Македонија
ДУИ: Коридорите имаат голема поддршка од САД, опозицијата сака да го оцрни проектот
Демократската Унија за Интеграција ја поздравува одлуката на Собранието да ги усвои законите кои го отвораат патот за поевтина и побрза изградба на Коридорот 8 и 10Д, најголемите инфраструктурни проекти во историјата на државата.
„Мнозинството пратеници со својот глас ставија крај на тенденциозната блокада на опозицијата, која за жал реши да се построи против овој капитален проект, обидувајќи се по секоја цена да го оцрни и покрај тоа што тој ја има големата поддршка од Соединетите Американски Држави“, велат од ДУИ.
Според нив, опозицијата на чело со Мицкоски реши да гласа против проектот што значи нова димензија на развој и ефикасно движење, но сепак нема да успее да го држи во заложништво економскиот развој на државата, a коридорите ќе се градат.
Велат дека историјата денес ќе ги запамети оние кои гласаа „за“ правилната кауза на развојот, како што ќе ги запамети и оние кои се построија против оваа кауза и на штета на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Боки-13 за операцијата „Бумеранг“: поднесе кривични против Заев, Спасовски, Русковска
Бојан Јовановски – Боки 13 поднел кривични пријави против поранешниот премиер Зоран Заев, екс министерот за внатрешни – Оливер Спасовски, и двајцата генерални секретари на СДСМ, поранешниот Александар Кирацовски и актуелниот, Миле Зачевиќ, како и против поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска.
Тој дошол во Обвинителството на покана на актуелниот шеф на оваа институција, Ислам Абази.
Најави дела кривично-правната операција е наречена „Бумеранг“.
-Сите мои наводи и описот на настаните ќе бидат материјализирани со докази кои потекнуваат од мојот телефонски уред кој беше одземен при моето апсење во предметот Рекет. Се работи за кривични дела кои што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и овластување, за изборни измани, незаконско финансирање на политичка партија, злоупотреба на јавните набавки“, додаде тој.
Најави и продолжение на предавање на докази во писмена форма.
„Поднесена е кривична пријава и против Вилма Русковска за злоупотреба на службена положба, примање поткуп, примена на тортура. Зоран Заев е скоро во секоја пријава#, кажа Јовановски.
Македонија
Мицкоски на средба со коалицијата: доби поддршка за почнување преговори за состав на идната влада
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со претседателите на партиите во состав на коалицијата „Твоја Македонија“.
Беше констатирано дека коалицијата оствари успешен и историски резултат, кој создава и одговорност за реализирање на очекувањата.
Мицкоски доби поддршка од претседателите на коалициските партии за почнување преговори за состав на идната влада.
Според заклучокот на состанокот, разговорите треба да се водат врз основа на постулати за забрзан економски развој на Македонија, силна борба против криминалот и корупцијата и европските интеграции врз база на принципи и вредности, соопштија од партијата.
Македонија
Лукаревска: СДСМ секогаш бил достоинствен поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и одговорноста, јас не сакам да бидам исклучок
Изборните резултати ги искушуваат нашата искреност како политичари и искреноста на нашите зборови дека сме ја разбрале вашата порака, напиша на социјалните мрежи потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, откога неколку членови и партиски функционери во СДСМ претходно си поднесоа оставки.
СДСМ, додава таа, секогаш бил достоинствен и поради зрелоста на неговите раководства да се соочат со поразот и со одговорноста.
„Јас не сакам да бидам исклучок. Благодарам за укажаната доверба да бидам заменик-претседател на СДСМ. И таа должност ја извршував со почит, совесно, одговорно и чесно. Секако, со поддршка од сопартијците и незаменливата потпора од моите родители. Благодарам е најмалку што можам да им речам.
Горда сум што 8 мај беше празничен ден за демократијата. Тоа беше и суштината на борбата на СДСМ за ослободување од ‘заробената’ држава. Воедно, им благодарам на сите граѓани за секој глас за СДСМ, особено во Третата изборна единица. Вредна за внимание е и пораката од оние што не излегоа на гласање, како и на оние што гласаа против.
На ред е нашата внатрепартиска средба со вистината. На отчетниот конгрес на СДСМ неминовна e отворена, искрена и самокритична анализа на нашите погрешни чекори, на лошите кадровски решенија, како и за нашата немост за успешните политики што ги спроведовме во исклучително тешки услови предизвикани од светските кризи.
Го презедовме товарот и на тешките политички одлуки. Но, тоа е СДСМ кому државата, нејзината стабилност и иднина секогаш му биле пред сė друго. Така било. Така мора и да остане“, порача во напишаното Лукаревска.
Оценува дека на Македонија ѝ потребен СДСМ.
„Што побргу заедно ја консолидираме партијата толку побргу ќе можеме да кажеме – тука сме. Јас верувам во СДСМ, а уште повеќе во неговата сила да се реформира, да се обедини и да се подготви.
Честитки на победникот и на сите 120 пратеници.
Во искреното соочување со причините за изборниот пораз е нашата прва победа. Тоа е најмалку што им го должиме на сопартијците, на симпатизерите и поддржувачите на СДСМ, но и на демократска Македонија“, додава Лукаревска.