Македонија
„Дрисла“ трет ден ги труе скопјани, Мицкоски со механизација од општествено одговорни компании ќе влезе на депонијата
За пожарот и чадот од депонијата „Дрисла“, кои трет ден ги трујат скопјани, премиерот Христијан Мицкоски вели дека има истрага, но за да каже детали, ќе почека работите да добијат свој тек. Во меѓувреме, извести дека со механизација од општествено одговорни компании ќе влезат и на депонијата „Дрисла“ и на „Вардариште“.
„Ние и овој случај нема да го оставиме вака. Веќе работиме со министерот за транспорт на општествено одговорни градежни компании, кои ќе донесат механизација и на ‘Вардариште’ и на ‘Дрисла’ и ќе можеме да дејствуваме и внатре сѐ со цел да не се случува ова континуирано“, рече денес премиерот Мицкоски по посетата на Градската општа болница „8 Септември“.
И денес премиерот зборуваше дека како професор знае оти само едно догорче од цигара може да предизвика пожар на депонијата оти таму се создава метан, кој е лесно запалива материја, а посочи и дека некому му одговара пожар на депонијата во овој предизборен период.
Премиерот Мицкски се надева дека механизацијата ќе наиде на отворени порти во депониите и потсети дека минатата година, кога неколкумина градоначалници сами се организира да го однесат ѓубрето на „Дрисла“, камионите наидоа на затворена капија.
„Се надевам дека ќе имаме простор да влеземе внатре, да не се случи повторно да дојдеме до портата и да не нѐ пуштат внатре. Така беше минатиот пат“, рече премиерот Мицксоки.
Трајно решавање на проблемот со депонијата Мицксоки најави со новиот градоначалник, а на забелешките дека тоа не треба да биде со јавно-приватни партнерство, туку да се прифати стратегијата нула отпад, тој одговори дека ќе ги покани и оние што се „за“ и оние што се „против“ за да се најде најсоодветно решение што може да се примени кај нас. Неговиот став е дека на „Дрисла“ треба да има фабрика за отпад и фабрика што од метанот ќе прави струја, кои треба да бидат дел од трајното решение.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Со емотивно видео семејствата на загинатите во „Пулс“ најавија нов протест в сабота во Скопје, следната недела почнува судењето
Здружението на граѓани „16-ти Март“ – кое го создадоа семејствата на жртвите во трагедијата која се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најави нов марш на ангелите што ќе се одржи в сабота во 12.05 часот на скопскиот плоштад.
„Од радост до тишина – нашите ангели што заминаа премногу рано. Ги испративме со песна, а судбината ни ги врати во болка. Ова видео е потсетник дека зад секоја трагедија стојат вистински животи, семејства и љубов. Да не дозволиме болката да биде заборавена – да бараме правда со достоинство и сила“, се вели во описот на видеото.
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени, почнува следната недела, на 19 ноември.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски вчера најави дека обвинението ќе го застапува тим од околу 15 обвинители, со веќе утврден план за нивна координација.
Обвинението, поднесено во јуни годинава, опфаќа 34 физички и три правни лица, обвинети за тешки дела против општата сигурност. Меѓу нив се тројца поранешни градоначалници на Кочани, четворица директори на Дирекцијата за заштита и спасување, пет државни службеници, генерален секретар и двајца поранешни министри за економија. Првообвинети се тројцата одговорни лица и сопственици на фирмата чија подружница бил кабарето „Пулс“.
Покрај главниот предмет, се води и посебна истрага против 13 полицајци поврзани со случајот, која се одвива побавно поради одложени сослушувања на сведоци. Одлуката од Јавното обвинителство се очекува на почетокот на декември.
Во Основното јавно обвинителство Кочани се води и предистражна постапка против службеници на Управата за јавни приходи.
Македонија
„Никој не сака да биде дел од компромитираната клика на Филипче, СДС е во целосен распад“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
„СДС е во целосен распад по дебаклот на локалните избори, а кадровските промени кои ги најавува Филипче пропаѓаат уште пред да почнат. Никој не сака да биде дел од неговата губитничка, арогантна и компромитирана клика. Никој повеќе не сака да се идентификува со политиките на кланот Заеви и Филипче, кои СДС од државотворна партија, ја претворија во симбол на порази, поделби, лични интереси и предавства“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче под менторство на Заев, ја уништи довербата кај граѓаните и симпатизерите на СДС, а партијата ја сведе на 120 илјади гласа, што е огромен политички неуспех на раководство во СДС.
Филипче ја турка СДС во лидерска криза. Филипче ниту кај поранешни функционери и симпатизери на СДС, не е перципиран како лидер и не ужива доверба. Дел од овие луѓе со кои Филипче се има видено изминатиов период, не сакале да бидат дел од раководството на СДС.
Дури и најгласните поддржувачи и некогашни функционери во СДС денес одбиваат да бидат дел од СДС. Никој повеќе не сака да стои зад Филипче, кој со својата неспособност и лукративни цели на кланот Заеви ја закопа партијата на дното.
СДС се соочува со лидерска криза кој ја блокира реформата во партијата. Единствениот чекор, кој може да ја спаси СДС од целосен распад, е итна оставка на Филипче и започнување на вистински внатрешни реформи“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од 15 ноември задолжително поседување зимска опрема
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека од 15 ноември до 15 март, согласно одребите од „Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата“ и Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, возилата кои учествуваат во јавен сообраќај на патиштата задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема.
Согласно одребите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, за безбедно учество во сообраќајот на патиштата. (Службен весник бр. 31 од 2010 година), како зимска опрема на моторните возила се подразбира:
За моторни возила кои не надминува 3.500 кг.:
– зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од четири милиметри;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина, со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.
За моторни возила со погон на четири тркала (4×4):
– зимски пневматици на сите четири тркала, со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм;
– пневматици со летен профил на сите четири тркала со длабочина на нагазниот слој по обем и широчина со минимум од најмалку 4 мм., ако возилото во приборот поседува синџири за снег и во случај кога имаат постојан погон, синџири за снег треба да имаат најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да имаат најмалку на постојано вклучената осовина.
За моторни возила кои надминува 3.500 кг:
– зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на нагазниот слој по обем и широчина од 6 мм.
– пневматици со летен профил на сите четири тркала, со длабочина на шарите на нагазниот слој, по обем и широчина со минимум 4 мм, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;
– автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала треба да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.
Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака „MS”, “M+S”, “M & S” и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.
Согласно одредбите од Правилникот за задолжителна опрема на возилата, во патниот сообраќај на возилата е забрането поставување на пневматици со клинци, се наведува во соопштението на МВР.
„Апелираме до возачите да се придржуваат кон законската обврска за поседување на зимска опрема, бидејќи така овозможуваме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата во зимски услови“, додаваат од МВР.

