Македонија
ДУИ го завршува својот режим на најлош можен начин, нулта толеранција за криминалот и корупцијата, велат од „Влен“
„Полициските акции за борба против корупцијата и организираниот криминал се доказ дека борбата против криминализираните лица ќе биде безкомпромисна и дека од сега па натаму ќе има нулта толеранција, без разлика на етничката припадност или позиција. Партијата нон грата ДУИ го завршува својот режим на најлош можен начин!“, велат од ВЛЕН.
„Сенката на Али Ахмети, Артан Груби и кликата на ДУИ секој ден од овие две децении го искористија за збогатување на нивните џебови, крадење и злоупотреба на власта, станувајќи синоним за криминал и корупција. Денес, последиците се јасни, илјадници Албанци беа принудени да ја напуштат својата татковина во потрага по подобар живот.
ВЛЕН е решен да ја поддржи бескомпромисната борба против криминалот и корупцијата, придонесувајќи за градење фер и чесен систем кој го запира овој егзодус и обезбедува подобра иднина за секој Албанец.
Од моментот кога станавме дел од Владата наидовме на сериозни прекршувања и неправилности на секое поле и институција. И покрај овие предизвици, ВЛЕН работи со целосна посветеност на трансформирање на овој неуспешен систем во функционален и ефективен систем кој им служи на граѓаните, а не на интересните групи.
Го поздравуваме будењето на обвинителството, кое конечно изгледа дека започнува да ја врши својата работа во согласност со законот и очекувањата на граѓаните. Бегството од правдата на лидерите на коцкањето, сенката на Али Ахмети, Артан Груби и Прпарим Бајрами, кои се претставуваа како „чисти како солза“, е уште едно потврдување колку многу тие ја злоупотребиле власта.
На сите граѓани им гарантираме дека оние кои чесно и професионално ја вршеле својата должност немаат од што да се плашат. Времето на политички монтирање и елиминации заврши. Институциите се посветени на постапување со секој случај фер и непристрасно, фокусирајќи се на прекршителите на законот, без да прават разлики“, соопшти ВЛЕН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

