Македонија
ДУИ има план „Б“ ако опозицијата не ги поддржи уставните измени
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на прес-конференција го изнесе предлогот од три точки на ДУИ за опозицијата да ги прифати уставните измени.
Османи, кој е и портпарол на интегративците, одговарајќи на новинарски прашања за уставните измени рече дека првата точка е опозицијата да ги поддржи уставните измени кои би влегле во сила до втората меѓувладина конференција, втората е повлекување на ДУИ од Владата, вклучувајќи ја и пржинската од 100 дена, и третата точка, која е нивен услов е по гласањето веднаш да се почне со истрага за политичките партии тргнувајќи од претседателите до членовите на претседателствата и сите други раководства со присуство на експерти од меѓународната заедница.
Османи кажа дека по лидерската средба помеѓу првите луѓе на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, станало јасно дека контекстот во врска со уставните измени е променет.
„Не се проблематични уставните измени, сега е моментот да се постигне консензус. Затоа ги претставивме сите можни понуди“, рече Османи кој потоа додаде: „Доколку и ова потфрли и пропадне тогаш имаме план Б, но не можам да ви го претставам резревниот план, бидејќи не би било стратегија. Но ви гарантираме дека во тој случај ќе се реализира планот Б до крајот на годината“.
Во врска со одложена примена на уставните измени што ја бара ВМРО-ДПМНЕ, односно уставните измени да стапат на сила кога Македонија ќе влезе во ЕУ, Османи рече дека такво нешто повеќе би важело доколку има промена во нормативниот дел од уставните измени од кој произлегуваат законски решенија.
„Ако прифатиме одложено дејство им укажуваме на земјите членкидека Бугарите нема да ги третираме исто како Турците, Албанците, Србите, Власите сè до членство во ЕУ. Затоа нема логика одложеното дејство на уставните амандмани“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Доживотен затвор за братоубиецот во Кавадарци: го убил бидејќи верувал дека сака да го преземе целиот имот
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кавадарци, Основниот суд во Кавадарци изрече пресуда врз основа на признание на вина со која го огласи за виновен 43-годишниот С.И. за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 (од користољубие) и го осуди на казна доживотен затвор.
Обвинетиот на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат Илија Иванов. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението беше поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото онака како што беше наведен во обвинителниот акт.
При изрекувањето на пресудата, Судот донесе Решение со кое на осудениот му ја продолжи претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор, соопшти обвинителството.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Стапката на сиромаштија бележи намалување, а „џини индексот“е првпат под 30% во последните 30 години
Во текот на денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања се осврна и на последните статистички податоци за сиромаштијата во земјата.
„Што се однесува до стапката на сиромаштија, сакам да кажам дека во 2024 е подобра од 2023 и е најдобра од 2020 па наваму. Ако во 2020 стапката на сиромаштија била 23%, во 2023 година била 22,2%, во 2024 година таа е 21,9%. Кога станува збор за нееднаквоста на доходите односно т.н. „џини индекс“ во Македонија, е исто така најдобар во последните 4 години во 2024 година. Од 33,3% сега е на 29,1% и е најдобар во регионот“, изјави премиерот Мицкоски.
Тој истакна дека „џини индексот“ е прв пат под 30% во последните 30 години и е подобар од европскиот просек и од сите држави во регионот, а тоа значи дека има поголема еднаквост во распределбата на приходите помеѓу населението.
Македонија
Алиу: Клиниката за гинекологија e симбол за нов живот, извршено реновирање и унапредување на условите за мајките и новороденчињата
Министерот за здравство, Азир Алиу заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска ја посетија Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, каде е извршено реновирање на повеќе простории кои секојдневно ги користат илјадници пациентки.
Вкупната инвестиција изнесува над 34 милиони денари.
– Гинеколошко-акушерската клиника е место каде што започнуваат нови животи, каде што се носат најтешки одлуки и каде што довербата во здравствениот систем мора да биде апсолутна. Затоа секоја инвестиција тука има посебна тежина и посебна одговорност. Од вкупната површина на клиниката, реновирани се 2 илјади квадратни метри, односно целото приземје кое го опфаќа влезниот хол, поликлиничкиот дел со амбуланти, HPV лабораторијата, биохемиската лабораторија, како и амбулантата за итни случаи. Ова значи подобра организација, побрза услуга и поквалитетна грижа , токму таму каде што е најпотребно, рече Алиу.
Тој посочи дека е особено значајна и новата настрешница од 420 квадратни метри на платото на Клиниката, што овозможува побезбедно и подостоинствено прифаќање на пациентките кои се транспортираат од други здравствени установи, а воедно со оваа инвестиција се покажува грижа, безбедност и почит кон секоја жена што доаѓа на клиниката во чувствителен момент.
– Оваа инвестиција е реализирана целосно со средства на самата Клиника. Тоа зборува за одговорно управување, визија и посветеност на раководството и вработените. Како Министерство за здравство, наша задача е да создаваме услови во кои здравствените работници ќе можат да ја дадат најдобрата можна грижа, а пациентите ќе се чувствуваат сигурно, почитувано и згрижено, заклучи министерот.

