Македонија
ДУИ: Омилената српско-бугарска компанија на Изет, „Мегавин Меџити“, веќе 7 години нелегално организира онлајн-коцкање
Откривме дека коцкарскиот монопол во државата под контрола на српско-бугарската приватна компанија го финансирала новиот директор на Лотаријата, Климовски, со над 140.000 евра, а тие за себе заработиле над 100 милиони евра на сметка на државата и граѓаните. Откривме и дека оваа добивка, омилената српско-бугарска компанија на Изет, „Мегавин Меџити“, и Арбен Таравари ја имаат постигнато со целосно незаконски договор, потсетуваат од ДУИ.
„Власта во брзање да го врати и обезбеди монополот на српско-бугарското казино по налог на српскиот сопственик, во Собранието одобри автентично толкување кое на површина го извади целиот криминал на спонзорите на Изет МегаВин Меџити. Замислете го апсурдот, пратениците побараа толкување на членот 7 од законот за игри на среќа, а Владата одговори со толкување на членот 165 како преодна одредба од истиот закон. И покрај одлуките на Уставниот суд бр. 87 од 2011 година и бр. 156 од 2019 година како и во бројните претходни мислења на Министерството за финансии и Владата како и во стручното мислење, моноетничката Влада и собранието арбитрарно одлучија дека никој, ниту една компанија, немала право да организира онлајн коцкање од 1 јануари 2017 година. Ова автентично мислење од 13 август 2024 година, обзнани дека омиленото српско-бугарско казино на Изет, ‘Мегавин Меџити’, целосно нелегално организирала онлајн-коцкање преку нивната интернет-платформа 2win.mk од 1 јануари 2017 година, кога владата била предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сè до 2024 година, оштетувајќи ја државата за десетици милиони евра“, реагираат од партијата на Ахмети.
Ги повикуваат институциите, Обвинителството, финансиската полиција, Министерството за внатрешни работи и антикорупциската комисија веднаш да дејствуваат.
Според Крешник Бектеши, само „Вреди“ ја брани српско-бугарската приватна компанија бидејќи, како што велат, „Изет Мегавин Меџити“ заедно со Арбен Таравари се стави во целосна услуга на монополот на српско-бугарската приватна компанија и директорот на Лотаријата, Александар Климовски, во коцкарската индустрија затоа што се финансирани од нивните валкани пари.
„’Вреди’ ги измами Албанците, го назначи Амет Мифтар за заменик-директор на Лотаријата, не затвори ниедно казино или обложувачница, дури ни онлајн-коцкањето не го затвори, а двапати по ред гласаше против нивното затворање во Собранието, и продолжува слепо да ѝ служи на коцкарската индустрија“, додаде Бектеши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

