брзо прераснала во наратив што ги редуцира Ромите на колективен проблем, наместо да се дискутираат основните структурни предизвици, како што се ограничениот пристап до образование, вработување и основни услуги.
„Расизмот кон Ромите останува клучна пречка поради која бројни политики и стратегии со децении не даваат резултати. Сведоци сме на повеќекратна дискриминација, особено кон жените Ромки“, се наведува во соопштението.
Мрежата истакнува дека сегрегацијата во образованието и исклучувањето од образовниот процес сè уште се реалност за значителен број ромски деца, и покрај пресудите од домашните и меѓународните судови. Оттаму, наместо исклучиво казнени пристапи, потребни се долгорочни и системски решенија што ќе обезбедат реален пристап до образование, вработување и социјална поддршка.
Организацијата предупредува и на зголемениот обем на говор на омраза и повици за насилство во јавниот простор, при што бара од институциите да постапуваат доследно, без разлика кон кого се насочени. Според нив, јавниот дискурс, особено кога доаѓа од високи функционери, мора да биде одмерен и одговорен.
Мрежата апелира и до медиумите да известуваат одговорно, без сензационализам и без ширење на наративи што поттикнуваат омраза и стигматизација. Посебно укажуваат на потребата онлајн порталите да ги модерираат коментарите под објавите и да ги отстрануваат содржините што содржат закани, говор на омраза и повици на насилство.
На крајот, Мрежата потсетува на обврските на државата според Општата препорака XXVII на Комитетот за елиминација на сите форми на расна дискриминација, нагласувајќи ја потребата од активни и насочени политики за инклузија на Ромите и елиминација на сегрегацијата и нееднаквиот третман.
Македонија
„Не мора да се уништи зеленилото за БРТ“ – Зелен хуман град со порака до властите
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ реагира на изјавата на скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, во која тој посочил дека проектот за воведување на брз автобуски превоз (БРТ), финансиран со кредит од 70 милиони евра од ЕБОР, мора да се продолжи како решение.
Од иницијативата нагласуваат дека не е точно оти проектот мора да се изведе по постојниот план кој предвидува уништување на 7.000 дрвја и грмушки, посебно имајќи предвид дека Скопје е еден од најзагадените градови во светот.
„Истата банка ЕБОР во минатото сакаше да даде кредит на МК и за изведба на експресен пат сред национален парк Галичица со што ќе се дозволеше уништување на паркот и благодарение на Охрид SOS, тој девастирачки проект се запре. Сега пак ни се заканува уништување на белите дробови на Скопје кое мора да го спречиме!“, велат од „Зелен хуман град“.
Од таму посочуваат дека БРТ може да се изведе многу поедноставно и поевтино, со издвојување на постоечка десна лента за автобуси, без да се наруши средишното зеленило, со што ќе се избегне и блокирање на градот со години.
Дополнително, активистите предупредуваат дека токму под зеленилото што е предвидено за отстранување поминува главната водоводна цевка која го снабдува Скопје со вода за пиење од изворот Рашче – објект од, како што велат, непроценливо економско и стратешко значење.
„Тоа не смее да биде ставено во ризик за ничиј личен каприц, особено кога постојат алтернативи што го постигнуваат истото без штета“, порачуваат од иницијативата.
Македонија
Во Вашингтон, Гаши порача: Отворен дијалог со САД е суштински за демократскиот развој на регионот
Во рамките на посетата во Вашингтон, претседателот на Собранието, Африм Гаши учествуваше на панел-дискусија посветена на регионалната економска интеграција во Југоисточна Европа, организирана од Атлантскиот совет.
На дискусијата беше потенцирана зрелоста и улогата на Република Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот, значењето на инфраструктурните проекти, како и потребата од продлабочена регионална интеграција и соработка меѓу земјите од Западен Балкан, како предуслов за одржлив развој и напредок кон Европската Унија.
Благодарност до Атлантскиот совет за организацијата на оваа значајна платформа за дијалог – упати претседателот Гаши.
Исто така, претседателот Гаши оствари средба со Макс Приморац, виш истражувачки соработник во Центарот за слобода „Маргарет Тачер“ при Фондацијата „Херитиџ“.
Каде беше остварена плодна и содржајна дискусија за улогата на силните институции, вредностите на слободата и значењето на трансатлантското партнерство за мирот и стабилноста на Западен Балкан.
Отворениот и конструктивен дијалог со нашите американски партнери е од суштинско значење за унапредување на демократските вредности и јакнење на регионалната стабилност – истакна претседателот Гаши.

