Македонија
ДУИ: Деструктивните сили на странските агенди продолжуваат да сеат страв кај граѓаните
Демократската унија за интеграција го поздравува почетокот на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија.
„Утре, во Брисел, Северна Македонија и Европската Унија ќе ја одржат првата меѓувладина конференција што го означува започнувањето на пристапните преговори по долгогодишно чекање за земјата и нашите граѓани. Исто така, утре ќе започне процесот на скрининг од страна на Европската Унија на сите наши институции, процес кој уште повеќе ќе не доближи до европските стандарди“, информираат од оваа партија.
ДУИ смета дека Собранието и Владата постапија правилно, храбро и мудро во однос на предлогот на Советот на ЕУ, со што започнуваат преговорите, како и се зачувуваат идентитетот, јазикот и културата на Македонците.
„Деструктивните сили во служба на странските агенди продолжуваат да сеат политики на страв кај граѓаните преку создавање нереални ситуации за создавање политички, етнички и безбедносни тензии со единствена цел постигнување партиски придобивки, но граѓаните се оградија од овие изолирачки и деструктивни сценарија со неучеството на протестите против ЕУ“, се наведува во соопштението од ДУИ.
Времето ќе докаже, велат од оваа партија, кој е во право и кој ја злоупотребува иднината на државата за партиски кампањи и во служба на странски агенди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Куче паднало во шахта и ги изгризало каблите за интернет на две болници: ЦУК за невообичаената акција во Скопје
ЦУК информира за невообичаена и како што велат, специфична ситуација за решавање на итен случај на 112, кога куче паднало во шахта и ги изгризало оптичките кабли па без интернет биле дел од ПЗУ „Филип Втори“ и цела Поликлиника „Букурешт“, а мајсторите не можеле веднаш безбедно да интервенираат.
Кучето кое денеска паднало во шахтата ги изгризало оптичките кабли на „Македонски Телеком“ и без интернет од утрово, од околу 08.00 часот, останале дел од ПЗУ „Филип Втори“ и цела Поликлиника „Букурешт“ во Скопје. Но, по јавувањето на 112 во ЦУК, специфичната невообичаена ситуација почнала да се решава, при што вработените од Телеком не можеле безбедно да пристапат за решавање на дефектот во шахтата.
Дежурните од Секторот Е-112 и секторот СОК во ЦУК, бидејќи бил неработен ден не можеле да стапат во контакт со ЈП „Лајка“ од Скопје, па, покрај предвидените оперативни процедури, го премостиле проблемот. Тие ги поврзале активистите на Граѓанска иницијатива „Кане Корзо“ со вработените од Телеком за понатамошна заедничка постапка.
Потоа, кога завршило успешно и безбедно вадењето на кучето од шахтата, вработените од „Телеком“ се симнале и безбедно почнале да работат на отстранување на дефектот.
Не се знаело колку време кучето било паднато во шахтата, тоа било безбедно извадено и згрижено од активистите, информираат од ЦУК.
Македонија
(Видео) Маричиќ-Стевановиќ: На Собранието му требаат современи патриоти и борци за еднаквост, права и слободи
Во заедничката изјава за медиумите, Милена Стевановиќ и Бојан Маричиќ од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1, порачуваат дека „реформите ни носат системски промени и европски фондови“, но и „демократски вредности со кои се пробиваат границите за еднакви можности за жените како докажана заложба на СДСМ.
Милена Стевановиќ во својот дел на изјавата истакнува дека „СДСМ, Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ и другарите социјадемократи се оние кои со знаење и капацитет можат да ја придвижат земјата напред“.
„Нам ни требаат луѓе како Бојан. Со исклучително познавање на институциите на ЕУ, со чиста и прогресивна мисла, вистински современи патриоти кои додека ја внесуваат земјата во ЕУ го штитат и промовираат македонскиот идентитет“, истакнува Стевановиќ.
Tаа ги повикува сите македонски демократи „во среда на 8 мај сите кои се за подобра, современа и демократска Македонија да го заокружат бројот 1 за европска Македонија“.
Бојан Маричиќ ја посочува Милена Стевановиќ како „претставник на прогресивното женско движење“.
Маричиќ порачува дека со Стевановиќ, Македонија и македонското општество ќе имаат „напредок на полето на јавното здравје, на полето на женското здравје и машкото здравје“.
„На Собранието и треба Милена Стевановиќ, врвен професионалец кој го предводеше целиот тим на инфективната криза за време на пандемијата од ковид и која во исто време се докажа како храбар и непоколеблив борец за постојано унапредување на правата на жените“, истакнува Маричиќ.
Порачува дека е важен гласот на жените, девојките, демократи и демократки.
„Вашиот глас за СДСМ и за Милена Стевановиќ на овие избори е глас за жените како еднаква силна движечка сила на општеството“, нагласува Маричиќ во заедничката изјава со Милена Стевановиќ, како кандидати за пратеници на СДСМ и на Коалицијата за европска иднина во изборната единица 1.
Македонија
Сообраќајка на патот Радовиш – Штип, сообраќајот во прекин
Од 18:05 ч. сообраќајот на магистралниот пат Радовиш – Штип, во близина на „Алкопласт“, е во прекин поради сообраќајна незгода, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.