Македонија
ДУИ: Мицкоски со антиалбанска реторика стреми да го запре падот на рејтингот
Демократската унија за интеграција ја осудува антиалбанската реторика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со која тој бара слабеење на политичкото претставување и дефакторизирање на Албанците во земјата.
„Во 2022 година, сè уште имаме политички лидери во земјата кои продолжуваат да демонстрираат непочитување кон изразената волја на албанските граѓани за нивно политичко претставување со цел очајно да освојат некои екстремистички гласови во сенка на нивната опаѓачка популарност. Денешната изјава е демонстрација на тенденцијата на Мицкоски дека ги сака немоќните, безгласните, нефакторизирани Албанци, во негова служба и на нивните моноетнички, антиевропски и антиамерикански агенди. На ВМРО му пречи Демократската унија за интеграција и нејзиниот проевропски и проамерикански став“ соопштуваат од ДУИ.
Оттаму посочуваат дека партијата „има целосен легитимитет од граѓаните на демократски избори и ја материјализираше таа доверба работејќи на факторизирање на нивниот глас и потреби, во корист на мирот, демократските процеси, еднаквоста, интеграцијата во НАТО, добрососедството и унапредувањето на процесот на интеграција во Европската Унија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

