Македонија
ДУИ: Нема да дозволиме ретроградните сили да ја закочат иднината на граѓаните
Демократската унија за интеграција ја повикува опозицијата да го прифати и поддржи Договорот за добрососедство со Република Бугарија, којшто е меѓународен договор и согласно Уставот неговото правно дејство не може да се менува, изјави на прес-конференција Арбер Адеми, координатор на пратеничката група на ДУИ.
Тој рече дека иницијативата за организирање референдум е спротивна на Уставот.
„Очигледно, опозицијата намерно ја има смислено и поднесено иницијативата на правно неиздржан начин за организирање референдум, која е спротивно на Уставот, и со единствена цел, за да биде одбиена и притоа да создава поделби и тензии меѓу граѓаните, да го манипулира народот иако знаат дека референдумот нема никакви шанси да успее.
Иницијативата на опозицијата е насочена кон попречување на патот кон Европската Унија. Жалам за антиевропското убедување и дејствување на опозицијата, но едно е јасно, дека враќање назад нема да има, дека земјата нема да се изолира од останатиот демократски свет. Сега кога веќе официјално почнавме преговори со Европската Унија, повикуваме на формирање широк проевропски фронт на политички партии, невладини, медиуми, граѓани.
Го повикуваме проевропското крило во рамките на опозицијата да направи сè за да не се загрози членството на Република Северна Македонија во НАТО и да запре нејзиниот европски пат. Префрлањето на одговорноста на граѓаните е барање алиби за сите неуспеси овие години и погрешно постројување во регресивни сили преку сеење магла и оспорување договор кој придонесе членство на нашата држава во НАТО“, изјави Адеми.
Тој рече дека е крајно неодговорно и недозволиво да се потрошат 8 милиони евра за организирање референдум, во време на најголемата економска и енергетска криза.
„Kога е во прашање државниот и национален интерес, Демократската унија за интеграција нема да дозволи ретроградните сили да ја закочат иднината на Република Северна Македонија. Граѓаните веќе јасно го дадоа својот глас, тие се за Европска Унија и НАТО и заедно со нашите меѓународни партнери и САД, ќе продолжиме успешно да ја остваруваме нашата цел, членство на Република Северна Македонија во големото европско семејство“, порача Адеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

