Македонија
ДУИ од петок повторно состаночи, Ахмети ќе одлучи за потписите
Демократската унија за интеграција и СДСМ ги усогласија измените на законот за употреба на албанскиот јазик, откако во среда Централното претседателство на ДУИ ги разгледа и ги прифати предлозите од работната група на СДСМ.
Сепак, како што велат од партијата, некои делови се недоречени и на нив ќе се работи во следните денови. Не се открива што точно значи усогласување на решениејата околу употребата на албанскиот јазик во Македонија, но тврдат дека се е во рамки на Уставот, а се овозможува одредена поширока употреба на јазикот.
По седумчасовниот состанок на Централното претседателство на ДУИ во Мала Речица, не се донесе конечна одлука ДУИ да му ги даде потребните потписи на Зоран Заев за да обезбеди мнозинство во Парламентот, услов поставен од претседателот Ѓорге Иванов, за да го додели мандатот повторно, откако првиот мандатар Никола Груевски, не успеа да состави Влада, во законски определениот рок, по одржаните предвремени парламентарни избори во декември лани.
Централното претседателство на ДУИ го овластило Али Ахмети како лидер на партијата да има мандат во секој момент да донесе одлука за потписите на пратениците на ДУИ за поддршка на Зоран Заев да го земе мандатот од Иванов.
Од ДУИ најавија дека по маратонскиот состанок на Централното претседателство во среда, во четврток ќе одмараат, а во петок повторно ќе се состанат. Но, појаснуваат дека можно е и тој состанок да се одолжи на неколку дена додека не се донесе конечната одлука.
Извори од ДУИ посочуваат дека освен за јазикот, партијата ги има прифатено и решенијата за економска рамноправност на општините, односно рамномерно распределување на средствата од Буџетот, за рамномерен регионален економски развој.
Откако Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ не успеа да состави влада во законски предвидениот рок откако му беше доделен мандатот, сите лидери на парламентарни партии беа на средба кај Претседателот Ѓорге Иванов, кој пак за да го додели мандатот повторно побара да му се достави список со потписи на најмалку 61 пратеник, или просто парламентарно мнозинство. Од тогаш никој не успеа да го обезбеди тоа, иако Зоран Заев очекува мандатот да му го додели него и во јавноста се проширија информации дека има и повеќе од потребните потписи.
На предвремените парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ освои 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, БЕСА 5, Алијанса на Албанците 3 и ДПА 2 мандати./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

