Македонија
ДУИ во опозиција ја смени песната, вели ВМРО-ДПМНЕ
„ДУИ треба да сфати дека мора да прекине со манипулациите. Едно зборуваа кога беа на власт, сега во опозиција друго. Да ги потсетиме ДУИ, кога беа на власт усвоија Стратегија за реформи во администрација за 2023-2030 година. Во истата констатираат дека балансерот како алатка се злоупотребува и треба да се укине. И Брисел порача и тоа јасно дека балансерот треба да се укине“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како за ДУИ во 2023 година балансерот се злоупотребувал, а сега е неопходен?! ДУИ додека беше на власт беше преоптоварена со местење тендери, бизниси во четири очи, а наоѓаа време во државни институции да играат фудбал.
ДУИ додека беше на власт не ја интересираше што стотина илјади млади заминаа, што граѓаните лошо живееја.
Сега ја сменија песната затоа што се опозиција имаат слободно време и гледаат само како да напаѓаат.
Сега од ДУИ гледаат само како да направат незадоволство, да дестабилизираат, односно како да го одвлечат вниманието од главната тема, а тоа е дека нивните функционери треба да одговараат.
ДУИ има една цел нивните функционери да не одговараат на ниеден начин и тоа се спремни да го попречат по секоја основа.
На ДУИ им порачуваме дека нивните обиди за замајување на јавноста не поминуваат!“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Сообраќајот низ државата се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, на планините снег
Облачно, со повремени врнежи од дожд кои ќе бидат поинтензивни во југоисточните делови (над 15 l/m²), а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух вренежите од дожд ќе преминуваат во снег и на некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 11 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Денеска ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен дожд, во југозападните делови над 15 l/m², а на повисоките места врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Нови врнежи ќе има и во текот на седмицата кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег. Од денеска ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер.

