Македонија
Државната матура поуспешна од лани со просечна оценка 3,69, годинава немало препишување
Со просек повисок од ланскиот, матурантите го завршија полагањето на државната матура во јунскиот рок во учебната 2024-2025 година. Голем дел од учениците испитите ги полагаа во амфитеатри и предавални во најблиските факултетите и не беа евидентирани масовни прекршувања на правилата како во минатото.
За новините во начинот на организација годинава и резултатите од државната матура, денес прес конференција одржаа министерката за образование и наука, Весна Јаневска, и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Михајловска, кои упатија благодарност до сите што придонесоа за успешноста на процесот.
„За полагање се пријавија 15.004 матуранти, а 3% од нив не се појавија на испит. Просечната оценка која ја постигнаа оние што полагаа е 3,69, што е значително подобрување од ланската, која изнесуваше 3,26. По сите предмети имаме подобрување на постигнувањата и тоа сметам дека е плод на добрата подготовка на учениците и препораките кои ги дадовме до сите чинители на процесот“, рече Јаневска.
Министерката информираше дека не биле евидентирани препишувања како во изминатите години кога цели групи по илјада, две илјади ученици, организирани најчесто преку апликации за комуницирање и со користење на мобилни уреди, имаа до збор идентични одговори.
„Годинава 172 ученици се обидоа да се надмудруваат со системот, ризикуваа и си го одложија завршувањето на средното образование. Следното полагање започнува во вторник на 12 август“, информираше Јаневска.
Директорката на Државниот испитен центар, Михајловска информираше дека по однос на резултатите биле поднесени 507 приговори, а 75 ученици извршиле увид во тестовите.
Просечниот успех по мајчин јазик е 3,68, за разлика од лани кога изнесуваше 3,37. Просечната оценка по англиски јазик е зголемена од 3,06 на 3,65. Постигањата по математика изнесуваат 4,14 и се подобри од ланските 3,73. Учениците кои полагаа француски јазик остварија просечна оценка од 4,67, повисока од ланската 4,47. По германски јазик просечната оценка е 4,42, за разлика од јуни 2024 година кога изнесуваше 4,33. По естетика просекот е 4,93 и е повисок од ланскиот 4,63. Учениците по филозофија постигнаа просечна оценка 3,71.
Јаневска и Михајловска им честитаа на матурантите кои успешно го завршија полагањето и стекнуваат диплома за продолжување во високо образование или за вклучување на пазарот на трудот.
Останатите имаат можност да полагаат мајчин јазик на 12 август и странски јазик, математика, естетика и филозофија на 14 август.
Полагањето на интерните испити е од 15 до 20 август, а проектната задача треба да ја одбранат во периодот од 19 до 26 август.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

