Македонија
Државата ќе ги плаќа придонесите за медиумските работници ако се исполнети три услови
Владата донесе одлука да обезбеди поддршка за медиумите и медиумските работници, кои се погодени од кризата што ја предизвика коронавирусот.
Вицепремиерот Бујар Османи рече дека е донесена одлука за државата да обезбеди 100 отсто покривање на придонесите на плата за сите вработени во медиумските куќи, а тоа ќе трае исто колку што траела вонредната состојба. Со оглед на напливот на лажни вести, според Османи, на овој начин ќе им се даде поддршка на оние што ги пренесуваат точните вести.
„По извршените консултации, ако сакате и преговори со Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници, денес можам да констатирам дека постигнавме пристојно решение за тоа како ние како Влада можеме да обезбедиме поддршка за медиумските работници, кои заедно со нас ја водат битката против пандемијата. Донесовме одлука државата да обезбеди средства за 100 отсто покривање на придонесите на плата на вработените во медиумите и медиумските куќи вклучувајќи ги тука телевизиските и радиодифузерите, печатените медиуми, како и електронските интернет-портали. Времетраењето за кое ќе важи оваа одлука се изедначува со времетраењето на вонредната состојба, а почнува по нејзиното укинување. Задоволен сум што за реализација на оваа мерка одредивме и неколку услови со кои се заштитуваат токму работниците“, рече Османи.
За да се искористи мерката од Владата, има три услови, односно медиумите што им ги намалиле платите на вработените во кризата да ги вратат на нивото пред почетокот на вонредната состојба, да немаат отпуштено ниту еден вработен поради кризата и да имаат најмалку тројца вработени на неопределено време.
„Оваа мерка ќе може да ја искористат медиумите кои за време на кризата не отпуштиле ниту еден вработен поради кризата, а тоа право ќе го немаат ниту за времетраењето на субвенцијата или нема да отпуштаат ниту еден вработен најмалку во следните три месеци. Второ, оние медиуми што поради кризата им ги намалиле платите на одредени или сите вработени, за да може да ја искористат субвенцијата, ќе треба да им ги вратат платите на нивото пред почетокот на вонредната состојба. И, трето, бидејќи интересот на Синдикатот се самите вработени новинари и медиумски работници, право на оваа мерка ќе имаат медиумите што имаат најмалку тројца постојано вработени работници“, додаде Османи.
Според него, новинарите се во првите борбени редови заедно со полицијата, армијата, медицинарите и другиот кадар кој се бори со коронавирусот. За лажните вести, Османи рече дека се светска хибридна закана, која од општествен и безбедносен, сега се и здравствен проблем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал
Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.
Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.
Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.
„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.
Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.
Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.
„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.
Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.
„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.
Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.
Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.
Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.
Македонија
Дел од Општина Центар утре без вода поради уличен дефект
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека утре, 16 декември 2025 година (вторник), поради уличен дефект на булеварот „Св. Климент Охридски“, спроти Соборниот храм, ќе има прекин на водоснабдувањето.
Без вода ќе останат корисниците на потегот од крстосницата со булеварот „Партизански одреди“ до паркингот ЈАТ.
Прекинот е најавен во периодот од 08:30 часот до завршување на санацијата на дефектот, соопштуваат од претпријатието.
Засегнато подрачје е Општина Центар.
Македонија
СДСМ: Судот го потврди пуштањето на Јанева, сценариото на ДПМНЕ се реализира
Денеска Кривичниот суд и официјално потврди дека на Катица Јанева ѝ е одобрен условен отпуст од затвор, велат од СДСМ.
„Отпустот започнува од 21.12.2025 година и трае до 21.08.2026 година. Од вкупната затворска казна од 7 години, дозволен е условен отпуст од 8 месеци.
Овие факти и периодот токму сега и до летото наредна година, во целост го потврдува сценарио од стратегијата на ДПМНЕ кое целосно го разоткивме.
Зошто сега?
Затоа што темата со мигрантите за пари стана национална тема, корупциските скандали за наместени тендери покажуваат како се крадат 14,5 милиони евра преку 161 тендер, затоа што кога нема пари во буџетот за плати и пензии а граѓаните тоа го чувствуваат секој ден.
Затоа што сега и гори на власта под нозе“.
Нивното сценарио, додаваат од партијата, е до изборите кои ги планираат наредната година.
„Јанева треба да биде искористена како алатка на ДПМНЕ во нивната црна кампања и во нападите врз СДСМ.
Кривичните пријави и политичкиот прогон, лажните вести и манипулациите, нападите врз медиумите и спроведувањето на српското сценарио во Македонија веќе не се доволни. Власта ја губи контролата и затоа мора да ги засилува нападите.
Како? По добро познати српски рецепти.
Исто како случајот со Дијана Хркаловиќ во Србија. Копи-пејст медиумска стратегија, со истите методи, истите наративи и истата цел: дефокус од суштинските проблеми и напад врз опозицијата“.
СДСМ, како што истакнуваат, јасно порачува: „Нема да ви помине Катица. Нема да ви поминат мигрантите за пари. Нема да ви помине ниту едно сценарио за манипулација и дефокус. Народот ви подготвува крај“.

